Меѓурелигиска конференција

Проф. д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон

ВЕРУВАЈ ВО ЕДНИОТ БОГ И НЕ УБИВАЈ ГО,
ТУКУ САКАЈ ГО БЛИЖНИОТ

(Поврзано со првата и шестата заповед од Декалогот)

* Предавање одржано на Првата мултиконфесионална интерна конференција во Република Македонија за унапредување и збогатување на меѓурелигиската соработка, одржана во Охрид, на 26-ти февруари, 2006 година

Бог отсекогаш сакал да се обраќа до нас, луѓето. Он и денеска сака да ни говори – да ни кажува. Има многу да ни кажува Бог и нам, на денешнава генерација на светот и тоа и на постарите, и на помладите и на децата.

Светот има потреба да ги чуе Божјите заповеди – Божјите пораки. Бог е постојано присутен во светот и Он ги знае проблемите и тешкотиите на современиот човек, и сака да ни каже и нам какви се Неговите планови за нас и за нашиот живот.

Познато е дека Десетте Божји заповеди се основниот Закон и основните етички правила за сите луѓе низ историјата до сега и за нас што живееме денес. Тие се вечно современи и вечно актуелни.

Сведоци сме на тоа дека секој ден во светот излегуваат стотици закони и прописи, а, исто така, сме сведоци и на тоа дека луѓето што сакаат да вршат беззакони работи, секогаш изнаоѓаат начин да го прекршат словото на законот и да не одговараат пред никого. Ако имаме вера во Бога, ако сме послушни чеда Божји и, ако сакаме да ја исполнуваме Неговата волја, тогаш, преку Десетте Божји заповеди, ќе сфатиме дека Бог ни ја дал срцевината на сите етички норми.

Десетте Божји заповеди претставуваат Божји критериум за нашиот богоугоден живот на земјава. Тие се небесни насоки што водат кон богоуподобување на човекот. Овие основни Божји запо­веди се одговор на сите прашања за нашето однесување. Сака ли некој да ја провери својата постапка, дело или помисла, тоа може да го направи со мерката на Десетте Божји заповеди и ќе види дали тоа што го прави, или што го мисли, е во согласност со овие Божји норми за луѓето.

Ги исполнуваме ли Божјите заповеди, тогаш сме сигурни дека врвиме по вистинскиот пат којшто води кон Бога и кон спасението, а тоа е целта и смислата на нашето постоење на земјава.

Првата Божја заповед гласи:

„ЈАС СУМ ГОСПОД БОГ ТВОЈ, ДА НЕМАШ ДРУГИ БОГОВИ ОСВЕН МЕНЕ!“

Првата Божја заповед бара од нас да веруваме во еден Бог, а верувањето во многу богови да го отфрлиме како грев и измама.

Со зборовите: „ЈАС СУМ ГОСПОД БОГ“ – Бог се претставува Себеси пред луѓето и бара да Го познаваме.

Како ќе го изразиме нашето надворешно богопочитување?

I) да Го исповедаме Бога со зборови и со дела,

II) да присуствуваме на богослуженијата и

III) да практикуваме домашна молитва и пост.

Во заповедта е речено: „ДА НЕМАШ ДРУГИ БОГОВИ ОСВЕН МЕНЕ!“ Па, ако Го имаш Господа Бога, што ќе ти се други богови, оти еден е вистинскиот Бог, а штом имаш два бога, тогаш знај дека еден од нив е ѓаволот, а ти не можеш да Му служиш и на Бога и на ѓаволот!

Што се забранува со зборовите: „Да немаш други богови, освен Мене“?

1. Се забранува многубожието или многубоштвото – верувањето во многу богови;

2. Се забранува и кривоверието, а тоа е кога некој признава дека постои Бог, но не верува во Неговото провидение, промисла и Откровение;

3. Се забранува и безбожието и неверието.

Како основа ја земаме првата заповед. Таа е темелот врз кој се гради натамошното изложување, а во оваа заповед се бара од луѓето вистинско богопознание. Кога ќе го оствариме вистинското познавање на Бога, преку вистинската вера во Едниот Бог, ние веќе сме го надминале неверието и безверието и лесно ќе се запазиме и од кривоверието или идолопоклонството, во сите свои видови, до најсовремените начини на идолослужење и разноверие. Од таа основа на нашиот правилен однос во верата кон Бога, ќе произлезе се она што се бара и во наредните заповеди, кои во целина го опфаќаат нашиот однос кон Бога и кон луѓето.

Шестата Божја заповед гласи:

„НЕ УБИВАЈ!“

Шестата заповед го забранува убиството на ближниот извршено од омраза, завист, корист или од одмазда (крвна освета).

Исто така, со оваа заповед се забранува и самоубиството, кое е еднакво на убиството, дури и полошо, бидејќи нашиот живот не ни припаѓа нам, туку на Бога. Самоубиецот не се убива само себеси, туку со себеубиството тој го убива и таткото на своето дете, сопругот на својата жена, братот на својата сестра или брат, синот на својата мајка и татко итн., а за тоа никој од нив не е согласен.

Бог го создава човекот и му дава живот. Затоа ние не можеме и не смееме да го одземеме она што не можеме да го дадеме, она што е туѓо – Божјо, а не наше.

Со убиството ние стануваме против Божјата своина и посегнуваме по туѓо – по она што не е наше, а е Божјо.

Ние сме Божји, а не наши. Кога ќе му скршиш грне на грнчарот, не чувствува болка грнето, туку грнчарот. Исто е и кога убиваш човек – болката на човекот е помала, отколку болката Божја. И, ако мораш да му го платиш скршеното грне на грнчарот и да одговараш за тоа, уште повеќе мораш на Бога да Му го надоместиш одземениот човечки живот и затоа убиството на другиот, претставува истовремено убиство и на себеси – самоубиство, оти убиецот е духовно убиен.

Јасно е, и од искуството на луѓето е потврдено, дека духот на убиениот не му дава мир на убиецот и го прогонува. Безброј такви примери сме читале, сме слушале или сме гледале на филмови.

Според тоа, никој нема право да убива и да уништува луѓе или да го спречува нивното раѓање, со абортуси.

Затоа и кога сме полни со омраза и гнев кон својот ближен и кога крцкаме со заби пред својот противник, да се сетиме на Божјата заповед „НЕ УБИВАЈ!“ и да не ги забораваме зборовите на Господа Исуса Христа: „Сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат“ (Матеј 26, 52).

Никој на овој свет не може да рече: „Животот е мој“. Животот нам ни е даден како дар од Бога. Никој не се родил и не дошол на светов по негова заслуга, по лична желба и барање. Бог ни го дал животот и ние сме Божји и затоа ќе полагаме сметка за добиеното како сме го употребиле.

Никој нема право да го одземе ниту својот, ниту нечиј туѓ живот.

Покрај телесните, постојат и духовни убиства. Оваа заповед ги забранува и нив. Духовно убиство е кога се убива душата со одвојување од Бога преку соблазни и други начини и се наведува на грев и неверие. Одговорноста на душеубијците е поголема од одговорноста на тело­убијците, се вели во Светото евангелие (Матеј 18, 6).

Кој е најстариот и најголемиот убиец во светот?

Ѓаволот. За него Христос рекол: „Тој е човекоубиец од почетокот“ (Јован 8, 44).

Кога не би го спречувал Бог, ѓаволот би ги убил сите луѓе во светов. Зошто? Од завист.

Луѓето убијци, пак, се само орудие и инструмент на ѓаволот, кои доброволно го послушале него и направиле зло.

Не треба да убиваме ни животни без потреба, ниту да се изживуваме со нив. Бог ги казнува и оние, кои ги мачат безмилосно и ги убиваат без потреба невините и недолжни животни, бидејќи и тие чувствуваат болка како и луѓето. Грубоста кон животните преминува и во грубост кон луѓето. Добрината кон животните и кон птиците честопати Бог ја наградува со добро.

Така, шестата Божја заповед, забранувајќи ги сите видови убиства, бара од нас да го чуваме нашиот живот и животот на нашите ближни. Со тоа нè учи да ги сакаме луѓето, да им помагаме во неволјите, во несреќите, болестите, жалостите и немоќите, да се однесуваме љубезно и со почит, да ги измируваме скараните, да проштаваме навреди и добро да правиме секому, дури и на нашите непријатели.

* * *

Спасението зависи од живеењето според Божјите заповеди, а не само од знаењето. Дури и верата не е доволна за нашето спасение, ако нема и добри дела – ако таа не е вера остварена во нашиот живот – вера збогатена со надеж и со делотворна љубов. Затоа, светиот апостол Павле вели: „Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да ги имам сите знаења за сите работи, а и така силна вера, што и планини да преместувам, ако љубов немам, ништо не сум“ (сп: 1. Кор. 13, 2).

Живеејќи според десетте Божји заповеди човекот ги исполнува двете најголеми Божји заповеди, чија основа е љубовта кон Бога и љубовта кон луѓето.

– Љубовта кон Бога е изразена во првите четири заповеди, напишани на првата камена плоча и

– Љубовта кон ближните е изразена во останатите шест заповеди, напишани на втората плоча.

Светиот Јован Богослов вели: „Ако некој рече: Го сакам Бога, а го мрази својот брат, лажец е: оти, кој не го сака својот брат, кого го видел, како може да Го сака Бога, Кого не Го видел?“ (1. Јов. 4, 20). „И таа заповед ја имаме од Него (од Христа): кој Го сака Бога, да го сака и братот свој“ (1. Јов. 4, 21).

И уште, Господ Исус Христос рекол: „Нова заповед ви давам, да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг. По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов помеѓу себе“ (Јован 13, 34-35).

Светиот Јован Златоуст вели: „Кога сите луѓе би љубеле и би биле љубени, тогаш никој никого не би навредувал, не би имало убиства, ниту спорови, ни војни, ни незадоволства, ни ограбувања, ни користољубие и никакво зло… Тогаш ќе нема потреба од судови, и од казни“.

Љубовта е најголема учителка.

Љубовта кон Бога и кон ближните е знак дека ги исполнуваме Десетте Божји заповеди, кои нè водат кон спасение на нашите души.

Дали сите луѓе се наши ближни? – Да, сите луѓе се наши ближни, затоа што сите се созданија на едниот Бог и произлегле од еден човек – од првиот прататко Адам. Но, многу поблиски во верата ни се оние, кои се чеда на едниот Отец небесен, исти по вера во Исуса Христа.

Конкретен пример за тоа, кои се наши ближни, односно дека сите луѓе се наши ближни, ни покажал Господ Исус Христос во евангеската парабола за „Милостивиот Самарјанин“ (Прочитајте: Лука 10,30-37). Таму се кажува како еден туѓинец, односно човек од друга народност и друга вера му помогнал на оној што преживеал несреќно страдање и се нашол во немоќ фрлен крај патот, а, луѓето од неговиот народ и вера го одминале, оставајќи го во немилост. Туѓинецот и друговерецот му помогнал на немоќниот во маката и тој се покажал негов ближен.

Бог поставил ред во љубовта, а тоа го истакнал и во десетте заповеди.

Така, прво доаѓа љубовта кон Бога (Матеј 10, 37); потоа, љубовта кон ближните (Јован 15, 13) и на крајот, љубовта кон себеси.

Така би требало да биде! Но, човекот го нарушува моралниот закон и се случува љубовта кон себеси да ја постави на прво место, а љубовта кон Бога на последното. Таква е нашата испревртеност на Божјиот закон.

ПРОФ. Д-Р РАТОМИР ГРОЗДАНОСКИ, ПРОТОЃАКОН

Првата Божја заповед гласи:

„ЈАС СУМ ГОСПОД БОГ ТВОЈ,

ДА НЕМАШ ДРУГИ БОГОВИ ОСВЕН МЕНЕ!“

 

Одговори си на следниве прашања:

За верата – што значи да веруваш?

Богопознание.

Внатрешно и надворешно богопочитување.

Гревови против првата Божја заповед:

1. Неверие

2. Многубоштво

3. Обожување луѓе место Бога

4. Преголема надеж на себеси – егоизам

5. Обожување предмети место Бога

6. Скептицизам

7. Богоотстапништво

8. Ерес

9. Раскол

10. Празноверие и суеверие

11. Спиритизам

12. Волшебништво, баење, гатање и иаѓија

13. Човекоугодување

14. Очајание

15. Мрзливост кон молитвата и кон Божјото учење.

Со зборовите: „Да немаш други богови освен Мене”,

се забранува: безбожието, неверието и кривоверието.

 

 

 

 

 

1) Дали веруваш во Бога онака, како што учи нашата Света Црква?

2) Го знаеш ли Символот на верата?

3) Немаш ли некои сомневања кон вистините на верата и кон христијанското учење, кон светите тајни и црковните обреди?

4) Го сакаш ли Бога со сета своја душа?

5) Ја посведочуваш ли љубовта кон Бога со добри дела?

6) Ги почитуваш ли светите ангели и светиите, а особено Божјата мајка – Пресвета Богородица?

7) Дали си ги повикувал злите духови на помош?

8) Дали си носел на себе приврски (амајлии), треви, коски, заби и слично?

9) Дали си се советувал или си барал помош од гатачи, бајачи и маѓесници?

Тоа да не го правиш!

10) Веруваш ли во гатање, во среќа на слеп случај, во судбина и во среќни и несреќни денови, бројки и дати? – Верата во такви книги не е дозволена и е против Божјата промисла.

11) Веруваш ли во чуда?

12) Одиш ли често во црква на богослужби или чувствуваш мрзливост за тоа?

13) Се молиш ли дома? Кога?

14) Се грижиш ли за проучување на верата? – Ја читаш ли Светата Библија и други побожни книги?

15) Дали се надеваш на некого или на нешто, повеќе отколку на Бога?

16) Дали предаваш сè на Божјата волја?

17) Негодуваш ли против Бога кога ти е тешко, кога имаш проблеми, непријатности и болести?

18) Му благодариш ли на Бога за с што ти дал и што ти дава?

Шестата Божја заповед гласи:

„НЕ УБИВАЈ!“

Одговори си на следниве прашања:

 

Се забранува убиството и самоубиството.

Со убиството стануваме против Божјата своина.

Убиецот е духовно убиен.

Што се смета за убиство?

Двобој.

Случајно убиство.

Абортус.

Убиство по неопходност.

Убиство во војна.

Духовни убиства – кога душата се одвојува од Бога.

Убивање животни.

1) Си убил ли некого злонамерно или не сакајќи?

2) Си учествувал ли во убиство донесувајќи смртоносно оружје, давајќи совет или откривајќи го скриениот?

3) Дали си поттикнувал некого на убиство или си помислувал зло некому?

4) Дали си го умртвила својот плод во утробата, само за да го скриеш својот грев сторен со друг маж?

5) Дали си и советувал или си ја принудил жената да абортира?

6) Дали се случило некој да се удавил, да изгорел или да умрел повреден во сообраќајна несреќа, а ти да не си му помогнал или да не си го спасил, а си можел?

7) Дали се случило некој да умрел од глад или од студ, а да не си му подарил храна или облека?

8) Си заштитил ли незаштитени и малтретирани луѓе да не умрат?

9) Помагаш ли на вдовици и сираци?

10) Дали си го истоштил некого со тешка работа до последните негови сили?

11) Дали некому до смрт си му наштетил на неговото здравје?

12) Дали си дозволил (лекаре!) да умре некој поради твојата негрижа, мрзливост или користољубивост?

13) Дали си навредил некого, си потценил или си разгневил до длабока болка, растројство и немир, доведувајќи го до скратување на животот?

14) Чувствуваш ли лутина, непријателство и злопамтење?

15) Дали си предизвикал убиство на нечија душа преку твоите совети и насочувања кон грев или преку зборови, соблазнителни дела и примери?

16) Внимаваш ли на телесното и душевното самоубиство?

17) Си имал ли мисла за убиство, за самоубиство, за двобој или нешто слично?

18) Дали си постапувал неразумно предизвикувајќи можности за самоубиство со одење во опасности: влегување во разбранувани води, во бура, во невреме, по студ, на пат непрооден и опасен (без храна и облека и во студ), приоѓање во опасности од ѕверови, лоши луѓе и сл., предизвикувајќи ја смртта?

19) Неводењето грижа за сопственото здравје е опасност која предизвикува последици и до смрт: небарање или неприфаќање лекарска помош, развратен живот – постепено убивање со алкохол, дрога, наркотици, блуд, бессоница, сеноќни игри и друго слично што го скратува животот предвремено!

20) Си посегнувал ли кон убивање на душата, лишувајќи се од Божјата благодат, преку гревовите: упорно противење на вистината (хулење на Бога), непокајаност, очајание и ожесточеност?

21) Си убивал ли без потреба животни и птици?

22) Си измачувал ли невини животни и птици уживајќи во нивните страдања?

23) Ја запазуваш ли чистотата во околината и убавината на природата што ја дал Бог?

24) Се застапуваш ли за еколошки чиста и здрава средина каде нема убивање на ништо што е живо, на ниту еден можен начин?

25) Шестата заповед не само што вели со ништо да не му наштетуваме на животот на ближниот и на нашиот живот, туку дава и обврски:

– Не само никого да не разжалуваш и повредуваш со збор или со дело, туку со сите да се однесуваш кротко, дружељубиво, пристојно и љубезно;

– Да се помириш со скараните и да ја бараш правдата;

– Навредите трпеливо да ги поднесуваш и да ја бараш правдата;

– Да им проштеваш на сите, дури и на непријателите.