Сонце македонско

И Н Т Е Р В Ј У
НА ПРОТОЃАКОНОТ ПРОФЕСОР Д-Р РАТОМИР ГРОЗДАНОСКИ

ЗА МАКЕДОНСКО СОНЦЕ

 

  1. Професоре Грозданоски, Божикот е еден од најголемите право­славни христијански празници и тој свечено се прославува секоја година на 7 јануари. Но, римокатолиците овој верски празник го поместуваат две недели порано. Дали има голема разлика во прославувањето на Божик меѓу Право­славната и Римока­толичката црква?

Професор д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон: “Вашето прашање содржи повеќе елементи кои треба да се разјаснат.

Прво, дека Божик е еден од најголемите празници во христијанството и на тоа би рекле дека, сепак, тој не е најголемиот празник според Православието. На Запад, Божик се смета за најголем празник, објаснувајќи го со фактот дека нај­важно било Хрис­то­вото раѓање и доаѓањето на Спасителот на светот, вопло­тува­њето на Синот Божји како Богочовек. Но, Светата Православна Црква за најголем празник го чествува Воскресението Христово – Велигден, како што стои и во основ­ното исповедание на верата – во символот, каде што се вели: Кој беше распнат заради нас и заради нашето спасение и воскресна во третиот ден според Писмото.

Ова беше првата димензија, која сакаме да ја разјасниме дека Божик е еден од најголемите, но не и најголем празник во Православието, а три празника се во Светата Црква кои тродневно се празнуваат, тоа се: Рождество Христово – Божик, Воскресение Христово – Велигден и Света Троица – Духовден.

И уште нешто би сакал да кажам во врска со ова, а имено, дека во христи­јанската православна Црква не се одбележуваат родендените – денот на раѓањето на одредена личност, туку умрендените – денот кога личноста се упокоила, односно се родила за вечност, преминувајќи од овој преоден во вечниот живот. Само три лич­ности во Црквата се удостоени да имаат празник и по повод нивниот роденден, а тоа се: Господ Исус Христос и Неговиот роденден – Христовото Рождество, Божик; Бого­мајката – Пресвета Богородица и нејзиниот роденден – Мала Богородица и Христо­виот Претеча – свети Јован Крстител и неговиот роденден – Раѓање на свети Јован Крстител (Иванден).

Втората димензија, што ја истакнувате во вашето прашање е тоа: дали има разлика во прославувањето на Божик меѓу Православната и Римокатоличката Црква?

Одговорот на ова прашање е троен: Прво, во врска со догматското и еван­гел­ско учење за празникот и за Христовото воплотување и раѓање, не постои раз­лично учење меѓу Православието и Римокатолицизмот. Како христијани сосема пра­вилно и исто учиме и исповедаме, и православните и римокатолиците: дека Господ Исус Христос е ветениот Месија, Син Божји и воплотен Бог, Којшто примил човечко тело и дошол на земјава како Човек, останувајќи и понатаму Бог, а со тоа постанувајќи Богочовек и Спасител, за да го спаси човечкиот род од гревот и смртта.

Второ, секако дека постои разлика во богослужбениот и традиционалниот начин на одбележување на празникот Рождество Христово меѓу Исток и Запад. Поинакви се богослужбените содржини што ги извршува Римокатоличката црква од литургиските содржини на Православието. Исто така, постои разлика во тради­циите на одбележувањето во римокатоличките и православните семеј­ства. Впро­чем, кога станува збор за традициите знаеме дека постои разлика и меѓу православ­ните, па дури и различно го одбележуваат празникот православните во иста помесна Црква и од ист народ, разликувајќи се град од град, село од село и семејство од семејство. Оваа различност којашто доаѓа дури и до семејствата е затоа што Божик е семеен празник или уште поконкретно кажано: празник на христијан­ското семеј­ство. Вака велиме, затоа што и Христос Богомладенецот, по Божја промисла, кога требаше да се исполни Божјиот план за спасението на луѓето и да се роди Синот Божји – Бог да прими човечко тело, определено беше да се роди во светото семеј­ство, како што предвидел Бог да бидат заедно Пресветата Дева Марија и правед­ниот старец Јосиф – мајката на Богомладенецот како природна мајка од која примил тело, а праведниот Јосиф како неприроден, туку легален (законски) родител, односно старател.

И трето, различната дата на празнување меѓу Православието и Римокато­лицизмот е во користењето на различен календар за одбележување на црковните празници. Римокатоличката црква и некои од православните цркви го прифатија и се раководат според Грегоријанскиот календар или познат под називот т.н. нов стил, а останатите православни цркви продолжија да ги празнуваат своите црковни празници според Јулијанскиот календар или т.н. стар стил.”
 

  1. За време на овој верски празник, македонските верници подготву­ваат свечена семејна трпеза. Колку во оваа традиција се задржани поеди­нос­тите од паганските обичаи, а колку се надврзува православната тра­ди­ција?

Професор д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон: „Рековме дека Божик, а особено Коледе – вечерта спроти Божик или црковно речено: претпразничност на Христовото Рождество е сакан семеен праз­ник. Тогаш сите се собираат во семејството на заедничка трпеза, која има посебен дух на љубов и единство. Особено, во нашата македонска православна традиција, од дам­нина било обичај за Бадник секој да биде со своето семејство. Оттаму произ­легла и народната поговорка: „Каде и да си, пред Божик дома да си“. Луѓето се собираат на семејна трпеза која го претставува единството и заедничарењето на семејството како мала Црква во христијанството. Семејството е основната клетка на Црквата. Тука постои целосното единство како тело. Постои љубовта како сила на соедину­вање и најјаката врска на синтезија. Постои делотворната љубов и праве­њето добро еден на друг до пожртвуваност еден за друг. Па зарем не е тоа Црквата Христова, или што друго треба да биде Црквата Божја, ако не тоа? Во неа треба да биде претставена љубовта, пожртвуваноста, заедничарењето и единството меѓу луѓето и Бога. И семејството кое се соединува во името на љубовта меѓу себе и во името на Бога, Кој на Божик се родил заради спасение на луѓето претставува вистинска Црква. Семејната бадникова вечера, пак, претставува и вистинско бого­служение, кога сите заедно јадат од едно и во името на Бога и љубовта кон луѓето и кон Бога.

Велите дека, особено, во одбележувањата на Бадник, а и на Божик има одре­дени нехристијански елементи или пагански обичаи, но јас ви тврдам дека Црквата токму со нејзината духовна сила и божествена моќ го истиснала паганизмот од овој народ и од другите народи. Некои работи можеби имаат сличности, но тие не се пагански дела и обичаи, туку воцрковени и осветени традици кои имаат особена улога и значење во црковното живеење на нашиот народ. Знам, постојат и размисли од нецрковни и противбожни идеи, како и од некои протестантски секти дека она што го прави православната Црква при одбележувањето на светиите и празниците е паганизам. Тоа е погрешно и злона­мерно искажано. Тие се луѓе што отстапиле од Православието и дејствуваат против­пра­вославно и противцрковно. Тенденциозно велат дека и Христовото раѓање, па и Воскресението Христово – Велигден е сврзано со некакви одбележувања од пага­низ­мот, одбележување на денот на сонцето или денот на некакво и нечие раѓање од многубоштвото. Тоа не е точно. Светата Христова Црква многу одамна, со векови пред нас, а и со свети умови и глави на светители, а не на „современи мудреци и научници“ кои се без никаква светост, го разгледувала ова прашање кога ги утврду­вала празниците во Црквата и го поставила нивното одбеле­жување. Така е поста­пено и со празникот на Христовото Рождество – Божик. Како последица од овие приговори од многубоштвото и антихристијанството, Светата Црква не го празну­вала Христовото раѓање во првите четири века, туку заедно го одбележувала празни­кот Богојавление, којшто ги опфаќал и крштението и раѓањето на Господ Исус Христос, а дури потоа тие се одвоени во два празника. Сакам да ве уверам дека свети луѓе, на Вселенските собори во Црквата, ова прашање го разгледувале со векови пред нас и го утврдиле дека е богоугодно да се одбе­ле­жува и празникот на Христовото раѓање. Нам ни преостанува како побожни христи­јани и благочестиви верници тоа да го практикуваме.“
 

  1. Пред некое време повторно се активира една замисла за изедна­чу­вање на католичкиот со православниот календар. Колку овие ставови и размислувања се косат со македонската верска традиција и дали ваквото прашање е разгледувано кај теолозите од Македонската православна црква и другите стручњаци?

Професор д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон: „Навистина, календарот постана уште една причина за раздор меѓу право­славните цркви. Тоа го чувствуваме и ние како Македонска православна црква и македонски народ во своите етнички граници. Кај нас тоа е најевидентно, бидејќи македонскиот национален организам распарчен по географска положба, беше една целина во етничка природа, во верата и во одбележувањето на празниците сè до доаѓањето на новата примена на Грегоријанскиот календар. Тогаш и ова црковно единство на македонскиот етнички и црковен организам беше нарушено во одбеле­жувањето на празниците. Нашите делови од Македонија кои сè уште се под туѓо државно раководство: во Грција, Бугарија и Албанија, принудени од тамошните православни цркви, коишто го прифатија Грегоријанскиот календар, денес ги одбе­лежуваат празниците според т.н. нов стил. Тие Божик го празнуваат на 25 декември по нов стил. И ние го празнуваме на 25 декември, но по стар стил. На тој начин, ни се случува нам, на Македонците, уште една поделба, та четворицата браќа кои се во четири различни земји, различно и Божик да го празнуваат. Тројцата од Беломо­рието, од Пирин и од Преспа ќе се радуваат на Христовото раѓање тринаесет дена порано од оној што е во Република Македонија. Ова, особено е трагично и видно во нашето иселеништво, каде што сите тие семејства, роднински поврзани од четирите дела на Македонија живеат сега заедно во Торонто, Њу Џерси, Чикаго, Мелбурн, Сиднеј, Минхен или Париз и насекаде по светот и различно се подготвуваат за празникот на Христовото раѓање.

Од православните цркви Грегоријанскиот календар го прифатија: Цари­град­ската патријаршија, Грчката православна црква, Кипарската архиепископија, Алек­сандриската патријаршија, Антиохиската патријаршија, Романската право­славна црква, Бугарската православна црква и Албанската православна црква. Кон стариот Јулијански календар и старите црковни традиции останаа приврзани: Еруса­лимската патријаршија, Руската православна црква, Српската православна црква, Македонската православна црква, Задграничната руска православна црква  и Света Гора. Ова е видна поделба на православните цркви по ова прашање. Доколку се бара процент на верници кои ја практикуваат едната или другата традиција или дата, тогаш постои изедначеност на бројот на верниците. Доколку, пак, се бара цврстина во верата и големина во светоста на едните или на другите, тоа го оставаме на читателите да одмерат на која страна е големината на светоста, а ние имаме свое согледување.

Го знаеме и тоа дека покрај основната поделба меѓу православните цркви по однос на календарот, постои уште поголема поделба меѓу верниците кај оние цркви што го прифатија новиот календар. Така, денес Грчката православна црква има повеќе од 20 архиереи кои се надвор од Синодот на официјалната Атинска архи­е­пископија и го практикуваат Јулијанскиот календар, нарекувајќи се старока­лен­дарци. Тоа истото се случува и во Романската православна црква и особено драстично во Бугарската православна црква. Таква поделба нам како Црква не ни е потребна.

Сето ова сведочи дека ова прашање не е така едноставно и дека Право­славието треба му посвети должно внимание, а и сиот христијански свет можеби треба да се позанимава со оваа тема, па доколку е потребно да се направат одредени промени во мерењето на времето, употребувајќи ги најновите научни достигнувања, тоа нека се направи во добро на сите и во сообразност со црковните канони и пра­вила на Вселенските и Помесните собори, кога Црквата Христова била една и неподелена, па тогаш тоа што ќе се утврди нека биде за сите.

Ова прашање заслужува третман и на новиот вселенски Собор на Црквата Христова. Празнувањата според грегоријанскиот календар создаваат и пореме­ту­вања во предвидениот повеќедневен пост во Црквата, а особена е разликата во празнувањето на Велигден.“
 

  1. Како вие денес, како свештено лице гледате на денешнава младина и нивниот однос кон религијата?

Професор д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон: „Ова прашање ми е многу сакано и мило. Јас ја сакам младината и особено ја почитувам. Возрасните како да не и даваат доволно значење и вредност на млади­ната, потценувајќи ги нејзините квалитети и богатства. Не сум согласен со так­виот пристап кон младината. Нашата македонска младина е прекрасна и со богат потенцијал на духовно, интелектуално, верско, културно и национално богатство. Ние возрасните, најчесто сме оптоварени со многу други прашања и тешкотии кои­што ни ја потискаат и блокираат нашата сила во сите сфери на животот. Нам, нај­многу нè обврзува грижата кон семејството, работата, материјалното и сè свр­зано со овој свет. Младината, пак, разгрижена од тоа има возвишени мисли, чувства, иде­али и енергии. Кај нив и љубовта е посилна од нашата. И силата е помоќна од нашата. И мислата е побрза и попродуктивна од нашата. И кон делата се пое­нер­гични отколку ние.

Во Светото евангелие има еден прекрасен пример за вредноста и големи­ната на младината. Се вели дека кон Христа пристапил еден млад човек и Го прашал: „Учителу благ, што треба да направам за да имам живот вечен?“ Замислете си за што се интересирал овој млад човек! Се интересирал како да здобие живот вечен. За вечниот живот не се интересирале толку многу луѓе коишто Го сретнале Христа, а младиот човек тоа го побарал да го задобие. Многумина барале исцеле­нија, чуда, помош, поука, а живот вечен конкретно побарал младиот човек. Истото се случува и сега и секогаш со младината. Таа се интересира за вечноста и за духов­ното повеќе од возрасните. Таа е моќна да прави големи дела. Па зарем не пее младината повеќе од старите? Зарем не пишуваат поезија младите повеќе од старите? А и од возрасните, само оние коишто останале постојано млади по дух. Нашата младина е богожедна и богожелна. Тоа се потврдува со сè поголемото присуство на млади луѓе во храмовите, на богослуженијата, на богословските три­бини, студенти на Бого­слов­скиот факултет, читачката публика на верска литера­тура и практикувањето на црковниот живот на младите. Денес, скоро да нема млад човек којшто не сака да се венча в црква и да го прими Божјиот благослов за бракот и за семејството што Бог му го дал како определба во животот. Скоро сите примаат свештеник во нивниот дом, радувајќи се на неговото присуство и на осветувањето што значи очистување и духовно закрепнување на семејството. Сето тоа е све­дошт­во за нашата прекрасна младина. Се разбира, има и одредени пропусти, но луѓе сме и со своите слабости можеме да погрешиме, а Бог е добар и мајката Црква со љубов ќе ни ги прости и прегрешенијата ако имаме покајание и желба за подобрување.“
 

  1. Колку празникот Божик Ви овозможува да упатите соодветна порака до верниците да не наседнуваат на разните трикови и понуди од нововерски секти и религиозни група што доаѓаат со лошата економска состојба во земјава?

Професор д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон: „Вие уште во прашањето ги карактеризиравте таквите сектански делувања како „трикови“ во кои не треба да „наседнуваат“ нашите верници. Верувајте ми дека уште подобро нашите православни верници во Македонија ова го сфаќаат како духовна агресија и мудро ги одбегнуваат или, пак, ќе ги исползуваат даренијата, но не приоѓаат кон нововерските заедници и религиозни групи. Знае православниот Македонец дека тоа е злонамерно и не е наше. Нашиот човек, можеби не знае многу од православната вера, заради духовно гладните 50 години проживеани во изминатиот систем, кога за верата не смееше да се зборува и поучува, ниту да се црквува, но не се откажува лесно од прадедовската православна вера. Тешка му е на Македонецот клетвата на покојниот татко и дедо, мајка и баба, доколку си ја напушти верата. Тој што си ја напуштил верата и се откажал од Црквата, тој како што се откажал од Бога Отецот и од мајката Црква, лесно ќе се откаже и од својот татко и мајка и од својата татковина и мајковина. Нашиот народ тоа многу мудро го искажал уште пред да се појават овие нововерски протестантски секти, велејќи: „Тешко на оној кој продава вера за вечера“. Тие денес можеби ќе ви понудат нека­ков божикен и новогодишен дар, но нема тоа да го прават цел живот. Македонскиот народ е трудољубив народ. Нему му е испод чест и достоинство да добива дарови, туку сака чесно и трудољубиво да си го заработи лебот што го јаде. Ние сме насе­каде по светот најдобрите работници, најдоверливите луѓе и најчесните трудбеници. Погледнете ги палатите што ги имаат нашите Македонци по светот и службите што ги вршат на високи и одговорни функции во најразвиените земји. Тоа сведочи за духот, големината, цврстината, богатството и иднината на Македонецот. Да ги отфрлиме лесните и измамни понуди кои можат да го уништат македонскиот дух, вера, народ и да нè обезличат, зашто тие не се знае од каде се, кои се и што се, а ние знаеме кои сме и што сме.“
 

  1. Која е Вашата порака до верниците во новото 2003 лето Господово?

Професор д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон: „Да се сакаме. Ова е мојата основна порака, бидејќи на тоа нè научил и Господ Исус Христос, велејќи ни: „Нова заповед ви давам, да се сакате еден со друг и по тоа ќе ве познаат дека сте мои, ако се сакате еден со друг“. Нека им е честит Божик и благословено Новото лето Господово на сите Македонци овде и во целиот свет и на сите кои живеат во нашата убава Македонија.

Божик нека нè потсети и научи дека е особено важно семејството и дајте му вистинско место на семејството во животот. Тоа ќе ве научи и на љубов, и на почит, и на пожртвуваност, и на грижливост, и на трудољубивост и ќе ви подари многу радост, душевно задоволство и спасение, бидејќи семејството е домашна црква.“

 

Х Р И С Т О С   С Е    Р О Д И!

В И С Т И Н А    С Е    Р О Д И!