Апостол Павле и Македонија
- сабота, 13 јули 2013 08:49
13 јули
(За МИА подготви Проф. д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон)
Почетоците на христијанството во Македонија се поврзани со свети апостол Павле. Кога говориме за апостол Павле и за неговата поврзаност со Македонија(*), треба да имаме предвид три работи:
1) Неговите доаѓања во Македонија;
2) Неговите посланија упатени до Македонците и
3) Посланијата што ги напишал во Македонија, а ги испратил до други места и личности.
Доаѓањата(2*) на апостол Павле во Македонија
За Македонија е библиска големина, а за Македонците Божји благослов тоа што имаме привилегија во оваа благословена земја да дојде големиот Христов апостол и евангелизатор, којшто го основал христијанството кај нас.
Првото стапнување на апостолот Павле во Македонија претставува и негова прва средба со Европа. Македонија станува порта, преку која Евангелието и христијанството ќе влезе во Европа. На тој начин Европа, директно од Христов апостол, преку Павловата проповед, првпат Го спознала Христа.
Доаѓањето на свети апостол Павле во Македонија се случило во годините 49, 50 или 51, а за најточна се зема 50 година и тоа е претставено на сите библиски карти (види географски карти за патувањата на апостол Павле во сите Библиите во светот).
Апостол Павле во Македонија дошол според Божја промисла. При неговото доаѓање во Македонија тој првпат ја посетил Европа. Тогаш Светото евангелие, од апостолски раце и со апостолска проповед, било пренесено на европскиот континент. Македонија е првата европска земја која била удостоена да го прими апостолот Павла и од него да чуе за Христа Спасителот. Тоа е најпрекрасниот Божји дар за оваа наша земја.
За ова, во Светото писмо, во книгата Дела на светите апостоли, апостолот Лука забележал: „И кога ја напуштија Мизија, тие слегоа во Троада. Преку ноќта имаше Павле видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: ,Премини во Македонија и помогни ни!‘“
По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи разбравме дека Господ нè повикал таму да го проповедаме Евангелието“ (Дела 16,8-10). Овој прекрасен библиски текст е нашето првоевангелие – Протоевангелие за Македонија.
Да се задржиме на неколку значајни работи во текстот и настанот.
Прво, многумина, сакајќи или не, знаејќи или не, грешат кога го изменуваат библискиот текст и недопустливо додаваат дека апостолот Павле имал “видение“ во сон. Во ниту еден библиски текст, од најстарите до најновите, буквално во ниту една Библија, не стои изразот „сон“. Тогаш, од каде тоа, не знам! Но, знам дека така се вели, па дури и на фрески и икони, се претставува апостолот Павле заспан.
Значи, Павловото видение не е во сон, туку на јаве. Тој не бил заспан, туку буден во „ноќта“, па дали нешто читал, пишувал или се молел, не е важно што правел, но бил буден и: јасно, будно и внимателно ја примил Божјата порака.
Второто изменување и сквернавење на библискиот текст е, веќе, злонамерно и тенденциозно. Јасно е, а библиски прецизно и точно е запишано дека на апостолот Павле, во видението, му се јавил „човек Македонец“, но тоа се искривоколчува и во некои понови Библии ќе најдете напишано: „човек од Македонија“, а тоа не е исто.
Тоа е неточно и дрско менување на библискиот текст. Тоа е противење на Божјата волја. Ете, Бог сакаше тоа да биде „човек Македонец“, а не друг и таква е Божјата промисла, која не смее и не може никој да ја измени.
И трето, треба да се разјасни тоа, од каде знаел апостолот Павле дека човекот бил „Македонец“. Тоа во библискиот текст не е кажано, но има три мислења:
1) Дека апостол Павле го познал Македонецот, според облеката;
2) Знаел дека е Македонец, според јазикот на којшто говорел;
3) Заклучил дека е Македонец, според повикот: „Премини во Македонија и помогни ни!“ Тоа значи дека самоит се претставил.
Ние нема да избираме што е најточно, туку логично ќе заклучиме дека сите три мислења го создаваат комплетното опишување на Македонецот, кого Бог го одбрал и го однел пред Павла, во видението, па, преку неговите зборови, говорел Бог и ја кажувал Својата промисла.
Го послушал ли апостол Павле, гласот на Македонецот? Да. За ова, во Библијата апостол Лука запишал вака: „Веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи разбравме дека Господ нè повикал таму да го проповедаме Евангелието“ (Дела 16,10). Сите биле уверени дека Бог ги повикал да им го проповедаат Евангелието на Македонците!
Затоа, тој, веднаш по видението, презел сè за да стигне во Македонија. Разговарал со македонските морнари и решил да премине на другиот континент.
Просторно тоа не било далеку. Патувањето не било долго. Пловењето од Троада (Азија) кон Македонија (Европа) било многу благопријатно. Времето прекрасно, а морето мирно, со благ јужен ветрец, којшто ја помагал пловидбата. Па и во тоа патниците го гледале исполнувањето на Божјата волја. Тогаш допловиле за два дни, а на истиот простор пловеле и по пет дена, на враќање (Дела 20,6).
Црквата во Филипи е Првата Црква на европскиот континент
Во Македонија, во Филипи(3*), започнува европското христијанство. Евангелието во Европа влегло многу тивко и скромно, преку доаѓањето на свети апостол Павле во Македонија и неговата прва проповед во Филипи. Кај Македонците тоа не се појавило свечено како во Ареопагот пред атинските филозофи, ниту така официјално како на Кипар пред државникот, туку тивко и скромно, како што било раѓањето на Господа Исуса Христа во Витлеем, во пештерата.
Кога христијанството се пренесувало од Азија во Европа, првата Црква на европскиот континент била формирана „во Филипи, кој во тој дел на Македонија е прв град, римска колонија“ (Дела 16,12). Изразот „прв“ (prwvth), како што се заклучува според старите монети, се давал како епитет на главните градови на провинции, но и на некои значајни градови, а таков значаен град бил и Филипи, бидејќи бил градот на Филип и Александар Македонски. „Прв град“ може да биде разбрано и како прв град од Европа којшто го примил христијанството од апостол Павле.
Црквата во Филипи била првата европска црква што ја основал апостол Павле (‛H ’Ekklhsiva stou;~ Filivpou~ h\tan hJ prwvth Eujrwpaϊkhv ’Ekklhsiva pou; i{druse oJ Paulo~). Оваа прва христијанска црква во Европа ја карактеризираат силната вера во Бога и големата љубов кон апостолот.
Тоа значи дека христијаните од Македонија, коишто ја сочинувале Филипската црква, биле исполнети со вистинско богољубие и братољубие, коешто е основа на Законот и Пророците, на Евангелието и спасението (Види: Матеј 22,37-40; Марко 12,30-31; Лука 10,27; спореди: 5. Мој. 6,5; 3. Мој. 19,18; Матеј 7,12 и Лука 6,31).
А за нивното благочестие пишува и светиот апостол Павле и ги пофалува, претставувајќи ги за пример пред другите христијани (прочитај: Филип. 1,8; 2,1-2, 12-13, 15; 4,1, 15-20). Македонските христијани, доброволно, со љубов и дарежливо милосрдие, материјално го помогнале делото на свети апостол Павле (Филип. 4,10-20).
Лидија првата христијанка
Свети апостол Павле во Филипи нашол одушевени следбеници најнапред меѓу жените. Тоа била големата добивка за евангелизацијата и христијанизирањето на Македонија и на Европа.
Во Филипи Лидија(4*) била првата личност која поверувала (Stou;~ Filivppou~ hJ prwvth pou; ejpivsteye h\tan hJ Ludiva) во Господа Исуса Христа и ја прифатила проповедта на свети апостол Павле (Дела 16, 14 и 40). Таа своето верување во Христа Спасителот го запечатила со нејзиното крштевање во Троедниот Бог. Лидија е првата христијанка во Македонија и во Европа која го примила христијанството од раката на апостол Павле, а посакала и своите блиски да ги приведе кон Христа, како што запишал евангелистот Лука: „се покрсти таа и нејзините домашни“ (Дела 16,15).
Освен Лидија, исто така силни по вера и добри христијанки од Филипи, во Библијата се спомнуваат и Еводија и Синтихија (види: Филип. 4,2).
Со посебно признание, од христијаните во Филипи, апостол Павле ги истакнува и мажите: Епафродит и Климент и „другите мои сотрудници, чии имиња се во книгата на животот“, вели апостолот (Филип. 4,3).
Црквата во Филипи на апостол Павле му била многу при срце и посебно сакана, затоа што таа била негова прва љубов и прва рожба на европскиот континент и тој вели дека му била негова „радост и венец“ (Филип. 4,1). Токму затоа, во Посланието ќе запише: „Бог ми е сведок колку многу ве сакам сите вас со љубовта на Исуса Христа“ (Филип. 1,8).
Жените први го примиле Евангелието во Европа
Први слушатели на Павловата проповед во Филипи биле жените, како што запишал апостолот Лука, велејќи: „Им зборувавме на собраните жени“ (Дела 16,13). Тоа значи дека Европа преку маж, во личноста на „еден човек Македонец“ (Дела 16,9), упатила повик кон Христа: да дојде Спасителот и во Европа, а преку жена, со покрстувањето на Лидија и првите жени коишто ги слушале проповедниците на Евангелието, ја примила Христовата спасителна поука. Евангелието кога стигнало во Европа, не го пресретнале мажите, туку жените, бидејќи тие први се појавиле пред апостолите. И Госпoда Исуса Христа, како што ни сведочи Евангелието, Го следеле повеќе богобојазливи жени од Галилеја и Јудеја, а во Самарија, жената Самарјанка била првиот проповедник за царството Божјо и сведок дека Го видела Христа Месијата. Мажите – апостолите, уште од Гетсиманија Го напуштиле Христа и се разбегале, а на Голгота жените се доближиле до крстот и го оплакувале Христовото распнување.
Мироносиците први отишле на Христовиот гроб и најнапред тие ја чуле веста за Христовото воскресение, па постанале благовесници и за апостолите, кажувајќи им дека Христос воскреснал. Не се спомнува во Евангелието за злобности, лицемерија и предавства од жени (освен Иродијада), а истакнати се нивните значајни активности во мисионерските проповеди на Евангелието.
Познати се и жени просветителки, како света Нина во Грузија, првомаченичката и рамноапостолна Текла, па Варвара, Евдокија, Софија со трите ќерки: Вера, Нада и Љубов, преподобна Марија Египетска, како и мајките: Антуса, Нона, Емилија и Моника, коишто ги родиле светите: Јован Златоуст, Григориј Богослов, Василиј Велики и Блажени Августин, па преподобна Параскева (Петка), света Злата Мегленска, цариците: Елена, Теодора, Олга и други, како и безброј свети жени маченички, преподобни и исповеднички, „чии имиња се запишани во книгата на животот, бидејќи нивниот труд има вечно значење“ (Филип. 4,3; Откр. 21,27; 13,8).
Свети апостол Павле имал правилно разбирање за способностите и одликите на жената, па затоа активно ги вклучувал и жените во мисионерството и во еван¬гелизацијата во ранохристијанската црква. Од неговите посланија се гледа дека ги пофалувал и поткрепувал надарените христољубиви жени, како што се: Лидија во Филипи, Прискила од Коринт, Фива при црквата во Кенхреја, Маријам во Рим, мајка му на Руф и други (Рим. 16,1, 3, 6, 13 и 1. Кор. 16,19).
Искуството во Црквата Христова покажува дека приврзаноста на жената кон Бога и кон Христа Спасителот ја прави многу похрабра и од мажот, па затоа во периодот на страдањето на Црквата под јаремот на комунизмот, во источноевропските православни земји, жените останаа поприврзани кон Црквата и тие ги полнеа храмовите на богослужбите, скришно ги носеа своите деца на крштевање и потајно го викаа свештеникот да ги благослови и освети домовите во кои живееја со своите семејства.
Куќата на Лидија станала прва црква (храм) во Македонија
Апостолите: Павле, Сила, Тимотеј и Лука, со другите приврзаници, се состанале во домот на Лидија „А тие… отидоа во домот на Лидија, ги видоа браќата, ги утешија и си тргнаа“ (Дела 16, 40). Нејзиното семејство било првата христијанска црква, а нејзината куќа и првиот христијански храм во Македонија и во Европа.
Нејзината голема куќа во Филипи постанала живеалиште за апостолите, дом Божји – храм и црква Христова. А таа, како добра мајка, мајчински се грижела за апостолите и за сè што било потребно за младата Црква во Филипи.
Во куќата на Лидија апостолите се сретнале со сите христијани и, откако ракоположиле свештеници и ѓакони и им дале упатства како да раководат со Црквата, си заминале. Во црковната општина (ejkklhsiva) оставиле: ѓакони (diavkonoi – слуги, служители Божји, при извршувањето на светата Евхаристија, во олтарот и во храмот); презвитери (presbuvteroi – старешини, продолжители на делото од апостолите) и епископи (ejpiskovpoi – надгледувачи, надзорници во Црквата).
Апостолот Лука останал во Филипи да ја надгледува новоформираната Црква – прва во Македонија и во Европа. Нему градот Филипи му бил роден крај, а Македонија неговата стара Татковина од каде што неговите родители се преселиле во Азија.
Свети апостол Павле, како што сведочи библискиот текст, останал секогаш со голема љубов кон градот Филипи, кон Филипјаните и кон Црквата во Филипи. Тоа била единствена црква која никогаш во животот не ја покудил, а која и понатаму, и откако си заминал од кај нив, материјално го помагала апостолот.
Апостолот го напуштил градот Филипи во мир и бил свечено испратен од раководителите на градот. Тоа е единствен град од каде што Павле си заминал непрогонет, а мирно и свечено.
Единаесет години по заминувањето од Филипи, пред крајот од своето прво затвореништво во Рим (63/64 год. Филип. 1,25-26; 2,24; 4,22; 1,13; 1,1; 2. Тим. 4,9-10), на христијаните од првата Црква во Европа, апостол Павле им напишал Послание и го упатил „до сите светии во Христа Исуса, што се во Филипи, со епископите и ѓаконите“ (Филип. 1,1).
Посланието до Филипјаните има многу интимен карактер, со израз на кротки и нежни чувства меѓу апостолот и Филипјаните, без строгост и изобличување. Тоа диши со љубов кон нив и полно е со лични спомени.
Взаемната љубов била делотворна и трајна: Филипјаните, како вистински духовни чеда, му давале на апостолот морална и материјална помош (тие го помогнале Апостолот и тоа: двапати, додека бил во Солун – Филип. 4,16; еднаш, во Коринт – 2. Кор. 1,8-9 и еднаш, во Рим. – Филип. 4,18), а тој им возвраќал со духовни дарови, грижа и совети во Посланието.
Затоа, им напишал: „Бог ми е сведок колку многу ве сакам сите вас со љубовта на Исуса Христа. И така, браќа мои возљубени и многу пожелани, радост моја и венец, стојте тврдо во Господа, возљубени!“ (Филип. 1,8 и 4,1).
Апостол Павле во Солун
Од Филипи апостол Павле, пролетта во 50-та година, тргнал кон запад, по царскиот пат Via Egnatia, и по шест дена пешачење, пристигнал во Солун(5*) (Дела 17,1-4).
Таму неговата проповед ја прифатиле малкумина од Евреите, но многу повеќе од незнабошците од Солун: Македонци и Елини. Апостол Павле, Сила и Тимотеј почнале да го проповедаат Евангелието Божјо во куќата на Јасон, во неговата ткајачница, во приватни домови и кај видни незнабошци и Евреи, „а исто така и не малку видни жени“ (Дела 17,4).
Тоа било лично, индивидуално душегрижништво и пастирствување, поединечно и семејно проповедање на Евангелието. Апостолите во тие директни контакти со луѓето умееле да бидат љубезни и привлечни, та предано и со љубов им служеле на сите. Секого го знаеле и секому посебно му приоѓале за да го придобијат за Христа.
И покрај првичните успеси (Дела 17,4) апостол Павле и неговите сотрудници морале ноќе да побегнат и да го напушти градот, бидејќи против нив се побуниле Евреите од Солун, припишувајќи им политички намери „против заповедите на ќесарот, изјавувајќи оти има друг цар – Исус“ (Дела 17,7).
Во Солун со свети апостол Павле биле и апостолите Сила (Силуан) и Тимотеј (1. Сол. 1,1). Нив потоа тој ги испратил по градовите и црквите во Македонија (Дела 17,2,4,10,14-15;18,5). Пред заминување, апостол Павле ги собрал Солун¬ските христијани во куќата на Јасон, им дал совети како да ја раководат Црквата и со жалење, знаејќи дека ќе ги снајдат тешки проблеми и маки, особено Јасона, си заминал од Солун. Црквата во Солун преживувала прогонство од страна на антихристијанските Евреи и тоа: едно, па друго, и уште многу маки и неволји (1. Сол. 2,14 и 2. Сол. 1,4).
Апостол Павле мислел дека набрзо ќе се врати во Солунската црква, но дури по осум години тој повторно ги видел своите пријатели во Солун. И тогаш, пак морал да бега од куќа во куќа. „Кога дојдовме во Македонија, никаков мир немаше телото наше; во сè бевме во маки; однадвор напади, однатре страв“ (2. Кор. 7,5). Но, прогонствата ги зацврстиле солунските христијани и ги зближиле, та затоа апостол Павле најмногу од сите цркви, нив ги фали за трпеливост, верност и братска љубов (1. Сол. 4,9-10; 2. Сол. 1,4).
Солунската црква на апостолот Павле му дала и тројца сотрудници: Секунд – придружник на последното патување ( Дела 20,4; 27,28; Кол. 4,10; Филип. 1,24) и „Гај и Аристарх Македонци“ (Дела 19,29). Аристарх бил со него и во затворот во Рим.
Апостол Павле во Берија
Изгледа, во 51-та година, светите апостоли Павле, Си¬ла и Тимотеј го напуштиле Солун. По 12-ет часовно одење кон југ, тие стигнале во Берија (Berriva), која се наоѓала во третата македонска управна област(6*).
Црквата од Берија му дала на апостол Павле и добар сотрудник, а тоа е „Сосипатр Пиров, беранец“ (Дела 20,4).
Оставајќи ги Сила и Тимотеја во Берија, свети апостол Павле одлучил да ја напушти Македонија и, по море, заминал за Атина (Дела 17,15).
Павловите посланијата испратени во Македонија и пишувани во Македонија
Во Светото писмо на Новиот завет Македонија и Македонците се споменати 28 пати во 24 стихови.
Ете, Бог сакаше така да ги прослави Македонија и Македонеците, запишувајќи ги во Светата Библија. Премудриот и Семоќниот Промислител за сè, определил апостолот Павле, во „видение“ буден, а не на сон, да се сретне и да разговара со човек Македонец. Видението стана реалност: апостолот го послуша Македонецот и ја исполни Божјата волја, па дојде во Македонија. Најпрво им го проповедаше Евангелието на Македонците во Македонија, а потоа и на Елините во Елада, и на Римјаните во Рим.
И не само во проповедта, туку Македонците имаат првенство и во посланијата, бидејќи првото свое Послание од сите четиринаесет, апостолот Павле го напишал за Македонците и го испратил во Македонија – до Солунјаните. Тој им напишал три посланија на Македонците:
1) Прво послание на светиот апостол Павле до Солунјаните;
2) Второ послание на светиот апостол Павле до Солунјаните и
3) Послание на светиот апостол Павле до Филипјаните (1. и 2. Сол. и Филип.);
а уште две ги пишувал во Македонија:
1) Второ послание на светиот апостол Павле до Коринтјаните и
2) Прво послание на светиот апостол Павле до Тимотеја (2. Кор. и 1. Тим.).
На Елините во Ахаја апостолот Павле им ги посочува Македонците како пример во верата и во добрите дела (прочитај: 2. Кор. 8,1-5; 9,1-5).
Такви биле Филипјаните, кои му се прилепиле до срце на апостол Павле, а и тој ним, па затоа во своето Послание до нив, тој ќе запише: „А знаете и вие, Филипјани, дека во почетокот на Благовестието, кога излегов од Македонија, немаше ниту една црква нешто да ми даде или нешто да примам освен од вас; зашто и во Солун, еднаш, и по вторпат, ми пративте нужни работи“ (Филип. 4,15-16).
А, пофално ја истакнува и добродетелта на Солунјаните, кога вели: „За братољубието, пак, нема потреба да ви пишувам, оти вие сами сте научени од Бога да се сакате еден со друг, бидејќи и така постапувате со сите браќа по цела Македонија. И ве молиме, браќа, уште повеќе да преуспевате“ (1. Сол. 4,9-10).
Во Библијата е запишано и следново: „Тој реши да се врати во Македонија…“ (Дела 20,3).
„И излезе за да тргне кон Македонија…“ (Дела 20,1).
„А кога Сила и Тимотеј слегнаа од Македонија, Павле беше…“ (Дела 18,5).
„Павле науми, откако ќе ја мине Македонија…“ (Дела 19,21).
„Ќе дојдам при вас, откако пропатувам по Македонија, оти ќе минам преку Македонија“ (1. Кор. 16,5).
„И преку вас да заминам за Македонија, а од Македонија пак да дојдам при вас“ (2. Кор. 1,16).
„Се фалам со вас пред Македонците дека Ахаја…“ (2. Кор. 9,2).
„Па, ако дојдат со мене Македонци и ве најдат неприготвени..“ (2. Кор. 9,4).
„Гаја и Аристарха, Македонци, Павлови придружници,…“ (Дела 19,29) итн.
Заклучок
Кога свети апостол Павле бил меѓу двата континента: Азија и Европа, повикан бил од човек „Македонец“ и љубезно замолен: „Премини во Македонија и помогни ни!“ (Дела 16,9). Тоа бил повикот на Европа за примање на христијанството. Тоа бил повикот на Македонија за примање на Господа Исуса Христа, на Евангелието и на спасението.
Преку „Македонецот“ кој му се јавил во видение, Европа го молела апостолот да дојде во Македонија, а тоа значи и во Европа, и да и помогне (Дела 16,9). Европа Го побарала Христа.
Голем ден е во историјата на човештвото кога свети апостол Павле пристапнал во Македонија, а тоа значи првпат на една европска земја. Со него во Македонија дошле и апостолите Сила, Тимотеј и Лука, а во мисионерската дејност се вклучиле и Македонците: Климент и Епафродит од Филипи, заедно со Лидија, Еводија и Синтихија (Филип. 4,2-3); па Секунд, Гај и Аристарх од Солун (Дела 19,29; 20,4; 27,2; Кол.4,10; Филип. 1,24); Сосипатр Пиров Беранец од Берија (Дела 20,4) и други.
А во Македонија проповедале и други апостоли. Според некои историски извори, се смета дека и апостолот Матеј во еден период проповедал во Македонија. Исто така и апостолот Андреј, братот на апостол Петар, минал низ Македонија, преоѓајќи од северниот дел на Црното Море до Пелопонез, во Патра, Ахаја, каде што маченички пострадал распнат на крст во облик на „Х“, како што сведочи црковниот историчар Теодорит, во петтиот век.
Врз основа на првите формирани цркви во Филипи, Солун и Берија, Македонија целосно се христијанизирала уште во апостолскиот период. Врз тие апостолски темели подоцна ќе се оформи и познатата македонска црква Јустинијана Прима, а подоцна Охридска архиепископија и денешната Македонска православна црква.
Фусноти:
(*) Повеќе за оваа тема види во книгата: Ратомир Грозданоски, протоѓакон, Светиот апостол Павле и Македонија, Скопје 2007.
(2*) Свети апостол Павле во Македонија бил четирипати: 1) При второто мисионерско патување, во 50/51 година, кога ги формирал црквите во Филипи, Солун и Берија (Дела 16,9-17,14). 2) При Третото мисионерско патување, во 57 година, посетувајќи ги вторпат истите места, но и други. Заедно со Лука ја крстосувал Македонија, проповедајќи го Евангелието низ сите македонски градови до Илирик и до источниот брег на Јадранското Море. Во тоа време, во Македонија, го напишал и го испратил Второто послание до Коринтјаните (Дела 20,1; 2. Кор. 2, 12-13; 2. Кор 7,5-9; Рим 15,19; Дела 20,2). 3) Во 58 година минал по третпат низ Македонија, враќајќи се кон Ерусалим и ги посетил градовите по обратен ред: Берија, Солун, Филипи (Дела 20,3-6). 4) И, четврти пат, кога од Македонија го напишал и испратил Првото послание до Тимотеја, во 64/65 година (1. Тим. 1,3).
(3*) Филипи се наоѓал на значајниот пат „Via Egnatia“ што минел низ цела Македонија, од запад до исток, и ја поврзувал оваа земја со Рим – со метрополата на светот. Тоа направило Филипи, поранешниот важен центар, градот на Филип и Александар Македонски, да биде врзан со градот на Цезар. Така Филипи постанал мала слика на Рим. Граѓаните на Филипи уживале посебен статус и градот имал свој устав за слободата, а секоја година самостојно избирале по двајца началници – „архонта“. Филипи постанал отсликување на Рим во политичка, инфраструктурна и надворешна форма, а Рим, подоцна, постанал отсликување на Филипи во духовно–христијанска форма, бидејќи свети апостол Павле прво бил во Филипи (во Македонија), па потоа во Рим. Првенството на Македонија во христијанството (примено од апостол Павле) пред сите европски земји, не смее и не може никој да и го одземе, или осквернува, туку треба достоинствено и чесно, тоа сите да и го признаат
(4*) Лидија била богата и набожна – „богобојазлива жена од градот Тиатир“, која живеела во Филипи. Таа потекнувала од малоазиската провинција Лидија, а била омажена во Филипи (Дела 16,14). А. П. Лопухин смета дека градот Тиатир бил македонска колонија во малоазиската провинција Лидија. Јеромонахот Хризостом Столиќ Хилендарац, пак, смета дека света Лидија е „родена во Тиатир, град во близината на Филипи (Македонија)“. Во православниот месецослов на светиите, света Лидија се празнува на 27 март. Таа е прва личност којашто била крстена од апостол Павле на европскиот континент и „затоа се прославува како прва христијанка – Европјанка“.
(5*) Тоа е стариот град Терма (што значи Топлина, а така бил наречен поради топлите извори). Сегашното име го добил според името на сестра му на Александар Велики – Тесалоника. Солун бил главен град на Македонија, а прв велеград во Европа што го посетил апостолот Павле. Во овој голем трговски и културен центар се мешале Истокот и Западот.
(6*) Берија бил главен град на третата македонска управна област. Се наоѓал 75 км западно од Солун или 350 км северно од Атина (Дела 17,10)