40 години јубилеј-беседа

Слово за свети Климента

ДУХОТ НА БЕСМРТНИОТ
„Чудесниот Климент, великата труба на вселената, денес ги повикува сите празникољубци кон веселба“

(Од богослужбата на светителот – литијни стихири)

„Радувајте се со радосните“ (Рим. 12, 25)

Радоста пулсира во срцата на сите православни македонци. Го прославуваме свети Климента. Живиот дух на светителот денес го повика македонскиот народ да принесе молитви кон Бога. Нема ништо појако од врската на духот. Таа врска на македонскиот православен народ со духот на свети Климента е вековна, света и нераскинлива.

Светителското достоинство

Свети Климент се ослободи од своето тело во 916 година, но тој живее и нè надживува сите. Ние во светата Црква Христова не прославуваме мртви, туку живи ликови, кои делуваат и по својата телесна смрт. Светите луѓе никогаш не умираат ни овде на земјава, ни на небото. Тие, по нивната телесна смрт само се ослободени од тежината на телото и живеат во фина и светла атмосфера во Божјото присуство, а се во постојана врска со нас во земната Црква, кои им се молиме и се застапуваат и делуваат за наше добро.

Светителството е најголемата вредност која може човекот да ја постигне во својот живот. Тоа е вечна вредност на човечкиот живот. Затоа велиме дека светителите се „цвет“ на христијанскиот морал.

Божјата Евангелска наука има за цел луѓето да ги уподоби на Бога, а тоа значи – да се обоголичат. Црквата сака луѓето да ги приближи кон Бога, да ги изгради во доброто, да ги издигне кон небото и да ги усоврши, според зборовите на Господа Исуса Христа: „Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небесен“ (Матеј 5, 48). Светителите тоа совршенство го постигнале најдобро и најпотполно.

Таков бил и свети Климент, кој „како чисто Божјо огледало секогаш Му бил придружник на Бога“ (се вели во стихирата по Евангелие, глас шести, од богослужбата на свети Климента). Што и да правеше свети Климент, сè гледаше низ призмата на вечниот живот. Ако светиот апостол Павле ги остварил со живот своите зборови: „Јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене“ (Гал.2, 20), истото може да се каже и за свети Климента Охридскиот Чудотворец, кој не само себе си што се охристовил, туку тоа го направил и со својот народ.

За сите стана сe

Во богослужбените песни за него се вели: „Со својот чесен живот и со проповед за Бога ги учеше луѓето да го презираат телото и примамливоста на светот; а да гледаат кон небото“ (Втор седален глас 4-ти). Тој беше сè за секого, „извор на милост и бездна на сочувство… брза помош и застапништво“ (Богослужба на светителот, слава глас 6-ти од стихирите на Господи возвах).

Свети Климент неуморно работеше Христа да Го внесе во срцата на луѓето; да ја преобрази душата на својот народ; да направи благородни и кротки христијани; луѓе племенити и добротворци; луѓе што проштаваат; да направи пријатели Божји и пријатели на луѓето. Со еден збор, свети Климент од својот народ направил служители на Бога.

Народ богољубив и човекољубив – благослов од светец

Свети Климент ги постави основите и целта на нашиот македонски народ и на неговото постоење. Тој од својот народ направи луѓе богољубиви и човекољубиви. Таквиот народ е Божји народ; народ кроток, смирен, мудар, карактерен, ненаметлив, братољубив, народ мал пред светот, но голем пред Бога. Тие се одликите на Светиклиментовиот македонски народ, затоа што светителот на овој народ му ја даде светата православна вера како негова суштина. Таков беше благословот на светиот епископ Климент Охридски и тој благослов нè одржа и ќе нè дочува до „веки веков“, само ако не отстапиме од него.

Опстојување

Македонскиот народ низ вековите преживеал долги ропства, угнетувања и војни, но од сите тие страданија излегол чист и непоколеблив, останувајќи како посебен народ Божји, народ Христов, народ Светиклиментов. Останувал неуништен не затоа што бил богат, не затоа што бил голем, не затоа што имал многу оружје и силна војска или техника – оти сето тоа, во поголема мера го имале токму оние од кои се ослободувал, но тој имал нешто што никој не можел да му го одземе, да му го уништи и да го искорени од него: го имал она што како свето и вечно го избрал за основа на својот живот и постоење – го имал Христа и Неговото Свето Евангелие, односно го имал она што свети Климент го вселил во неговата душа.

Нашиот народ без двоумеење го следел евангелскиот пример на светиот владика Климент, па затоа се вброи во народите големи по дух и минувајќи низ исклучително тешка историска стварност остана она што е. И денес, иако сè уште, за жал, се поставува како прашање кое треба да биде разрешувано, наше канонско право е, и непоколеблива волја на народот, да имаме свој самостоен државно-политички, црковно-религиозен и просветно-културен живот. Нашето самочувство како народ нè води кон увереност во светла иднина за нас, како народ, како суверена држава Македонија, и како света автокефална Македонска Православна Црква.

Токму затоа денеска и утре одбележуваме двоен празник: патрониот ден на Македонската Православна Црква – свети Климент Охридски и 40-годишен Јубилеј од возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква (1958 – 1998 год.). Ние празнично го одбележуваме она што се случи во 1958 лето Господово на 4, 5 и 6 октомври во сесловенскиот Ерусалим – Охрид, кога на Вториот Црковно-народен собор, македонското домородно свештенство и народот преку устата на 219-те делегати, во Соборниот храм на охридските архиепископи „Св. Софија“, ја донесе историската одлука за возобновување на славната Охридска архиепископија во современата Македонска Православна Црква. Со тоа се отфрли срамната одлука на иноверната власт од пред 200-години, кога неканонски беше укината Охридската архиепископија. А, всушност, нашата Патријаршија и никогаш не престанала да живее и да делува во душите на православниот македонски народ и во свештенството, и покрај нејзиното институционално непостоење. А, од возобновувањето оваа света Црква има остварено успеси и постигнувања поголеми од многу други побројни цркви, за што вистинољубивите и ни оддаваат признание. Ние сме жива и многу активна Црква во сите сегменти од црковното живеење. Но, за да не звучи нескромно и пренагласено, овојпат, на празников, нема да приложуваме списоци и набројувања за постигнувањата, туку искрено и од сесрце да Му заблагодариме на Бога и на свети Климента за сè што постигнавме и да се помолиме за остварување на нашите идни планирања и потреби на Македонската Православна Црква.

Во врска, пак, со најновите интересирања за нашата Црква од православниот свет, можеме само да се радуваме и да се молиме зголемениот дух на љубов, мир и единство во Православието да вее повеќе и да носи нови плодови на заедништвото во Црквата Божја за да можеме со радост да ја одбележиме 2000-годишнината од христијанството и почетокот на заедничкото живеење во третиот милениум.

Современото значење на свети Климента

Ние, современите наследници на свети Климента треба да не забораваме дека сè она што било низ вековите глас и порака за нашите предци и генерации е порака и за нас. А пораката кон нас е многу едноставна: достојно да го славиме свети Климента. Како? Не само со прослави, со академии и славословија, оти тој има Божја слава, туку со животот наш – правејќи го она што го правел светителот. Да одиме по стапките негови како што тој одел по Христа, Кој е „пат, вистина и живот“ (Јован 14, 6). Тој пат е свет, свето е нашето минато, света е и нашата историја, свети ќе бидеме и ние, ако свети Климент ни е патеводител и наставник во евангелската вера и живот. Тоа ќе го постигнеме, ако го следиме примерот на светецот, и тоа:

Учителите, ако учителствуваат како што учителствувал големиот учител и просветител свети Климент Охридски;

Учениците, ако учат како оние на свети Климента;

Лекарите, ако лекуваат како Чудотворецот Охридски: со љубов кон луѓето и со вера во Бога;

Производителите и агрономите, ако произведуваат како што ги учел свети Климент – со надеж во Бога;

Управителите народни, ако управуваат со Светиклиментова љубов кон својот народ и кон Татковината;

Епископите, ако епископствуваат како светиот владика Климент;

Свештениците, ако свештенослужат и поучуваат како што богослужел и поучувал светиот свештенослужител и

Верниците, ако веруваат со верата на светителот. Само така, овој народ, оваа Црква и оваа држава ќе бидат благословени од светецот и од Бога и никој не ќе може со ништо да ни наштети.

Амин. Нека биде така! Нека ни е честит празникот и Јубилејот.

Протоѓакон проф. Ратомир Грозданоски

Беседа произнесена на свечената академија по повод патрониот празник и 40-годишнината од возобновувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската Православна црква (1958 – 1998), во Соборниот архиепископски храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, на 07.12.1998 лето Господово.