СВЕТИ КЛИМЕНТ И СВЕТИ НАУМ ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА

Проф. д-р Ратомир Грозданоски,  протоѓакон

 

СВЕТИ КЛИМЕНТ И СВЕТИ НАУМ ОХРИДСКИ
И МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА
(IX – X)

„Спомнете си за нашите оци,
за делата што ги извршија на времето,
и вие ќе придобиете голема слава и вечно име“
(1. Мак. 2,51)

           Светите Климент и Наум се средновековни светители, подвижници, просветители, писатели, учители и основоположници на словенската и македонската писменост и просвета. За нив знаеме од Словенските житија, Грчките житија, Панонските легенди и Пространото Климентово житие. Тие ги придружувале солунските браќа за време на нивната мисија меѓу Словените во Моравија и Панонија, каде што во текот на многу години (863-885) им го проповедале Божјото слово на словенските народи на нивниот роден јазик. Со нив биле и во Рим, каде што во 868 г. папата Адријан II (867-872) ја благословил нивната мисија, јазик и писмо. По упокојувањето на свети Кирила (869) биле најдобрите соработници на свети Методиј во Панонија. А по неговата смрт (885), биле прогонети, мачени и затворани. Господ пројавил чудо: настанал земјотрес, ѕидовите на затворот паднале и оковите се скинале. Народот, кога го видел тоа, поверувал во светоста на затворениците, но тамошниот епископ Вихинг го прогласил Божјиот знак за ѓаволско дејство и ги прогонил светителите од Великоморавија. Нив ги водела Божјата Промисла, па преминувајќи го Дунав, се разделиле на групи и тргнале кон Белград, Македонија, Мизија,  Дакија и Илирија,„Божјото слово умножувајќи го насекаде стократно“.Светите Климент, Наум и Ангелариј отпатувале во Бугарија. Таму, светиот бугарски цар Михаил (Борис) со радост ги примил и набрзо го испратил свети Климент како учител во Македонија, а свети Наум останал во престолнината Плиска. И двајцата организирале словенски просветни и книжевни центри во манастири посветени на свети Пантелејмон: свети Климент во Охрид, а свети Наум, не во престолнината Плиска, бидејќи таму била резиденцијата на византискиот архиепископ на Бугарија, туку во блискиот словенски град Преслав (и двајцата раководеле со центрите по седум години 886-893). Во 893 г. На црковно-народен собор, свети Климент бил ракоположен за епископ Белицки/Велички. Тогаш на негово место за учител бил назначен свети Наум. Царот Симеон го испраќа преподобниот Наум во Кутмичевица. Уште седум години просветителското дело го извршувале заедно со свети Климент, во Охридската школа, наречена во науката уште и со називот прв словенски универзитет. Тие се наречени „нови Мојсеј и Арон“. Свети Климент бил епископ во Охрид (со титулата Велички), а свети Наум игумен на манастирот што го основал на јужниот брег на Езерото, посветен на светите архангели,  наспроти Светиклиментовиот манастир на Плаошник во Охрид. Овие манастири го красат македонското и сесловенското христијанство и претставува засолниште за болните и за оние што се во мака, бидејќи се силен извор на чудотворна Божја благодат, со исцеленија од тешки болести и лудила. Свети Климент и свети Наум правеле чуда и за време на животот и по смртта, па затоа се наречени „чудотворци“. Свети Климет се упокоил на 27 август 916, а свети Наум на 23 декември, 910 година и се погребани во нивните манастири.

             Mакедонија дала многу подвижници, молитвеници, испосници и светители. Меѓу нив посебна чест и слава му припаѓа на свети Климента Охридски. Тој, придружуван од свети Наума, кој по зборови и дела му прилегаше, откако ги обиколија сите словенски земји, се вратија во Македонија, во својот роден крај и почнаа да го поучуваат овој наш народ во словото Божјо на мајчин јазик. Нивното дело е отворено противставување на обидите православната вера да биде средство за елинизирање на македонскиот народ.

            Свети Кирилометодиевата словенска мисија го доби својот потполн израз во делата на свети Климента и свети Наума и нивната дејност во Македонија. Нивните свети ликови и благословеното апостолско дело будат восхит и претставуваат извор на духовност, побожност и почит кај нашиот народ. Токму затоа свети Климент е заштитник на Македонската православна црква и покровител на просветата. Во своето дејствување тој покажа извонредна трудољубивост, а при секој слободен момент се повлекуваша на молитва кон Бога за закрепнување на својот дух и придобивање сила за својата натамошна работа. Кај него беша ускладен принципот: моли се и работи. Свети Климент целиот свој живот го мина во служба на Бога и својот народ.

            Светиклиментовото дело претставува почеток на нашата просвета, култура, народност и Црква.

Мајчиниот збор и Божјиот закон

            Блесокот на Светиклиментовото дело доаѓа до израз во Македонија и тоа од неговата појава до најново време. Култот и почитта кон свети Климент присутни се во сите етапи на црковниот, културниот и националниот ôд на македонскиот народ.

Свети Климент е татко на нашата просвета.

Знаеше Божјиот пратеник и рамноапостол на Христовата Црква, дека јазикот, писмото, просветата и просветеноста на еден народ е основа за секаков напредок и културен развој. Токму затоа свети Климент му даде посебен акцент на пишаниот збор. За него просветата значеше, преку мајчин јазик и писменост, народот да се здобие со знаење на Божјиот закон и морал. Оттаму народната просвета е во нераскинлива врска со Црквата.

За таа цел, под раководство на свети Климента, а подоцна и свети Наума, во Охрид започна со работа Охридскиот црковно-книжевен центар. Таа Школа претставува словенско огниште на просветителска и културна дејност. Во овој центар, поточно, во делото на свети Климента и свети Наума, се основите не само на македонската, туку и на сесловенската просвета и книжевност.

Свети Климент учествувал во првиот преводот на Библијата што го правеле светите Кирил и Методиј, ги напишал нивните житија и напишал повеќе од 100 беседи, слова и поуки, како и околу 50 химнографски творби. И свети Наум оставил книжевни остварувања во црковната поезија. Нему му се препишуваат делата Канонот за апостолот Андреј и Канонот за пренесување на моштите на Јован Златоуст.

Со нивната дејност, насекаде по манастирите, црквите и училиштата, грчкиот и латинскиот јазик беа заменети со мајчиниот старомакедонски словенски јазик. Словото Божјо на народот му се проповедаше на својот јазик: на јазикот на овчарите, орачите, копачите, жетварите – на јазикот на нашите мајки и татковци. Затоа се прифаќаше неговата проповед со срце и со душа. Луѓето станаа вистински христијани, а новата православна вера од корен го измени нивниот живот. Така започна нашата писменост и духовност и нашето културно, народно и црковно растење и развивање, продолжувајќи сè до нашиве дни, кога имаме своја македонска Црква и Држава. Набрзо нашите прадедовци започнаа духовно да се просветуваат и економски да напредуваат. Заплиска нов духовен бран, кој им го облагороди и подобри нивниот живот.
 

Културно минато

            Светилникот на македонската (а и словенската!) култура блеска надалеку. По вдахновение на свети Климента и свети Наума македонскиот народ создаде богата црковно-народна култура.

Во средниот век, православната вера е основа на нашиот културен и национален живот. Првите наши учители, книжевници, писатели се свештеници и калуѓери, а првите книжевни дела се со религиозна содржина. А и нашата тогашна уметност и архитектура се црквите и манастирите, богати со прекрасни фрески и икони.

Македонија е ретка земја во светот во која на толку мал простор се наоѓаат голем број светилишта. Божјиот дар за градежништво и уметност, за архитектура и за сликарство е највиден во средновековните црковни дела. Тој творечки гениј на македонскиот народ е инспириран од свети Климента и свети Наума.

Зачуван идентитет

            Свети Климент ја ориентирал и нашата националност и јасно покажал на сите дека ние сме посебен народ.

Оваа земја е тврдина и Божја крепост соѕидана од коските на нашите маченици, великомаченици и јунаци. Гробови и олтари е нашата Татковина. Каде и да заорал македонскиот орач, човечки коски изорувал. Коски на творците и бранителите на оваа напатена земја. И денес, почне ли да се раскопува: ете, ѕидини на затрупани цркви, манастири и светилишта. Принесени жртви се и едните и другите: гробовите за Божја и народна правда, а олтарите за спасение на овој народ. Жртвеник си ти Македонијо! По должина и по ширина полна си со патриоти, херои, маченици и светители, о, земјо света!

Црквата го соединува народниот организам

            Круна, пак, и основа на сета Светиклиментова дејност е светата православна вера и народната Црква. Сите негови дела се сврзани со Црквата и со верата, а таа, пак, провејува во сè, зашто Црквата со своето свето учење дава дух кој го оживува народниот организам и го осветува, осветлува, затоплува и соединува.

Нашата Црква е втемелена врз Евангелието, врз Христовата заповед до апостолите: „Одете и научете ги сите народи по цел свет и проповедајте го Евангелието на секое создание“ (Матеј 28,19; Марко 16,15). Со овие зборови Господ ги призна сите народи како дел од Својата земна Црква.

По вознесението, односно на Педесетница, кога Бог Го испрати Светиот Дух врз апостолите, тие почнаа да зборуваат на разни јазици ( Дела 2,1-8). Тоа значеше дека словото Божјо ќе се проповеда на јазиците на сите народи, а не само на еврејски, грчки и латински.

И потоа, апостолите кога определуваа во новоформираните цркви епископи и свештеници, ги избираа од Црквата што се формираше. Сето ова добро го знаеше свети Климент Охридски, па затоа и тој во овие наши предели создаде самостојна, народна, евангелска и апостолска Црква.

Секој што ја посетил Македонија, лично и се уверил и дека Македонската православна црква е Црквата на овој народ. Таа ја зачувала верата во својата православна чистота и светост и според догматското учење и според евхаристиското и канонско наследство. Таа достојно ги продолжува традициите на Охридската архиепископија и затоа е сакана од македонски народ.

Пробив низ вековите

            За многумина претставува вистинско чудо како можеше да се одржи овој народ во многувековно ропство и гнет. Одговорот е: Верата во Бога и увереноста во победа го одржа здрав и цврст духот на народот. Таа нè храбреше да издржиме и да го победиме искушението. Нè бодреше заради нашето опстојување и нашето спасение. Нè храбреше за да го запазиме својот род и мајчиниот збор, Црквата своја и Татковината. Низ таков оган народот се чистеше, се претопуваше, се калеше и се челичеше. И доживеа воскресение – ново раѓање за животот.

Постоиме по Божја волја

            Ние сме народ еднаков по култура со другите. За нас знае светот. Даде Бог да имаме своја Држава и своја Црква. Но, и денес негирањата и голготските распнувања не престануваат. Нашето право за постоење не можат да ни го одземат. Ќе постоиме зашто таква е волјата Божја. А со нашето постоење ништо ново не измисливме. Никаква невистина не кажавме. Против никого не станавме. Никого не нападнавме. Од нико не се одвоивме. Едноставно, рековме дека сакаме да бидеме она што сме биле секогаш.