
Четврта научна средба 7.12.2010 НУБ ЗБОРНИК
Предавање одржано на Четвртата научна средба по повод патрониот празник на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, одржана на 7. 12. 2010, на тема: Свети Климент Охридски и Охридската, духовна и книжевна школа. Отпечатено во истоимениот Зборник.
Проф. д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон
Православен богословски факултет
„Свети Климент Охридски“ – Скопје
БИБЛИСКИОТ ДУХ И СВЕТОГЛЕД НА
СВЕТИКЛИМЕНТОВИОТ УНИВЕРЗИТЕТ
I. ОХРИДСКИОТ СВЕТИКЛИМЕНТОВ УНИВЕРЗИТЕТ СРЕДИШТЕ НА ТЕОЛОГИЈАТА, КУЛТУРАТА И ПРОСВЕТАТА
За вонредната улога на Охрид во средновековниот период од посебно значење е дејноста на свети Климент Охридски. Toj, како учител и епископ, заедно со свети Наума, исто така учител и игумен, чија 1100 годишнина од упокојувањето ја славиме годинава (910-2010), ги поставиле основите на Охридската глаголска книжевна школа.1 Цели два века пред Болоњскиот универзитет, свети Климент во 886 година го основал првиот словенски Универзитет во Охрид или како што вообичаено се нарекува Охридска книжевна школа. Оваа школа, која дејствувала на македонскиот терен од IX век, била приврзаник на глаголицата.
Охридскиот Светиклиментов универзитет бил значаен просветен богословски центар, според примерот на Магнаурската школа во Константинопол, со сите гранки на теологијата и писменоста од тоа време и претставувал голем расадник на првите ракописи за теологијата, библистиката, славистиката, историјата и уметноста. Тие ракописи се едни од најзначајните словенски дела во светот создадени сè до XII век, кога глаголицата била заменета со кирилица.2
Охрид има огромно значење како расадник на словенската култура и писменост во периодот на свети Климента, кој во Македонија мисионерел цели три децении, од 886 година, па сè до неговата смрт во 916 година. Оттука излегле преку 3500 ученици кои богословието на Охридската школа, словенската писменост, книжевност, пеење и уметност ја ширеле во повеќе словенски земји сè до Киевска Русија. Токму поради тоа, периодот на свети Климента се нарекува и златен век на словенската култура и писменост.3
Делата и книгите од Светиклиментовиот универзиет во Охрид, го најдоа местото во сите словенски средини, дури до далечната Русија, служејќи како примери за нови дела. Таа здрава традиција, таа далечна наша средновековна историја, култура и култ, ако не биле поставени на здрави основи, не би предизвикале кон нив такви бројни спонтани изливи на нашите творци, книжевници, дејци и уметници од нашата современост.
I.1. Свети Климент – вториот апостол Павле во Македонија
Свети Климент Охридски поминал кај својот народ низ сите краеви и ги поучувал луѓето. Постапил според Христовите зборови упатени до апостолите: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух“.4 Тој правел апостолско просветителство, онака како што апостолите ги просветувале народите, одејќи кај нив и, најнапред, учејќи ги и просветувајќи ги целосно нивните души: и умот, и волјата, и чувствата, а потоа, крштеваќи ги научените и просветените. Такво било неговото prosvyÃenie – многустрано и сеопфатно. Го формирал и Охридскиот универзитет за да можат младите луѓе да се здобијат со образование. Ги учел луѓето, како што се вели во неговото Житие, не само да читаат и да пишуваат, туку и како достојно да живеат и да дејствуваат во секојдневните работи, за што зборуваат многуте преданија кои и до денес се прераскажуваат кај народот.
Секој народ има барем еден таков учител кој е од Бога испратен за нивно спасение. Наш најголем учител и духовен пастир е свети Климент Охридски. Тој го следел Божјиот пример за добриот Пастир и Неговото стадо, опишан во 10-тата глава од Евангелието според Јован.5
Иако физички ослабен, но со силен дух и со својата определеност „моли се и работи“, свети Климент сецело бил предаден на својата црковно-народна дејност, сè до својата смрт, на 29.07.916 година. Тој е нашиот најголем просветител. За учениците и за верниците бил образец на смиреност, љубов и мир, и најголем пријател на писмото и книгата. Тој бил учител на правдата и вистината, наставник во верата, патеводител на патот кон вечниот живот, покровител на бедните и немоќните, основач на просветата и напредокот.
I.2. Свети Наум вториот управител на Охридскиот книжевен центар
За подобар успех во својата дејност, кога бил избран за епископ, свети Климент во Кутмичевица го повикал од Преслав и свети Наума, за тој да продолжи да се грижи за училиштето и за другите започнати дела. Бугарскиот владетел Симеон на местото на свети Климента за учител и управител во Охридската книжевна школа го поставил свети Наума.6 Тој претходно го имал формирано Книжевниот просветен центар во Преслав и раководел со него седум години, колку и свети Климент во Охрид. Следната седумгодишна учителска дејност на свети Наума, главно, се одвивала во Охридскиот универзитетски центар или во диецезата на Светиклиментовата епархија, којашто ја опфаќала територијата на Македонија. А по тие седум години, го формирал и Монашкиот духовен центар, каде што го поминал последното десетолетие од животот, за што сведочи и неговиот манастир, изграден на брегот на Охридското Езеро.7
Свети Климент Охридски е неодделен од светите Кирил и Методиј и од свети Наума. Иако сите тие се силно меѓусебно поврзани, сепак, секој од нив дејствуваше личносно, самостојно, самосвесно, полн со идеи, акции, знаења и обновувања и умножувања на знаењата. Покрај учителската и просветно-книжевната дејност, тие имаа и изразити желби за осамување во некој манастир, за hjsiciva – за тихување и внатрешно гледање во душата, за да бидат поблиску до Бога и во постојан контакт со Него, а секој што е поблиску до Бога, тој е поблиску и до луѓето. Колку повеќе се доближува до Него, току повеќе и до нив. Колку повеќе Го сака Него, току повеќе ги сака и нив. Така нашите свети просветители ги чувствувале својата заедница, човекот до нив и народот околу нив. Тие сè што правеле и создавале било за нив, за да ги учат и научат секаква ука. И да им служат, и да им одадат почест и да им се посветат.8
Таа сила на верата, појака од сè, ја содржи во себе и сета наука, и филозофија, и култура и дејност, и таа силно дејствува врз животот на луѓето и на заедницата. Таа ги јакне врските меѓу луѓето и ги прави нераскинливи и вечни и со Бога. Така дејствувале рамноапостолните свети Климент и свети Наум во Македонија. Таквото нивно дело ја просветило, осветило и запазило нашата македонска заедница.9
Наследството што ни останало толку трајно во Македонија е од предците, од изминатите времиња, од светите Кирил, Методиј, Климент, Наум и од Охридската школа. Тоа е длабоко вкоренето во нас, и нè одржа и нè одржува.10
Светото предание и црковната традиција е најсилната врска што ги поврзува луѓето во вечната заедница на духовното сродство со предците. Тие се живо присутни во целата наша култура. А изразот култура за своја основа го има зборот „култ“ што, во буквална смисла, значи однос на човекот кон Бога, кон верата и кон светото. Па, оттаму, според тоа каков им е култот на луѓето, таква им е и културата или како тие се однесуваат кон Бога, верата и светот, таква е и нивната култура. Ете тоа е културата и некултурата. Во таа смисла проф. д-р Вера Стојчевска – Антиќ, ќе рече: „Откако подолго време се занимавав со истражувањата на кирилометодиевската традиција во Македонија, откако се појави книгата „Свети Клименту“, дојдов до сознанија дека нивниот одраз, нивниот спомен, нивното присуство низ вековите, засведочено толку силно и во нашиот современ живот, не значат само хронологија на запишани информации, туку многу повеќе.“11
I.3. Теологијата е центарот на Книжевниот просветен центар во Охрид
Кон Охридскиот универзитет на свети Климента должно внимание посветуваат многу еминентни научници од целиот свет и го пројавуваат својот научен интерес. Тоа е така затоа што со него и со делото на свети Климента е поврзана една цела нова култура, нова писменост, нова книжевност и нови влијанија во светот. Тие влијанија ќе го определуваат идниот црковен, културен и општествен живот на Европа во IX и X век, а и низ вековите потоа.
Ние овде нема да се занимаваме со историските проучувања на оваа Висока школа, но ќе спомнеме дека нејзината содржина е во основа црковна и библиска и дека нејзините рефлексии изразито се чувствуваат низ сите словенски народи. Исто така би напомнале дека оваа Светиклиментова охридска школа е и литературна школа или како што се нарекува книжевен центар. Со право за неа се употребува и изразот Светиклиментов универзитет, бидејќи таму биле изучувани цел комплекс на науки: теологија, филозофија, литература, јазик, живопис, иконографија, градителство и архитектура, музика, медицина, па дури и агрикултура. За тоа можат да се пишуваат одделни студии за секоја од овие гранки, развивани во Охридската просветна и книжевна школа на свети Климент Охридски, како на пример: Охридската школа и архиетектурата, или Охридската школа и фрескосликарството, или Охридската школа и литературата итн.
Многу е јасно дека во тоа Светиклиментово време во Охрид цветала една голема култура на македонскиот народ и на сесловенскиот род. Уште повеќе е значајно тоа, бидејќи таков центар е прв на Европскиот континент на новоформираниот јазик на Словените. За нас, пак, претставува гордост што сме го имале свети Климента и неговиот Универзитет, со што покажуваме дека не сме биле народ со примитивна култура, туку со значаен културен центар во кој имало развиени форми на високо културен развиток.12 Затоа некои дури тој период го нарекуваат и „златен период“ кога дејствува најдаровитиот ученик на светите Кирил и Методиј, свети Климент Охридски и брат му свети Наум во нивната родна грутка Македонија.13
Во тоа време биле изградени и голем број на храмови – цркви и манастири.
Благодарејќи на дејноста на светите Климент и Наум, градот Охрид во втората половина на IX век израснал во еден од најразвиените и познати средновековни словенски културни центри. Колку, пак, многу свети Климент и свети Наум биле врзани за градот Охрид, говори и фактот, што и двајцата по нивната смрт биле погребани во манастирите што самите си ги изградиле на брегот од Охридското Езеро.14
I.4. Јазикот и просвештението најголемиот придонес на Школата
Карактеристика на Охридската книжевна школа е развивањето на јазикот на словенските народи, а тоа е извонредно важен фактор во историјата на народите.
Како продукт од развитокот на јазикот се појавува развојот на писменоста во Охридската школа и тоа: како писменост и книжевност. Развивањето на литературната дејност во IX и X век во Македонија е воплотување, раѓање и заживување на еден голем просветен подем, во кој училиштето и образованието, филозофијата и науката се негуваат во крилото на Црквата и народот се просветува. На луѓето им се проповеда словото Божјо и се создава еден нов поглед на животот и културата – христијански светоглед.
Најважен е просветителскиот карактер на литературното движење од овој Охридски универзитетски центар, како и развитокот на духовниот живот и културното и црковно издигнување на христијанската цивилизација.
Светиклиментовата книжевна школа во Охрид опфаќа широка црковно-културна дејност: основање на цркви, манастири, училишта, образование, литература, наука, филозофија, уметност – односно, сè она што ги карактеризирало големите културни центри во Византија. Ваквата комплексност на Светиклиментовиот центар во Охрид треба да се проучува сестрано, од сите аспекти, за да биде целосно и правилно разбрано неговото значење. Едностраното разгледување на писменоста, на пример, како литература, ќе ја осиромаши вистинската претстава за просветниот процес и просветителството. Важна е литературата: и оригиналната и преводната, затоа што таа има задача на образование, историја, морал, народно самосознание, но и верско образование и будење и вистинско духовно и културно просветување. Затоа литературата од тој период треба да биде разгледувана, толкувана и оценета и како грамотност, и како образование, и како наука, и како филозофија, но и како општа култура, како вера, како Црква и како богословие. Да не се заборава дека на тој начин во Европа влегува христијанската цивилизација на нов јазик.
Нашето соседство со Византија е привилегија за развојот на Охридскиот универзитетски книжевен центар и црковната христијанска културна активност, но и голема опасност. Од Византија доаѓал богатиот извор на теологија, знаења, наука, филозофија и уметност, но исто така, од Византија доаѓала и политичката и духовната опасност за наметнување на нивната туѓа култура. Сепак, свети Климент успеал да ја победи византиската култура и над неа да ја постави народната култура на нашиот народ од IX и X век. Во Македонија, новонаселеното словенско жителство, по покрстувањето доживува една христијанска културна метаморфоза, како и силно влијание на источната византиска култура, но со развојот на својот јазик, писменост и книжевност, на која целосно се предал свети Климент Охридски, била запазена основната карактеристика на народната култура. Тука спаѓаат обичаите и битот на населението за кои Црквата дури понекогаш морала да бара форми и начини да ги осмисли во духот на христијанството. Во тоа го наоѓаме просветниот подем што го развивал свети Климент Охридски во Охрид.
Охридската книжевна школа е носителка на народното самосознание. Таа е особено значајна за старословенската македонска црковна литература. Од неа се запазени и најстарите литературни творби на глаголско писмо.
Светиклиментовиот Охридски универзитет (Охридската книжевна школа) има просветителски карактер и таа е особено значајна за јазикот и за литературата. Кај неа е најзапазено влијанието на библискиот стил и заштитата на глаголската писменост. Исто така, во нејзината дејност се посветува особено внимание кон култот и делото на светите браќа Кирил и Методиј. Во оваа школа се препишуваат евангелски и литургиски текстови, а се родиле и оригинални творби преку перото на светата десница на свети Климента. Самиот свети Климент напишал или превел околу 100 “слова” (дела) и 50 химногравски творби, со што ги зацврстил темелите на македонската и општословенската литература и култура.15
Во XII, XIII, XIV и XV век се забележува проширувањето на литературата од Охридската книжевна школа низ подалечните краишта и земји, преку многубројните преписи кои стигнувале до другите црковни центри и до најдалечните словенски земји. Од сите дела на Школата, најмногу творбите на свети Климента се наоѓаат во разни преписи од сите овие векови и во сите словенски земји.16
Старословенската литература негувана во Охридската книжевна школа на свети Климента развива воглавно творби од ораторската проза, црковната поезија, богослужбените книги и химнологијата. Оваа литература отвори раѓање на една нова литературна цивилизација, на новиот јазик на Словените и постави основа на еден нов и важен период во историјата на целото средновековно христијанство. Охрид, свети Климент и неговиот Универзитет (Школа) направи граница меѓу двете големи јазично – културни цивилизации: грчката и латинската и од Охрид се издигна во Европа третата – словенско-јазична, културна цивилизација.
Словенските народи немале свој Цариград каде што со векови било собирано царското богатство, но сме го имале Охрид каде од почетокот се таложело нашето писмено, црковно, и културно богатство. Затоа Охрид е нашиот словенски дворец од каде се развивал целиот духовниот живот на сите.
Црквата во средниот век била синоним на просветеноста, училиштето и образованието.
Свети Климент е првиот просветител на македонскиот народ (oJ prwvto~ fwtisthv~).
Ако сакаме со една ознака да го обележиме свети Климента и неговата личност и дело, треба да кажеме дека тој е организатор на еден центар, на едно од првите и најсилните словенски културно-просветни и црковно-религиозни средишта, во чии рамки дејствуваше и прочуената Охридска книжевна школа. Светиклиментовиот универзитетски центар не беше некаква ефемерна појава, ами неговото дејство се чувствува и во идните векови.
II. УНИВЕРЗИТЕТОТ СО БИБЛИСКИ СВЕТОГЛЕД
II.1. Доближување на мудрословието и богословието
На Светиклиментовиот Охридски универзитет Библијата била во рацете кај секој наставник и ученик. Таа била основната книга за секој студент и за секој професор, без разлика на која наука и на која „катедра“ се студирало. Светото писмо било фундамент на сè. Богомудрието било основа за секое човекомудрие. Тоа бил основниот белег на Универзитетот.
Светиклиментовиот универзитет е познат по тоа што во основата на сите научни дисциплини стои Светото писмо, христијанското учење и христијанската етика, и што сите овие вистини биле предавани, толкувани и правилно објаснувани во духот на Светото предание и со инспирацијата – вдахновението на Светиот Дух, која зрачела низ непрестајниот литургиски живот и кај учителите и кај учениците во оваа високообразовна и научна установа.
Така, на овој Универзитет се образувале и се формирале, не само свештенослужителите, туку и книжевниците, и учителите, и лекарите, и правниците, и историчарите, и музичарите, и иконографите, и фрескописците и сите.
Секое учење, па и секое училиште и универзитет, треба првенствено да водат кон Бога, а потоа кон луѓето. Светиклиментовиот универзитет имал библиски оквир на мудрословие за целиот човечки живот и религиозен поглед. Таму низ таа призма се гледало и во височините на Божјите вистини и во длабочините на човечките мудрости и знаења на науките. Покрај богословието и богословските студии, на Светиклиментовиот универзитет бил проучуван и цел круг на егзактни науки, со што се комплетирала физиономијата на Универзитетот според примерот на големите просветни центри во Константинопол, Рим, Атина и Александрија.
Во овој Универзитет постоел еден урамнотежен однос меѓу мудрословието и богословието. Постоела ускладеност меѓу идеологијата, политиката и библистиката. И тогаш имало луѓе свртени кон материјалното. Но, Светиклиментовата школа го поставувала човекот на неговото вистинско место во овој свет. Постоеле и такви, на кои богатството никогаш не им било доволно, но и оние, на кои богатството од овој свет не им значело ништо. И во тој поглед Универзитетот кај луѓето создавал правилен библиски поглед, доближувајќи го мудрословието и богословието.
Основата на Светиклиментовиот универзитет била библиска врз која се изградувале и другите дисциплини и насоки од антропологијата, моралот, правото, филологијата, уметноста итн. Евангелизаторската димензија била поставена во функција на световната потрага за мудрост и за подобар живот, но само преку вистинското сотириолошко и есхатолошко разбирање на животот. На тој начин, во Охридскиот Светиклиментов универзитет богословието и мудрословието одлично му служеле на богообликувањето на човекот.
II.2. Библиското учење е и живот според него
Свети Климент Охридски дејтвувал на три начини: со молитва, со поучување и со давање личен пример во секоја добродетел.
Со тоа ни кажал дека христијанскиот живот не е само познавање на Божјите заповеди, туку и вежбање во христијанското живеење и исполнување на заповедите. Тоа значи дека христијанската вера бара ангажирање на целата човекова личност, на целосниот човек, и во знаење и во живеење. Во животот ние честопати правиме грешки и грешиме не затоа што не знаеме или затоа што сме необразовани, ниту, пак, затоа што постои злото и тоа нè наведува на лошо или затоа што имаме лоши намери и затоа што го сакаме гревот, туку затоа што не се грижиме доволно да живееме христијански. Тоа, пак, за да го научиме, најмногу и најдобро можат да ни помогнат примерите од вистинското христијанско живеење на светиите. Нивните примери и зборови претставуваат света ризница на спроведено учење во живот. Таа света, жива библиотека е достапна за секој добар ученик кој сака да биде добар човек. Од нив можеме во животот да го апсорбираме она што значи пречистено христијанско учење потврдено со искуство. Светиите учењето го потврдиле во своето живеење. Евангелското учење е живот, а не само учење.
II.3.3. Пример на богослужител
Во Охрид, на калето, од манастирот „Свети Пантелејмон“ на Плаошник, свети Климент имал прекрасен поглед на сите страни наоколу, поглед на восхит полн со Божјата убавина. Тука владиката често застанувал, долго молчел и стоел, а најчесто и се молел – Го славел, Го прославувал и Му благодарел на Бога, гледајќи во Божјата премудрост изразена во природните убавини.
Свети Климент своето молитвено правило не го завршувал со влегувањето в црква и со излегувањето од неа, туку неговата молитва продолжувала со неговото дишење, во урамнотеженоста на неговото телесно и духовно живеење. Таа била постојана. Тој и кога разговарал, и кога патувал, и кога пишувал или нешто друго работел, бил непрестајно молитвено исполнет.17 Молитвата била неговата главна зафатеност. Тој бил постојано во општење со Бога и затоа од него можеле учениците најдобро да научат како да се молат на Бога.
Свети Климент честопати богослужел пред своите ученици во Охридската книжевна школа и на тој начин, со пример ги учел учениците да навикнат на молитва и на црковна дисциплина. Неговото лично однесување за време на литургиите им давало силен впечаток и на учителите и на учениците. Неговиот спокоен и благ израз на лицето, мирот и спокојството во душата, прибраноста на мислите во умот и целосната присутност во литургијата, претставувале силна наука за идните свештенослужители кои се образувале и се воспитувале во Охридскиот универзитет. Учениците, гледајќи го свети Климента на богослужбите, многу јасно гледале дека тој навистина Му се обраќа на Бога. Неговото богослужење, пеењето и сите молитвени движења со сета сериозност и искреност го карактеризирале како човек избран од Бога да го води својот народ и да се застапува за него пред Бога. Притоа сите чувствувале дека владиката Климент навистина се моли за нив.
II.4. Проповедник со боговдахновено мудрословие
Неговите, пак, беседи, поуки и слова им останувале на учениците и на верниците во долги сеќавања. Ги поучувал сите за време на богослуженијата, но и потоа, секаде и секогаш. Во секоја пригода ги учел сите на сè што е добро, а особено и неизмерно многу посветено ги поучувал учениците, така што не постоела средба на свети Климента со ученик без да му искаже поука или совет. Притоа неговите поуки биле кратки, но многу содржајни. Тие биле посветени на најважните богословски теми и одмерени според возраста на ученикот.
Библискиот светоглед на свети Климента и неговиот Универзитет претставувал осмислено насочување кон царството Божјо, кон сладоста на вечниот живот, кон радоста на спасението и кон постојаното и живо чувствување на Бога.
Старите грчки филозофи упорно ја барале смислата на животот, па некои мислеле дека таа се наоѓа во богатството, а други во славата. ВоСветото евангелие, пак, Господа Исус Христос вели дека некој човек нашол во нивата скриено богатство. Потоа отишол дома „и продал сè што имал и ја купил таа нива“.18 Се разбира, сите му се смееле, зашто изгледало безумно некој да продава куќа и имот за една обична нива, но луѓето не знаеле дека во таа нива било сокриено богатството. За нас блажениот вечен живот што ни го нуди Бог е тоа сокриено богатство, кое можеме да го видиме само со духовните очи, а не со овие, телесните. Светиклиментовиот охридски универзитет се трудел тоа да им го открие на своите студенти и ученици, изградувајќи во нив библиски светоглед за овој и за идниот живот.
II.5. Евангелското златно правило на животот
Свети Климент Охридски, пренесувајќи им ја евангелската порака на своите ученици, со смирен глас им говорел дека не е доволно само да не правиме зло, туку треба да правиме и добро. Евангелското златно правило на достоинствен христијански живот е наједноставно и најсилно во Христовите зборови: „Сè она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие“. „Како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив!“19Ние сме повикани на активност, на движење кон доброто – на подвиг. Не може христијанинот да остане на нула, зашто нулата има и позитивна и негативна вредност, а само позитивното растење има значење пред Бога. Тоа најдобро го објаснува Светото евангелие, велејќи дека во човекот од кого беше излегол бесот, кога се вратил повторно, со себе донел други седум бесови полоши од него, бидејќи домот човеков го нашол очистен и празен, па лесно се вселил во него.20 Празнината, неактивноста, статичноста, дава можност за дејствување на злото: ако не е Светиот Дух во човекот, тогаш му доаѓа злодухот. Нечиј јарем мора да носиме, но подобро да го земеме Христовиот јарем, зашто тој е лесен и сладок. Господ Исус Христос рекол: „Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно“.21
Свети Климент Охридски на учениците им зборувал дека сè што ќе чујат на часот од богословските науки, уште истиот ден треба да го воведат во својот живот. Тоа треба да биде нивна животна практика. Само така најлесно и најдобро секој правилно ќе ја сфати Христовата наука која е и теорија – учење, но и практика, доживување – живеење. Затоа, Господ Исус Христос рекол: „Вие сте Ми пријатели, ако го вршите она што ви заповедам Јас“.22„Кога го знаете ова, блажени сте, ако го извршувате.“23 А најпосле, ќе ни рече: „И зошто Ми велите: ,Господи, Господи!‘ а не го извршувате она што ви го кажувам?“24
Кога некој ученик ќе му се обрател за совет на свети Климента, тој имал време за секого, секогаш. Тој бил пожртвуван учител и сеоддаден воспитувач. Ги поучувал не само на часовите, туку им давал совети за работа на учениците и после часовите. Секогаш имал за цел, секому и секаде да му го пренесе Евангелието. Сакал сите да ги научи на евангелскиот живот, секогаш, покажувајќи им го тоа со личен пример.25
Сите ги советувал на богољубие и братољубие. Барал никогаш никој да не зборува лошо за својот ближен и тоа не само затоа што тоа претставува грев, туку затоа што ближниот сигурно некогаш за тоа ќе дознае, па затоа велел дека добриот збор е одлучувачки фактор за добрите меѓучовечки односи и за исполнување на втората заповед од двете најголеми Божји заповеди: “Сакај го ближниот како себеси”.26
Учениците и верниците не само што ги слушале поуките на свети Климента, туку и живееле со нив, зашто го гледале неговиот живот, го следеле него како пример и го доживувале Христа преку неговата личност. Тој за нив бил жив учител, бидејќи лично го остварувал она што во беседите го препорачувал. Свети Климент проповедал не само со мудри зборови, туку и со живот – живеејќи според Евангелието.27
На учениците им велел дека нивна должност е да го проповедаат Евангелието, но истакнувал дека свештеникот проповеда и со збор и со личен пример, а особено со животот. Безполезно ќе биде колку и да зборуваме красноречиво, ако не живееме евангелски и ако не ја исполнуваме евангелската наука.
II.6. Просветеноста значи и добро воспитание – добродетелност
Свети Климент Охридски знаел дека училиштето треба да дава и образование и воспитание. Затоа Светиклиментовиот универзитет постанал расадник не само за писменоста, туку и за секоја добродетел. Знаел светителот дека човекот по природа е добар, но на патот кон моралното усовршување стои и незнаењето, па затоа се погрижил за просветата, давајќи им на луѓето образование, давајќи им знаење, но и воспитание, со цел да постанат и просветени и морално добри и јаки карактери. Тој во образованието и просветата на народот не бил теоретичар и не барал само знаење, туку широко познавање на животот, на Евангелието и на искуството од светиите. Училиштето, книгите и целата култура на еден народ треба да го покренува напред неговиот дух, сметал свети Климент, и затоа сето тоа го правел на народен јазик. Секој што сакал да го просвети народот, требало да му зборува на јазикот што го разбира, како што вели свети апостол Павле: „А сега, ако дојдам при вас, браќа, и ви зборувам на разни јазици, каква полза ќе имате од мене… Но в црква повеќе сакам да кажам пет зборови разбирливи, за да поучам и други, отколку илјадници зборови на непознат јазик. Ако, пак, целата Црква се собере на едно место и сите почнат да зборуваат на непознати јазици, а дојдат и прости луѓе или неверници, нема ли да речат дека сте полуделе?“28 Затоа и свети Климент зборувал на чист народен јазик и пишувал на тој јазик. Основна одлика на неговите дела била поуката, а таа поука не била само збор, туку производ на големото животно искуство и на потврдените зборови со дела.
Образованието на учениците – студентите во Светиклиментовиот универзитет било разновидно. За ова ни сведочи фактот што од Светиклиментовиот духовен расадник е зачувана богата ризница на стари ракописи, книги со преводна и оригинална книжевност, како и други споменици од нашата средновековна уметност, култура и цивилизација. Иако образованието не било исклучиво теолошко, сепак во сите сфери на останатите научни постигнувања бил ставан елементот на црковноста и библицизмот. Црковни луѓе биле и професорите и водачите на сите важни манифестации на духот од тоа време. Целиот тој културно историски огромен капитал е создаван под закрилата на Црквата, со библиска инспирација и со благословот на свети Климента.
Светиклиментовиот Охридски универзитет претставувал уста преку која Црквата ја проповедала Божјата премудрост и човечката мудрост и наука. Преку овој Универзитет Црквата одговарала на незнабожечкото разбирање на светот и животот и изградувала нов библиски светоглед во кој Црквата имала евангелска мисија. Големината и заслугата на богословите и учениците од Светиклиментовиот универзитет се содржи во тоа што тие успешно се користеле со наученото, спроведувајќи го во поставените проблеми во животот. На тој начин давале нова содржина и нови христијански, новозаветни решенија на различните прашања од животот на луѓето.
Потоа, учениците ги надминувале и рамките на наученото во Универзитетот, јавувајќи се како достојни сведоци и продолжители на просветеноста. На тој начин тие ја ширеле и ја богатееле полнотата на Црквата, и постанувале вистински учители и отци.
Свети Климент Охридски знаел дека пастирот мора да биде образована личност и направил сè што можел тоа да го постигне кај пастирите на својот народ. Со изучувањето на богословските науки, а особено со проучувањето на Светото писмо кое е основа на сите останати богословски науки, пастирот го добивал потребното знаење за да може во најпотребните моменти да и помогне на својата паства, да им вгради во срцето чисти религиозно-морални квалитети и успешно да ги води кон спасението.
Светото писмо било основа на сите добри пастири и свети оци, па и на свети Климента и на неговите следбеници. Свети Јован Златоуст велел дека Светото писмо е негов жезол, негово тивко пристаниште и цврста и сигурна поткрепа. Зборовите од Библијата претставуваат сигурна тврдина и бедем за пастирот, учителот и просветителот.
Проф. д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон
Православен богословски факултет
„Свети Климент Охридски“ – Скопје
БИБЛИСКИОТ ДУХ И СВЕТОГЛЕД НА
СВЕТИКЛИМЕНТОВИОТ УНИВЕРЗИТЕТ
Р е з и м е
Охридскиот светиклиментов универзитет бил средиште на теологијата, културата и просветата во средновековниот период, под раковоство на свети Климента и свети Наума, по примерот на Магнаурскиот центар во Константинопол. Оттука се ширела писменоста и книжевноста по сите словенски земји.
Свети Климент е вториот апостол Павле во Македонија, а свети Наум е вториот управител на Охридскиот книжевен центар. Секој народ има барем еден таков просветител и пастир, за просветување и спасение на луѓето.
Теологијата е центарот на Книжевниот просветен центар во Охрид. Таму се изучувале цел комплекс на науки: теологија, филозофија, литература, јазик, живопис, иконографија, градителство и архитектура, музика, медицина, па дури и агрикултура. Карактеристика на Охридската книжевна школа е и развивањето на јазикот на словенските народи. Тој бил универзитет со библиски светоглед. Таму имало доближување на мудрословието и богословието. Таму библиското учење било и живот според евангелското златно правило: да се сака Бог и ближниот и да им се прави на луѓето она што сакаме нам да ни го прават. Таму просветеноста значи и добро воспитание – добродетелност.
Клучни зборови: Охридски светиклиментов универзитет, свети Климент и свети Наум, Библија, теологија, култура, просвета, писменост и книжевност на јазикот на словенските народи; библиски светоглед, доближување на мудрословието и богословието.
1. Поопстојно за оваа школа, види: Ратомир Грозданоски, Библијата во делата на сцети Климент Охридски, Скопје 2001, 46-54; Блаже Конески, Охридска книжевна школа, Литературен збор, III/1, Скопје, 1956, 1-19; од истиот: Охридска книжевна школа, – Книга за Климент Охридски, Скопје, 1966, 69-97; Е. Георгиев, Охридска книжевна школа, Св. Климент Охридски 916-1966, БАН, Софиja, 1966, 53-77.↩
2. Блаже Конески, Охридска книжевна школа, Зборник: Климент Охридски – студии, Скопје 1986, 9-23.↩
3. Славко Димевски, Историја на Македонската православна црква, Скопје 1989, 57-62.↩
4. Матеј 28,19.↩
5. Јован 10 глава.↩
6. Ив. Дуjчев, Пространно грqцко житие и служба на Наум Охридски, – Сб. – Константин – Кирил Филозоф, БАН, Софиx 1969, 151.↩
7. Д. Коцо, Проучувања и археолошки испитувања на црквата на манастирот Св. Наум, – Зборник на Археолошкиот музеј во Скопје, Скопје 1958, 56 – 80.↩
8. Вера Стојчевска – Антиќ, Светите Климент и Наум Охридски и придонесот на Охридскиот духовен центар за нашата култура, традиција и култ, ЗборникМАНУ, Скопје, 1995, 132.↩
9. Исто, 138.↩
10. Исто, 139.↩
11. Вера Стојчевска – Антиќ, Светите Климент и Наум Охридски и придонесот …,131; Свети Клименту, предговор, избор и редакција Вера Стојчевска – Антиќ, Скопје, 1993.↩
12. Светлина Николова, Св. Климент Охридски и писмената култура на православните славxни през Средновековието, Кирило-методиевски студии, кн.13. Климент Охридски – живот и дело, Софиx 2000, 50-57.↩
13. Вера Стојчевска – Антиќ, Македонска средновековна книжевност, Скопје 1997, 129 – 154.↩
14. А. Милев, Грqцките житиx на Климент Охридски, Софиx 1966, 141-143; Гробот на Климент го открил Д. Коцо во манастирот „Св. Пантелејмон“ при Имарет (Д. Коцо, Климентовиот манастир „Св. Пантелејмон“ и раскопката при „Имарет“ во Охрид, – Книга за Климент Охридски, Скопје 1966, 129-169.↩
15. Н.Л.Туницкиj, Св. Климент , епископ словенскиj, Сергиев Посад 1913, 248; Е. Георгиев, Разцветqт на блqгарската литература в IX-X век, Софиx1962, 131; Х. Поленаковиќ, Климент Охридски, живот и дејност, – Книга за Климент Охридски, Скопје, 1966, 26; Б. Ст. Ангелов, Нxколко набл\дениx врqху книжевното дело на Климент Охридски, Сб. Климент Охридски 916-1966, Софиx 1966, 79; Б. Велчева, Глаголицата и школата на Климент Охридски, Сб. Климент Охридски 916-1966, Софиx 1966, 135; Б. Панов, Климент Охридски, Историја, г. III, бр. 1, Скопје 1967, 50.↩
16. Светлина Николова, Рапространение и значение литературного творчества Климента Охридского в <поху средновековyx, Литература и искусство в системе културy, Москва 1988, 135-143.↩
17. Тој ги исполнувал библиските зборови на свети апостол Павле, кој вели: „Молете се постајно“ (1. Сол. 5,17 сп. Кол.4,2).↩
18. Матеј 13,44.↩
19. Матеј 7,12; Лука 6,31.↩
20. Матеј 12,43-45.↩
21. Матеј 11,29-30.↩
22. Јован 15,14.↩
23. Јован 13,17.↩
24. Лука 6,46.↩
25. Протоѓакон Ратомир Грозданоски, Евангелието основа на животот и дејноста на свети Климент и свети Наум, Годишен зборник: Богословски факултет, книга 1, Скопје 1995, 151 – 161; Протоѓакон Ратомир Грозданоски, Евангелието – критериум за човекот и неговите дела,Годишен зборник: Богословски факултет, книга 2, Скопје 1996, 69 – 81.↩
26. Матеј 22,37-40.↩
27. Протоѓакон Ратомир Грозданоски, Евангелието критериум за човекот и неговите дела, Зб.: Czlowiek – dzielo – sacrum, Opole 1998, 173 – 184; Протоѓакон Ратомир Грозданоски, Евангелието – основа на животот и дејноста на свети Климент и свети Наум, Зб.: 1100 години од хиротонијата на свети Климент за епископ и доаѓањето на свети Наум во Охрид, Охрид 1995, 77-87.↩
28. 1. Кор.14, 6, 19 и 23.↩