Промотивна реч на Ратомир Грозданоски за „Соборните храмови во Македонија од времето на преродбата“
НЕБОПОКАЗНИ СВЕТИЛА
Секој народ во овој свет е на своето место, според Божја промисла, и секој народ постои, бидејќи има своја улога во светот и во времето. Инаку, не би постоел. Секој народ има нешто да му каже на човештвото и да му остави нешто на дар, за доброто на луѓето. И нашиот македонски народ има што да му каже и што да му остави на светот и на човекот. Оваа богозададена задача ја исполнуваат Македонците, од века до века – од искона до конца.
Сме му оставиле на светот само добрини и светости. А, никому зло не сторивме, никого не поробивме, никому не одзедовме, во туѓо не влеговме, изградено не урнавме. Кога другите уриваа, ние градевме. И од урнатините светост правевме, а од прав и од пепел воскреснувавме како феникс.
На богоповикот одговорил Македонецот со душа и со срце, со љубов и со добрина. Затоа, пред Бога и пред светот, од Македонија вечно ќе светат со светоста: храмови, цркви и манастири. По тоа ќе останеме запаметени во човештвото.
Тие градби го покажуваат и го докажуваат овој народ како првоповикан народ кон Бога во христијанството, од устата и од дејноста на светиот апостол Павле, кој дојде прво во Македонија, а потоа отиде и кај другите низ Европа (Дела 16, 9-12). Уште оттогаш, кога Лидија го отстапи својот дом, за да биде храм – куќата да биде првиот храм на Македонците, па до денес, нашите домови станаа храмови и храмовите станаа наши домови (Дела 16, 15,40). И кога немало за свој дом – имало за храм, и кога биле без домови – граделе храмови. Зошто? – Затоа што храмот, тој дом на светоста, бил тврдина на духот и сигурност за нивните домови, а без него и нив ќе ги немало.
Македонскиот народ, ако не можел, во големото ропство, да ја ослободи татковината, да го ослободи градот, селото и телото, го ослободил духот. Најпрво со духот се издигнал и духовно го скршил петвековниот јарем на друговерците. Тоа го сторил со моќта на силната вера и со цврстото родољубие. Духовно се дигнал, востанал и се издигнал во времето на преродбата. А, впрочем, и самото значење на „преродбата“ е духовно, бидејќи телесно не можеме да се преродиме. Така му рекол и Христос на Својот таен ученик Никодим (Јован 3, 3-5).
Прво се родиле големите дејци, духовници и просветители – преродбеници на овој народ, кои ја извршиле преродбата на духот и душата, на свеста и силата, па потоа се создале големите дела на светоста. Духовниците, великани на векот: Јоаким Крчовски, Кирил Пејчинович, Теодосиј Синаитски, Партениј Зографски, Анатолиј Зографски, Калистрат Зографски и други, ги напишаа првите книги на народен јазик и отворија ќелијни училишта по манастирите, за просвештение на својот народ. Од нив се изродија многу други светли ликови на преродбата, а тие станаа големи и значајни не само за Македонија, туку и за другите народи: од Египет и Синај, преку Атина, Света Гора и Зограф, до Будим и Киев, сè до Великаја Русија, каде што, не човек од таа голема земја и не некој од друга земја, туку од Македонија, нашиот Партениј Зографски од Галичник, монахот од Бигорскиот манастир и од Зограф, бил учител и воспитувач на царските деца и духовник во рускиот дворец. А зографите, градителите, книжевниците и поетите, сè до резбарите, се недостижни, надвремени и надпросторни. Кој е како Дичо Зограф од Тресонче, кој ги обиколи сите земји на Балканов и остави недостижни дела? Има ли градител како Андреј Дамјанов, вграден низ сите земји? Зар не отпеа најдобра поема Прличев, сред Атина? А, катагодина, цел свет пее во Струга и не ја натпеа песната на Константин Миладинов. Нема светот поубави резби од нашите! Нема светот поубави градби од нашите!
Соборните храмови се македонски предобраз на слободата. Таа во нив е вградена и во нив е изразена. Храмот е симбол на слобода, парче слобода и место на слободата. Залог за нов век. А, во кое време се градени тие храмови и со каква убавина се изградени, претставува чудо и сведоштво за големината на духот на овој народ, кој бил во ропство.
Градевме и потоа, и во слобода – и денес градиме, но нив не ги достигнавме – не ги надминавме. Поубави цркви не подигнавме. Поубави градби не изѕидавме.
Македонскиот народ во соборните храмови ги соѕидал убавините од својата душа и убавините од својата земја. Никаде не е поубав македонскиот камен од вградениот в црква и в манастир. Таму нашиот камен ја добива целата своја убавина и украс. А, така е и со дрвото, и со песокот, и со земјата, и со калта, и со сламата, и со варта и со боите. Сè е наше и сè е овдешно. Сè, оздола до горе – од подот до кровот, од долу посланата ткаенина пред престолот до горе сплетеното цвеќе на крстот. Сè ни е наше и сè ни е мило. Наши се и ктиторите, и градителите, и мајсторите, и чираците, и зографите, и украсителите, и хранителите. Од нив е градено и сите се вградени. Сè е изградено од вера, жртва и љубов. Сè во нив е македонско и Божјо.
Секој соборен храм во Македонија е со убавина на Соломоновиот храм. А, зар не е така? Од каде да почнам да ви говорам за убавината на овие свети храмови? Од „Пантелејмон“ во Велес или од „Свети Јоаким Осоговски“, од „Свети Димитриј“ во Битола или од „Свети Никола“ во Штип? Да говорам за фреските или за резбите? Не, нема тоа да го направам и нема да ви го одземам задоволството секој да ужива во сите убавини на овие светоградби. Нема да издвојам, бидејќи, меѓу нив нема првенец, а сите се првенствени и преубави.
Овие соломоновски убавини ќе може секој нашинец и секој туѓинец да ги види, да се воодушеви и да се насладува на нивното велелепие, сега збрани на едно место, во изданието на прекрасната монографија за нив, напишана од д-р Димитар Ќорнаков. Почитуваниот автор е богослов и историчар на уметноста, а кај нас значи за ненадминат зналец во оваа област. Неговиот приод е научен, а изразот му е јасен.
Оваа преубава книга најтопло ја препорачувам на читателската публика, а таа е лесно четиво и разбирлива за секого. Му честитам на авторот и му посакувам нови творби, а ја пофалувам издавачката куќа Матица македонска, за нејзината недостижна успешност и книгоиздателство за пример. Бог нека ви помага во вашето добро дело.
(Промотивна реч на Проф. д-р Ратомир Грозданоски, на Промоцијата на монографијата „Соборните храмови во Македонија од времето на преродбата“, на Димитар Ќорнаков, издание на Матица македонска, Скопје 2013, одржана на 12 февруари 2014, во салонот Матица ексклузив.)