РОДОСЛОВ Лука

Проф. д-р Ратомир Грозданоски

РОДОСЛОВОТ НА ГОСПОДА ИСУСА ХРИСТА.
ПРЕДЦИТЕ НА ГОСПОДА ИСУСА ХРИСТА
(Лука 3,23-38; Матеј 1,1-18)

     Евангелистот Лука родословот на Господа Исуса Христа не го поставил во почетокот на Евангелието како што направил Матеј, туку го вметнал по крштевањето и откако Христос бил посведочен како Син Божји во Јорданското Богојавување. Но, тоа го направил непосредно пред да започне Неговата месијанска дејност и пред искушувањето на Господа Исуса Христа во пустињата. Свети апостол Лука, откако Γо претставил Господа Исуса Христа како Син Божји, сака да ја претстави и да ја дефинира Неговата Богочовечка природа и месијанска лоза. Со тоа, пак, им помага на читателите да ја согледаат спасителната улога на Господа Исуса Христа.
И двајцата евангелисти, Матеј и Лука, кои ја запишале Христовата генеалогија, имале основна цел да се претстави Господ Исус Христос и како вистински човек, а не како некаков полубог или получовек сличен на многубожечките митологии. Фактот што во двата евангелски родослова се истакнува врската со Давида, претставува сведоштво дека им било особено важно да се нагласи месијанството.
Во двете генеалогии има и сличности и разлики во претставувањето на листата од праотците на Господа Исуса Христа. Сепак, основната цел, како и кај другите библиски родословија (на пример: 1. Мој. 5,1-32; 11,10-32), така и овде, требало да се прикаже и да се види како напредувала историјата на Божјата промисла и како се исполнувала волјата Божја во врска со Спасителот на светот. Овде се докажува дека Бог Својот план за спасение на човекот Го остварувал долготрајно и дека Своето ветување целосно го исполнил.
Дека Господ Исус Христос е вистинскиот Месија, јасно се гледа од неговиот родослов и кај Матеј, Којшто доаѓа од Авраама, и кај Лука, којшто ја нагласува Неговата врска не само со Израилот, туку и со целото човештво.
Со тоа што генеалогијата во Евангелието според Лука води до Адама и до Бога, се покажува дека Христос е Син Божји и вистински Спасител на целото човештво. Таква е христологијата на апостол Лука, а во неа Господ Исус Христос се претставува како втор Адам и родоначалник на новото човештво кое е измирено со Бога, бидејќи Он е Спасител на целиот свет.

Извори за генеалогијата на Господа Исуса Христа

     За да се напише родословот на една личност и да се отиде со векови наназад, па дури и до Адама, потребни се извори од усното предание, но и запишани документи. Со потврдувањето дека постоеле вакви извори за генеалогијата, се посведочува и автентичноста на Христовиот родослов. На овој начин, се одговара и на сомнежите и на прашањата: дали навистина Христовиот родослов, запишан во евангелијата, има историска вистинитост.
За пишувањето на Христовиот родослов постоеле сигурни и автентични извори, бидејќи за Евреите претставувала особено важна работа да се чува, помни и запише родословието, оти сите знаеле дека Бог им ветил дека ќе им испрати Месија од нивниот род. Јудејскиот историчар Јосиф Флавиј вели дека имињата на најважните личности, старешините во Израилот, биле верно чувани, запишани на јавни таблици и пренесувани со Евреите во Египет и Вавилон, и пак донесени во Ерусалим. А, со посебно внимание и грижа бил зачуван родословот на царот Давид, од кого требало да произлезе Господ Исус Христос. Ваквите документи биле основа за евангелските родослови на Господа Исуса Христа .

Разликите и сличностите меѓу родословите
во евангелијата според Матеј и Лука

     Меѓу двата евангелски родослова постојат и сличнности и разлики. Тие не можат во сè да се ускладат, но тоа не значи дека си противречат, туку се дополнуваат. А приодот им е различен.
Евангелистот Матеј во родословот ја употребува шемата на три родословни целини, од Господа Исуса Христа до Авраама, со по четиринаесет раѓања. Тоа го поврзува со името на царот Давид, бидејќи толку е вкупниот збир на неговите букви со значење на броеви.
Лука, пак, во својот родослов од Јосифа до Давида, раѓањата ги распоредува во шест групи по седум имиња, а имињата од Адама до Давида ги дава петпати во групи по седум родови. На тој начин, покрај поставената и нагласена врска на Господа Исуса Христа со Давида и Авраама и Неговото месијанско потекло по тело, се нагласува и цврстата историска поврзаност на Синот Божји со Адама и со целото човештво, т.е. со Бога Отецот како Создател на сè (Дела 7,19-24) и Господ Исус Христос како Спасител на сите.
• Кои се главните сличности во двата родослова?
1. Раѓањата се прикажани по машка линија преку Јосифа.
2. Исти се имињата на предците од Давида до Аминадава (Лука 3,31-33; Матеј 1,3-5).
3. Исти се имињата на родовите од Херсона до Авраама (Лука 3,33-34).
• Кои се главните разлики во двата родослова?
1. Лука не спомнува жени во родословот, а Матеј спомнува.
2. Лука го изведува родословот до Адама, а Матеј до Авраама.
3. Лука го започнува родословот од Исуса и оди наназад до Адама, а Матеј го започнува од Авраама, па иде до Исуса.
4. Лука го поставил родословот во Евангелието дури по крштевањето на Господа Исуса Христа, а Матеј со родословот го започнал Евангелието.
Овие главни разлики можат да се објаснат во основа преку две сознанија:
1. Лука и Матеј приоѓаат различно кон родословот.
2. Лука имал поинаква цел, отколку Матеј и затоа има продолжен родослов со повеќе раѓања, кој оди до Адама, сакајќи да Го претстави Господа Исуса Христа како Спасител на сите луѓе. Матеј, пак, сакал да каже дека Христос произлегол од еврејскиот народ, од Авраама и Давида.
Лука се користел со библискиот свет број седум. Тој е многу застапен во целото негово евангелие, а посебно во родословот. Од Јосифа до Авраама наброил седумпати по единаесет имиња. По овие единаесет групи на родословот, Господ Исус Христос ја започнува дванаесеттата група, т.е. последната низа од седумката, што значи, се поврзува со есхатонот. Според ова, произлегува дека во родословот на Лука имаме седумдесет и седум имиња, а тоа е двојност од совршениот број седум (77), а Давидов е бројот четириесет и два (шест по седум или половина од Христос, Којшто ја започнува дванаесеттата група!).
Матеј сакал да го докаже идентитетот на Господа Исуса Христа како дел од еврејскиот народ и да го поврзе со еврејските праотци, пророци, цареви и првосвештеници, покажувајќи дека во Христа Спасителот се обединуваат трите служби (пророчката, првосвештеничката и царската).
Лука, пак, покрај јасното докажување дека Христос има давидовски идентитет, нагласува дека Бог спасението го дава не само за Израилот, туку за сиот човечки род.

Разјаснување на различните имиња во родословите кај Матеј и Лука

     Во двата родослови кај имињата од Авраамa до Давидa, не постојат значајни разлики, но од Давида натаму тие разлики се зголемуваат.
Како библиската наука и Црквата ги разбираат овие разлики?
Постојат неколку објаснувања:
1. Се смета дека во Евангелието според Матеј е претставен родословот на Јосиф, којшто не бил природен, но законски татко на Исуса Христа. А во Евангелието според Лука е претставен родословот на Марија, мајка Му преку која го добил телото и се претставува Неговата телесна природа. Ова толкување се појавило во XVI век и има бројни приврзеници во традицијата на Црквата, но и во библиската наука.
Претставниците на ова мислење велат дека евангелистот Матеј, бидејќи Евангелието го упатил кон христијаните од јудејството, сакал да го претстави законското потекло на Господа Исуса Христа преку неговиот законски татко Јосиф, а не природен. И тоа потекло ја водело месијанската идеја до Авраама.
Лука, пак, бидејќи своето Евангелие го пишува за христијаните од многубоштвото, најважно му било да покаже дека Господ Исус Христос е дојден како Спасител на светот, во вистинско човечко тело и како вистински Бог станал вистински човек, воплотувајќи се и раѓајќи се од Пресвета Дева Марија, за да го спаси човечкиот род: од Адама до последниот човек на светов.
2. Јулиј Африканец од III век вели дека разликата во двата евангелски родослова е поради левиратскиот брак. Имено, кај Лука, татко на Јосиф е „Илија“, а кај Матеј е „Јаков“. А „Илија“ и „Јаков“ биле браќа од иста мајка, но од различен татко. „Илија“ бил роден од татко од родот на Давид, а „Јаков“ потекнува од родот на Соломон. Кога умрел „Илија“, полубрат му „Јаков“, според левиратскиот закон (5. Мој. 25,5-10; Матеј 22,23-33), ја зел неговата жена, за да го продолжи родот на брат му. Од тој брак се родил Јосиф. Тој бил природен син на „Јаков“, а законски син на „Илија“. Според тоа, Матеј родословот го запишал и ја дал генеалогијата според природниот татко Јосифа – „Јаков“, а Лука според законскиот татко „Илија“. Ваквата разлика се совпаѓа со имињата на родословот и затоа ова размислување нашло поддршка во црковната традиција.
Сепак, кон ова објаснување се употребува забелешката дека според левиратскиот закон, вдовицата ја земал само братот од ист татко. Доколку постоел навистина овој левиратски брак, немал основа во Мојсеевиот закон. Јулиј Африканец спомнува за вистинитоста на левиратскиот брак, а тоа го слушнал од предците на некои роднини од Јосифа.
3. Евангелистот Матеј во Христовата генеалогија ги запишал имињата на луѓето кои законски – правно биле наследници на Давидовиот престол, а евангелистот Лука ги запишал Давидовите наследници од коишто, по лозата на раѓање, потекнувал Јосиф. Но, бидејќи „Јаков“, татко му на Јосиф (како што стои во Евангелието според Матеј) умрел бездетен, па тука лозата се префрлила преку „Илија“ (вели Евангелието според Лука).
За да се објасни ова што Јосиф имал двајца татковци, блажени Августин поставил хипотеза за адоптација (посинување на дете). Имено, Јосиф бил роден од еден, а усвоен од друг татко. Во Израилот, посвојувањето деца било стара практика – пример: кога патријархот Јаков ги повикал Ефрем и Манасија. Покрај ваквиот начин на посинување деца, кај Израилците постоела практика зетот да го заземе местото на синот. Притоа, раѓањата од зетот се сметале за наследници на родот од дедото. Ваков вид адоптација – посинување на зетот е забележан во Стариот завет (Неем. 7,63; 1. Лет. 2,34-35). Во Израилот адоптацијата била применувана за да се продолжи родот онаму, каде што немало природни синови.
Во генеалогијата на Господа Исуса Христа, адоптацијата е извршена на следниов начин:
Јосиф бил природен син на „Јаков“, тој законски се оженил со Марија, ќерката на „Илија“. Потоа, како негов зет, преминал во родот на „Илија“ преку адоптацијата, станувајќи негов син. Затоа, евангелистот Лука, претставувајќи го Јосифовиот родослов, ги спомнува предците на Дева Марија.
Која од овие три хипотези е најточна?
Во библиската наука сè уште не е потврдено, па тоа значи дека сите имаат свои приврзаници, а најмногу последната хипотеза за адоптацијата.
Најпосле, ќе речеме дека најважно е тоа што Господ Исус Христос бил ветениот Месија од родот Давидов, било да се оди по раѓањата на Пресвета Дева Марија или од Јосифа.

3,23.Кога почна Исус да проповеда, имаше околу триесет години и беше, како што мислеа, син Јосифов, Илиев.

Евангелистот Лука кажува значајни факти и сведоштва од хронологијата на Господа Исуса Христа. Зборовите ,,кога почна“ (ἀρχομενός), претставуваат укажување на еден значаен почеток, и тоа не само хронолошки и географски, туку сотириолошки и теолошки (слични изрази се употребени кај евангелистот Лука во: Лука 1,2; Дела 1,22; 10,37).
Што почнал Господ Исус Христос? – ,,Да проповеда”. Ова значи дека ја започнал Својата јавна спасителна дејност.
Единствено Лука кажува на која возраст бил Господ Исус Христос, велејќи: ,,имаше околу триесет години“. Изразот ,,околу“ покажува отприлика или непрецизно точно време, но сепак јасно, дека ова заокружено кажување се совпаѓа со возраста кога, според јудејството, личноста се наоѓала во значајно време на зрелост и премин од еден во друг период на животот.
Имено, според сведоштвото во Стариот завет, цар Давид имал триесет години кога бил помазан и устоличен за цар на Израилот (2. Цар. 5,4). На таа возраст левитите почнувале со својата свештеничка служба (4. Мој. 4,47). И Јосиф имал триесет години кога се претставил пред фараонот и му станал помошник на царот египетски (1. Мој. 41,46). А пророкот Језекиил ја спомнува триесеттата година кога почнува со пророкувањето, кога му се отвориле небесата и ги видел Божјите виденија (Језек. 1,1). Сето ова сведочи дека триесетгодишната возраст е периодот кога започнува царската, свештеничката и пророчката служба за избраниот Божји народ.
Таквата дејност на ,,триесет години“ ја започнал и Господ Исус Христос, Кој е цар, првосвештеник и пророк.
Зошто е употребен изразот ,,како што мислеа“ – и се додава ,,син Јосифов, Илиев“? Со зборовите ,,како што мислеа“, евангелистот Лука сака да покаже дека Господ Исус Христос не е природен син, бидејќи света Дева Марија останала браконеискусна (како што вели црковната песна) и Јосиф бил само нејзин сопруг според Законот. „А Марија му рече на ангелот: ,Како ќе биде тоа, кога јас не знам за маж?‘ “ (Лука 1,34). Господ Исус Христос се родил од Девица и од Бога – од Мајка без татко, како што во вечноста се родил од Татко без мајка. Тоа значи: ,,како што мислеа“ луѓето дека тоа е син Јосифов, а вистината е дека Неговото зачнување е од Светиот Дух во Пресвета Дева Марија. Господ Исус Христос е Син на Богородица, а не и Јосифов и неговото месијанско потекло во родословот се определува дека е од Давидовото колено, законски, а не и природно преку Јосифа, – а и законски и природно преку света Дева Марија (Лука 1,23-31).

3,24-31. Мататов, Левиин, Малхиев, Јанаев, Јосифов,
Мататиев, Амосов, Наумов, Еслимов, Нагеев,
Маатов, Мататиев, Симеиев, Јосифов, Јудин,
Јоананов, Рисаев, Зоровавелов, Салатиилев, Нириев,
Мелхиев, Адиев, Косамов, Елмодамов, Ириов,
Јосиев, Елизеров, Јоримов, Мататов, Левиин,
Симеонов, Јудин, Јосифов, Јоананов, Елијакимов,
Мелеаев, Маинанов, Мататаев, Натанов, Давидов,

Во овие стихови се набројуваат раѓањата до Давида. Во нив предизвикува внимание спомнувањето на пророкот „Натан“ како син Давидов (Лука 3,31; сп. Лука 1,27).
Евангелистот Матеј, пак, во родословот јасно истакнува дека Соломон е Давидов син, првороден (Матеј 1,6), но Лука не го пишува првородениот син Соломон, туку во родословот го вметнува третиот Давидов син – „Натан“ (2. Цар. 5,14). Ова Лука го направил намерно, за да Го поврзе Господа Исуса Христа со пророчкиот дар што го имал „Натан“.

3,32-34. Јесеев, Овидов, Воозов, Салмонов, Наасонов,
Аминадавов, Арамов, Есромов, Фаресов, Јудин,
Јаковов, Исаков, Авраамов, Тарин, Нахоров,

Во овие стихови се набројуваат раѓањата до „Авраама“ и продолжуваат. Евангелистот Лука и претходно, кога го опишува Благовестието и раѓањето на Господа Исуса Христа, особено нагласува дека во Богомладенецот и во делата на Спасителот се исполнуваат ветувањата дадени на „Авраама“. Матеј, пак, родословот го завршува со „Авраама“.

3,35-38. Серухов, Рагавов, Фалеков, Еверов, Салин,
Каинанов, Арфаксадов, Симов, Ноев, Ламехов,
Матусалов, Енохов, Јаредов, Малелеилов, Каинанов,
Еносов, Ситов, Адамов, Божји.

Родословот кај евангелистот Лука продолжува сè до „Адама“, што претставува сведоштво дека Спасителот дошол за спасение на целото човештво. Тоа значи дека Господ Исус Христос е есхатолошкиот почеток и Спасител не само на оние кои Му се блиски по родословна природа, и не само блиските по крв, но, особено, блиските по дух. Он е и ,,последниот Адам” како што вели свети апостол Павле (1. Кор. 15,22,45).
Најпосле, Лука родословот го завршува, нагласувајќи дека Исус е Син „Божји“. Тоа значи, секогаш да мислиме и да знаеме дека Он е пред сè Син „Божји“, дека Он постоел во веки како Син „Божји“ и ја исполни спасителната задача на земјава.

Христологијата на свети Лука

     Христологијата на свети Лука покажува како тој ни ја претставил во Евангелието спасителната дејност на Господа Исуса Христа, Неговото Божјо достоинство и Неговата искупителна дејност. Во христологијата се претставува односот на Господа Исуса Христа кон Бога, но и кон човештвото. Затоа, ќе речеме дека евангелистот Лука за најважно и основно го нагласува тоа дека Господ Исус Христос е Син „Божји“. Тоа значи дека Богочовекот и Спасителот наш Господ Исус Христос како што Своето Божјо потекло го имал од Бога, исто и Своето природно потекло Го има од Бога – преку Светиот Дух од Кого се воплотува во Дева Марија и на тој начин Синот „Божји“ добил телесен живот (Лука 1,35).
Затоа, Исус Христос пред сè е Син „Божји“? Тоа ќе биде истакнато во целата Негова Богочовечка, спасителна дејност. Ако се навратиме само на настаните при Неговото доаѓање и заминување од земјава, ќе согледаме дека е Син „Божји“. Имено, Неговиот евангелски почеток е благовестието, зачнувањето, раѓањето и крштевањето (Лука 1,26-3,38; сп. Лука 9,35); а последните настани се случувањата во Синендрионот, судењето на Господа Исуса Христа, распнувањето, смртта и воскресението (Лука 22,54-24,53; сп. Лука 23,46). Нема човек кој во овие случувања не ќе Го види Божјото во Господа Исуса Христа како Син „Божји“, односно воплотен Бог, Кој дошол на земјава да ги спаси грешниците (Лука 15,1-32; Дела 3,13,26).
Лука Го претставува Спасителот и како Месија – Христос, бидејќи е од Бога помазан (Дела 9,20-22; Лука 7,13-19; 10,1-41; 22,67-70; Дела 4,26); како Син Давидов (Лука 1,27; 2,4,11; 18,38; 20,41); и како Пророк (Лука 7,16; 24,19). Наречен е и Свет, Светец, Светиот (Дела 4,27; Лука 4,34; Дела 3,14). Го исповедале за Праведник (Лука 23,47; Дела 3,14). А Он е и Слуга Божји (Дела 4,25).
Евангелистот Лука секогаш нагласува дека Господ Исус Христос во сè и постојано е неразделно поврзан со Бога, од каде што произлегол и каде што се вратил. Неговата синовска послушност Го донела на земјава како Богочовек и Спасител, исполнувајќи го Божјиот домострој за спасение на светот (Лука 22,22). Господ Исус Христос на земјава како Богочовек престојувал во времето меѓу завршниот период на старозаветниот Израил и новозаветната Црква, донесувајќи спасение за сите времиња (Лука 19,10; Дела 2,36; сп. Лука 4,18; 9,20; 23,35; Дела 4,27; 10,38).
(Извадок од необјавеното дело: Ратомир Грозданоски, протоѓакон, Евангелие според Лука – проучување и толкување на евангелскиот текст.)