Свети великомаченик Димитриј Солунски (Митровден)

111389051

8 ноември 2013

Митровден бил домашен празник во домот на светите Кирил и Методиј

Кој е свети Димитриј?

Свети Великомаченик Димитриј Солунски, Мироточив Чудотворец, е од Македонија – Солунјанин. Роден е во богатиот Солун, од богати родители, во третиот век, – тајни христијани. Тајни, бидејќи во тоа време христијанството е гонето, а христијаните биле убивани само затоа што се христијани.

Бил единец, измолен од Бога и скришно крстен. Татко му бил војвода, началник на Солун, а потоа и Димитриј го наследил татка си. Само што го поставил за војвода, императорот Максимилијан, веднаш, му ја кажал и главната задача – наредба: Да ги истреби сите христијани од Солун! Но, Димитриј го направил спротивното: го раширил христијанството во Солун. Царот се разгневил и го ставил в затвор.

Толку многу бил гневен и лут, што дошол лично тој да го измачува и да го испрашува, а Димитриј војнички храбро и бестрашно говорел за Христа. Јуначки и јасно пред сите и пред христоборниот римски цар исповедал дека е христијанин. Во тие моменти офицерот бил поткрепуван од небесен војник – од ангел Божји, којшто му се јавил во затворот. Зад военоначалникот стоела Христовата небесна војска, место земската.

По тешките измачувања, царската наредба била да биде убиен со бодежи од копја. Убијците се плашеле од силниот воин дури и кога бил в затвор и измачуван, па, иако врзан, не смееле да му пријдат и да го убијат одблизу, туку од подалеку фрлиле со своите копја и така прободен од многу копја, пострадал маченички, во 306 година. Овој голем Христов војник бил радосен што можел да страда за Христа и да каже јавно дека е христијанин.

Кога го затвориле и веќе го наслутувал мачеништвото и крајот на животот, борецот за Христа, предсмртно наредил целиот имот да го разделат на сиромаси и да ја зајакне Црквата Христова во Солун. Им помагал на луѓето за време на животот, извршувајќи ја чесно и достоинствено својата служба, военоначалник – градоначалник на Солун, а помагал дури и при смртта со раздавањето на имотот, а и потоа – по смртта, со неговата постојана светителска грижа и покровителство на градот.

Моштите му се мироточиви и исцелителни. Од нив тече миро кое е чудотворно и им помага на оние кои со вера и со молитва го ползуваат. Така е со векови и до ден денес. Неговиот гроб и мироточивите мошти се наоѓаат во Соборниот храм „Свети Димитриј“ во Солун.

Свети Димитриј постојано ги штити солунјани и градот Солун од секакви зла, од напади и од страдања. Останал и по смртта војвода на Солун и не допуштал градот да биде освојуван. Историска вистина е дека Солун најмалку паѓал под ропство.

Митровден е голем и значаен празник. Во Македонија свети Димитриј е многу почитуван светител од дамнина и е со широко развиен култ кај нашиот народ. Нема град и општина во Македонија каде што нема црква или манастир посветен на свети Димитриј. Многу семејства како слави и имендени го чествуваат овој ден за домашен празник. Нека е честит и за многу години!

Митровден бил домашната слава на светите Кирил и Методиј во домот на нивните родители во Солун. Семејството на Лав и Марија го имале свети Димитриј Солунски за личен и домашен празник и закрилник. Четири века по него, Лав ја извршувал истата должност – военоначалник на Солун и со должна почит го прославувал неговиот свет претходник. Свети Димитриј бил нивната икона до кандилото во домот и пред Бога.

Митровден за свој празник го зел и свети Методиј Солунски

Потоа, свети Методиј го имал за свој заштитник и покровител својот сограѓанин, солунјанинот свети Димитриј. Во ова продолжување на празникот, постои и одредена сличност и блискост меѓу двата лика. Имало особени причини. Прво, како најстар син продолжил да го чествува семејниот празник, а второ, и Методиј бил исто така воен началник. Трето, и двајцата се од Солун, а четврто – биле и од сродни фамилии со воена служба. Татковците им биле воени началници во Солун, а и тие ја извршувале таа дејност: Димитриј бил во Солун, а Методиј во Брегалничко-струмичката област – Стримон.

Свети Димитриј бил пример за Христов војник во очите на младиот Методиј, а Методиј, пак, му бил мил на светителот и на Бога, па Бог и Светителот секогаш му ја давале помошта и заштитата што ја барал од нив. Зар можел да најде посоодветен покровител од својот светител кому маките му ги кажувал како на оној што ги знае и што ги познава: и луѓето, и местата, и проблемите, и битката што треба да се извојува за Христа и за верата?

Силен, воинствен, неустрашив генерал му требало на свети Методиј за да ја извојува победата на крстот над мечот, и во Македонија и во Моравија. Воин којшто не се надева на кнезовите од овој свет, туку на царот Христос и којшто не го бара царството од овој свет, туку царството небесно и спасението на душите.

За МИА подготви Проф. д-р Ратомир Грозданоски