
Господовиот образец
ПРЕМИН
Разговор со д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон
Професор на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ – Скопје
наднаслов: Господовиот образец
наслов: „Оче наш, Кој си на небесата…“ или најсовршената молитва!
поднаслов: Господовата молитва ја изговорил Господ Исус Христос. Тоа го сторил на барање од учениците, т.е. апостолите. Тие еднаш го запрашале како треба да се молат и тогаш Исус ја кажал молитвата- „Оче наш…“ Оваа молитва е основа, база,„Устав за човечкиот живот“, суштина и вовед во сите христијански молитви, а севкупниот христијански свет ја практикува до денес и ќе ја практикува до вечноста
Горан Величковски
Ве молам, за молитвата, воопшто?
Молитвата е збор на душата. Да се научи човекот на молитва, да се научи да се моли, тоа значи дека ја научил науката над науките, научил како да му зборува на Бога, но исто така научил и како да Го слуша Бога. За жал, ние луѓето, се помалку сакаме да слушаме, туку повеќе да говориме. Тоа ни се случува и во обичниот живот, па дури и пред Бога. Ќе појдеме в црква, се што ни тежи ќе Му изнакажеме на Бога и не Му оставаме време Он да ни каже нешто. Си заминуваме! Тој взаемен разговор треба да биде остварен како разговор, бидејќи се работи за дијалог, а не за монолог. Молитвата е разговор на човековата душа со Бога, отворање на човечката душа, израз на душата. Таа е неопходна, бидејќи на тој начин човекот комуницира со Бога.
Постои ли молитва која е база, прапочеток на молитвите во христијанството?
– Господовата молитва е таква молитва. Наречена е Господова, оти неа ја изговорил Господ Исус Христос. Тоа го сторил на барање од учениците, т.е. апостолите. Тие еднаш го запрашале како треба да се молат и тогаш Исус ја искажал молитвата „Оче наш“, која и ние денес ја имаме и ја практикуваме. Таа се нарекува Евангелска молитва, зашто ја има во Евангелијата според Матеј ( 6 глава, 9- 13 стих) и според Лука (11 глава, 2- 4 стих). На Елеонската Гора близу Ерусалим има еден манастир на чиј ѕид, буквално на секој камен од ѕидот е испишана Господовата молитва на сите јазици што се говорат во светот. Тоа ни кажува дека онаму каде што е застапено Евангелието се практикува и молитвата на Господа Исуса Хтриста. „Оче наш…“ е основната молитва во светата христијанска православна Црква. Првите христијани ја нарекувале и „скратено Евангелие“, бидејќи во неа е сублимирано учењето на Христа и учењето за Христа. Поставена е во основата на сите молитви. Таа е насока за молитва и ги подгрева чувствата за молење. Почетокот на секое богослужение во Црквата е со „Оче наш…“ . Таа содржи се она што треба ние да молиме од Бога.
Дали е доволна оваа молитва за молење, особено ако знаеме дека Исус им ја препорачал на апостолите?
– Не е доволна. Господ Исус Христос и апостолите изговориле и други молитви, а светите отци боговдахновено напишале молитви и богослужбени песни и химни, кои го сочинуваат целокупниот систем на богослуженија во Црквата. „Оче наш“ е само образец, извор и мерка за другите молитви. Од неа произлегуваат мислите за сите други молитви и се од другите молитви што не е во согласност со „Оче наш“, тоа не е вистинска молитва, којашто Бог ја услишува. Таа е највозвишената молитва.
Предлагам да почнеме со толкувањето на зборовите во Господовата молитва…
– Пред тоа само неколку воведни напомени. Оваа молитва има едно повикување односно призив кон Бога, потоа следуваат седум прозби (молби) од кои првите три се обраќање кон Бога и молења за она што е Божјо, а следните четири се обраќање и молење за она што е наше, за нешто што би го нарекол- човечки потреби. Крајот на молитвата е изразен со славословие кон Бога.
Значи, почнуваме! ОЧЕ НАШ…
– Тоа е призивот кон Бога. Во овие зборови ние го повикуваме Бога, нашиот Отец. Зборовите „Оче наш“ покажуваат две основни мисли и насочуваат во човекот две основни размислувања- првото дека Бог е Отец наш, наш Татко, а не само Создател, како за другите созданија. За човекот Тој е повеќе од Создател и тоа е изразено во зборот Оче, а со зборот- наш- дека сме ние сите чеда Божји и дека луѓето се наши браќа. Овие две мисли се двете димензии кои го раководат човекот- едната по вертикала со зборот Оче до Бога и втората преку зборот наш, поимајќи ги луѓето во хоризонтала до сите луѓе. Тие две димензии го прават крстот на спасението на човекот, каде што човекот се вкрстува во тој центар и го остварува богољубието и човекољубието. На овој начин се остварува целиот Божји закон, односно Декалогот и двете најголеми Христови заповеди- сакај го Бога и сакај ги ближните. Значи, нашите мисли, зборови, дела и постапки треба да бидат во склад со волјата Божја и со Евангелието.
Христијаните за да го нарекуваат Бога- Оче, подразбира дека претходно постанале синови Божји преку светото крштение, затоа што оној кој ја нема Црквата за мајка, не може да го има ни Бога за Татко. НАрекувајќи го Бога Отец, ние покажуваме дека сме Божју чеда, родени од утробата на Црквата и синови Божји по благодат. Такви се членовите на едната, света, соборна и апостолска Црква и затоа со оваа молитва се молат само христијаните. Нарекувајќи го Бога Отец, ние посведочуваме дека Тој е наш Татко, а ние (луѓето) како Негови синови постануваме браќа Христови. На тој начин целата Света Троица е во наше сродство- Бог ни е Отец, така сме ние синови Божји, браќа Христови, го бараме братството со Христа преку синовството и ги бараме даровите од Светиот Дух.
Призивот-наш- означува победа над егоизмот, победа над гордоста кај човекот, тоа го совладува непријателството меѓу луѓето, а го всадува братољубието и човекољубието. Се молиме не само за себе, туку и за другите. Едноставно, тоа е наша обврска, што си ја преземаме со зборот- наш. Изразот наш создава еднаквост на луѓето кон Бога. Замислете еден горделив властољубец кога ќе ги изговори зборовите „Оче наш…“ Тој ќе мора да прифати дека во призивот Отецот е негов, но и на просјакот. Ако властољубецот е вистински христијанин ќе мора да сфати дека тој и просјакот се браќа, дека Отецот им е заеднички и дека тие пред Бога се еднакви. Богатите, сиромашните, умните, неуките, царевите, слугите… со изразот наш се изедначени, односно сите се браќа.
„Оче наш…“ се два збора кои кажуваат кому се молиме и за кого се молиме. На Отецот и не само за себе, туку за сите, еден за друг.
… КОЈ СИ НА НЕБЕСАТА…
– Овие зборови не определуваат место на Бога, затоа што Бог е неограничен, туку секадеприсутен. Зарем е Бог присутен и во нечистотиите, некој ќе праша. Тоа е како сончевите зраци- и во калта кога светат тие не се осквернуваат, не се валкаат, иако се прекршуваат во нечистотијата. Преку зборовите- Кој си на небесата- се исповеда неговата сеприсутност, односно Божјата надвременост и надпросторност. Со овие зборови се кажува дека Бог во Кој ние веруваме е надземен, надматеријален, натсоздаден, вечен, семожен. Нашиот Бог не е оној на идолопоклониците, односно Бог создаден од рацете човечки. Зборот- на небесата- уште означува меѓу светиите, меѓу праведниците, меѓу ангелите. Овој дел од призивот ни сугерира дека треба да се издигнеме од земното кон небесното, од материјалното кон вечното и да се насочиме кон духовното.
… ДА СЕ СВЕТИ ИМЕТО ТВОЕ…
– Прво од вкупно седумте молења, или прво од трите молења што се обраќаат кон Бога. Бог по природа е свет и сесвет. Неговото име е секогаш свето и пресвето, и така пеат ангелите. Така го прославуваат и светиите, а преку Божјото свето име се извршуваат и светите тајни. Затоа велиме- Да се свети името твое. Во сите молитви и во сите свети тајни, се вели- се осветува…, се крштева…, се венчава… итн., во Името на Отецот и Синот и Светиот Дух… Тоа значи, со тоа Име се извршува осветувањето или светата тајна или богослужението. Со овие зборови- Да се свети името твое, ние не го правиме името свето, туку ја поседочуваме вистината дека е свето. Тоа е прославување на светлината. Бараме прославување на името Божјо, а тоа ќе го постигнеме со проповедање на верата, со ширење на вистинското Богопознание, со побожниот живот, со молитвите, со правењето добри дела. Живеејќи евангелски, ќе бидеме пример и за христијаните, но и за оние кои не се христијани и сите ќе го прослават името Божјо. Господ Исус Христос рекол: „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го проскават вашиот Отец небесен“ (Евангелие според Матеј, 5 глава, 16 стих).
Христос рекол- „најнапред барајте ја славата на Бога и се друго ќе ви се придаде“. Тоа значи дека ако се молиме и ако бараме да се свети името Божјо, Бог во нас ќе всади стравопочит. А, стравот Божји е израз и извор на богоугоден живот кај човекот. Најпосле, преку светителите и проповедниците се свети името Божјо, преку нивните подвизи, чудотворства, мачеништва, итн. Да се свети името Твое, значи и исполнување на третата заповед од Декалогот, во која се вели: „не го изговарај напразно името на Господа, твојот Бог“, а името ја претставува личноста.
… ДА ДОЈДЕ ЦАРСТВОТО ТВОЕ…
– Најсовршеното царство е Божјото царство. Прво, под царство кое го бараме во молитвата се подразбира Црквата Христова, која е видливо царство на земјава и со тоа се молиме таа да се распространи секаде на светов. Второ, царството Божјо го претставува царството на Божјата благодат, нешто што треба да дојде во нашите срца. Трето, под царство Божјо го подразбираме идното вечно царство, кога Господ при второто Христово доаѓање ќе дојде како судија и кога ќе настапи осмиот незаоден ден – вечноста. Со овие зборови сакаме молитвено да порачеме- кога ќе дојде, Господи, тоа царство, да бидеме и ние дел од него, да бидеме негови членови. Да не ги чуеме зборовите- „Одете од Мене, проклети во вечен оган“, туку да ги чуеме оние Христови зборови- „Елате, благословени од Мојот Отец…“.
Какво е царство Божјо и како би изгледало тоа?
– Евангелистот Лука вели- „Царството Божјо е во вас внатре“, а апостол Павле додава- „Царството Божјо не е јадење или пиење, туку правда, мир и радост во Светиот Дух“. Кога место гнев во нас ќе имаме љубов, место зло- добро, место гордост- смирение, дури тогаш ќе завладее царството Божјо во нас, а од нас ќе продолжи во нашето семејство, соседство, во народот и во целиот свет. Така, во вид на концентрични кругови се остварува царството на Бога на земјава.
Значи ли тоа дека не владее царството Божјо, па ние треба да се молиме?
– Владее, но не со сите. Ние се молиме тоа да биде поприсутно кај повеќето луѓе во светот. Кај оние што не се молеле, да почнат да се молат, кај оние што само вербално се молеле, да го кажуваат тоа со вистинско молење и покажување на дело, а кај оние што велат- Да дојде царството твое, а постојано се грабаат за своето царство на земјава, да се смени тој резон, да се презрат земните и гревовните работи и да се прифатат небесните и духовните. На тој начин ќе завладеат благодатниот мир, чистото срце и детското смирение кај човекот. Доаѓањето на царството Божје е молитвена желба на христијаните, слава и торжество на светиите и ангелите, забуна за незнабошците и неверниците, правда и суд за сите луѓе и престанување на борбата меѓу злото и доброто. Кога ќе настапи царството Божјо, а тоа ќе биде после судот Божји, ќе биде исчистена сметката меѓу доброто и злото.
… ДА БИДЕ ВОЛЈАТА ТВОЈА, КАКО НА НЕБОТО, ТАКА И НА ЗЕМЈАТА…
– Се молиме да живееме на земјава како да сме жители небесни, односно да живееме овде како да се наоѓаме таму, на небото. Ако на тој начин ја исполнуваме Божјата волја, тогаш нашето дело ќе биде слично на делото од ангелите во исполнувањето на Божјата волја. На небото, волјата на Бога е постојано исполнувана, затоа што волјата на ангелите целосно е насочена кон доброто, а нивната слободна волја е ускладена со волјата на Бога. Молењето со овие зборови е и нашата волја да остане постојано во склад со Божјата волја. Ова означува една Богочовечка соработка на Божјата и човечката волја, а совршен пример на таа соработка е даден во личноста на Богочовекот Исус Христос, Кој во Себе ги имал и двете волји, и двете природи- божјата и човечката.
За да ја постигне таа соработка, човекот треба целосно да проникне во Христа. Мислите да му бидат богомисли, чувствата да му бидат богочувства, волјата добротворна. Живеејќи така, човекот ќе се охристови и ќе се осмисли како битие. На тој начин, човекот постанува Божји отсјај. Со зборовите- Да биде волјата твоја, како на небото, така и на земјата, ние сакаме да покажеме дека имаме добра волја да бидеме како ангелите и светиите, и по нивниот пример да постапуваме на земјава. Во женскиот манастир Св. Екатерина, во Ерусалим, на влезот од портата е запишано: Да биде волјата твоја, како на небото, така и на земјата. Монахињите овој дел од Господовата молитва го земале за свој подвиг и во се постојано прават одрекување од својата и исполнување на Божјата волја.
Некој ќе рече- па дали тоа Бог прави што сака со нас?
– Не, тоа значи дека ние го правиме она што го сака Бог. Ако во нас биде Бог и Божјата волја, тогаш престанува можноста да делува во нас волјата на ѓаволот. Со овие зборови од молитвата му даваме простор на Бога да делува во нас и ја одбегнуваме можноста преку нашата слабост да направиме грешка. Преку овој дел од Господовата молитва ние се оградуваме од желбата за некое злодело. Од друга страна, се што се случува со нас ( и добро, ама и лошо) е пред Бога, па му даваме можност на Господ да делува. Преку зборовите- Да биде волјата Божја, доброто полесно можеме да го оствариме, но и злото полесно да го поднесеме.
Откако се молевме за она што е Божјо во првите три молби од Господовата молитва, сега ќе се симнеме на земјата и ќе продолжиме да се молиме за она што е човечко, за телесните потреби од земниот живот. Четвртата молба гласи- ЛЕБОТ НАШ НАСУШЕН ДАЈ НИ ГО ДЕНЕС…
– Велиме наш, а не мој, дај ни го нам, а не мене што значи повторно нагласување на христијанската љубов и молење за сите затоа што сите ги љубам и ги сакам. Овие зборови го уништуваат егоизмот и го шират братољубието.
Под леб се подразбира се она што е потребно за телесниот живот (храна, пиење, облека, живеење). Велиме- потребното, основното. Лебот е земен како основа во исхраната, бидејќи на Блискиот Исток, па и кај нас, трпезата не била потполна ако немало леб. Луѓето се уште велат: ајде да јадеме леб, или јадев леб, па затоа овде лебот е земен како основа во молењето. Нагласувам дека постојат два вида леб- материјален и духовен. За материјалниот е кажано, а под духовен леб светите отци ја подразбираат Божјата спасоносна наука, оти Господ Исус Христос рекол- „Не само од леб ќе живее човекот, туку и од секој збор што излегува од устата Божја“, Божјата благодат, односно светите тајни и светата причест, кои духовно ја хранат и напојуваат душата. Господ Исус Христос во Евангелието според Јован, рекол: – „Моето тело е вистинска храна и Мојата крв – вистинско питие“. Он е лебот наш, како што рекол: лебот Божји е Оној, Кој слегува од небото и му дава живот на светот.
Зборот -насушен- доаѓа од црковно- словенското- суштии, суштен, оној што суштествува, односно оној што го прави човекот да суштествува, да опстојува, да живее. Насушен значи и секојдневен, а кога се молиме со изразот- Лебот наш насушен, значи секојдневен, во смисла на секој ден, но додавката- Дај ни го денес, означува молење за денешниот ден, а утре ќе се молиме за утрешниот, оти тоа утре не зависи од нас, туку од Бога. Изразот ден е во склад со Божјата промисла која вели- не грижете се што ќе јадете и што ќе пиете оти Бог знае дека од сето тоа имате потреба (Евангелие според Матеј, 6 глава, 31 и 32 стих). Апостолот Павле на оваа тема вели: Голема печалба е, навистина, да биде човек благочестив и задоволен со себеси. Бидејќи ништо не сме донеле на светов, јасно е дека не можеме ништо да однесеме. Кога имаме храна и облекло, со тоа да бидеме задоволни (Прво послание до Тимотеј, 6 глава, 6 до 8 стих). Ова е прекрасно учење за христијанската умереност. Тука човекот треба да ја победи сета овоземска похота и страст.
Зборовите- Дај ни го- не значат Бог да ни пушти леб одозгора, да го добиеме дарум, туку да ни даде можности, да ни даде способности и здравје, па чесно и со труд да си го заработиме лебот.
… И ПРОСТИ НИ ГИ ДОЛГОВИТЕ НАШИ КАКО ШТО ИМ ГИ ПРОШТАВАМЕ И НИЕ НА НАШИТЕ ДОЛЖНИЦИ …
– Со овие зборови се потсетуваме на нашите гревови, признаваме дека имаме гревови, а безгрешен човек нема. Само еден Бог е безгрешен! Зборот долгови е земен како синоним за гревови, бидејќи во грчкиот и во источноазиските јазици гревот е преставен како долг пред Бога. Тоа е така затоа што ние не можеме целосно да го заслужиме простувањето пред Бога, а она што го добиваме како такво го добиваме по милоста Божја, а не по наша заслуга. Втората димензија е дека ние луѓето не можеме за се да се оддолжиме, што значи дека остануваме должни кон Бога. Затоа нашиот грев е долг пред Бога. Како што може да се забележи, и во оваа молба велиме- Долговите наши, што значи дека се молиме за себе, ама и за другите, и за оние кои не се молат за своите гревови. Конечно, треба да се потсетиме дека Исус на крстот се молеше за Своите непријатели: „Боже, прости им зошто не знаат што прават“, а и првомаченикот, архиѓакон Стефан рекол: „Господи, не примај им го ова за грев!“
Како Бог простува и колку простува?
– Во Евангелието спопред Матеј јасно е кажано- „Ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен“. Во Евангелието според Лука се вели- „Проштевајте и ќе ви биде простено“. Со ова, ние сме поучени да проштеваме, а тоа значи да не бидеме злопамтливи, да не бидеме непријатели кон луѓето, да се измириме со скараните и да дејствува љубовта во нас. Значи, да бидеме кротки кон виновниците и незлобни кон оние што ни згрешиле. Ако некој е далеку и немаме комуникација со него, а сме во кавга, светите отци препорачуваат со него да направиме измирување во сопствената душа, да го истиснеме злото и омразата, да создадеме почит кон другиот човек и така очистени да отидеме на молитва или на причест.
Во првата средба со човекот со кој сме скарани треба да му пријдеме и да му се извиниме, односно да си простиме.
Светите отци, исто така, велат- прости му на оној што бара прошка. Кога апостолите Го прашале Господа Исуса Христа, колкупати да им проштеваат на грешните, Тој одговорил- седумдесет пати по седум. Тоа не значи 490 пати, туку безброј пати прошка. Ако не му дадеме простување на некој што бара прошка од нас, тогаш ние правиме поголем грев од неговиот. Тој, барателот, ќе отиде пред Бога и ќе се пожали дека не ја добил прошката. Тогаш Бог ќе му го прости гревот, а ние ќе станеме виновни пред Бога и ќе ја поразиме сопствената душа. Тој можеби ни наштетил на нивата, куќата, стоката, децата, а ние си наштетуваме на душата, а во евангелието е речено: „Каква полза е за човекот ако го придобие и целиот свет, а надушата своја и наштети“.
Со овој дел од Господовата молитва ( И прости ни ги долговите наши, како што и им ги проштеваме и ние на нашите должници) стануваме сами судии над себеси. Овие зборови значат и договор со Бога, односно, Му кажуваме како Тој да ни прости. Мерката ние му ја кажуваме- како што јас му простив на тој што ми згреши, така и Ти, Господи, прости ми. Во целиот овој однос има огромна разлика. Ние простуваме со математика, со сметка дека и Бог ќе ни прости, оти сме грешни, а Бог нам ни простува бидејќи е безгрешен и тоа го прави без никаква математика, туку со бесконечна љубов кон луѓето.
… И НЕ НЕ ВОВЕДУВАЈ ВО ИСКУШЕНИЕ…
– Откако ни прости, или се помоливме да ни ги прости гревовите, сега се молиме на Бога да не направиме нови гревови. Искушението се уште не е грев, но можност за грев на оние слабите, а потврда во верата и во добрите дела за силните. Искушението претставува испитување, како испитувањето на Авраам, на Јосиф, на праведниот Јов, на апостолот Петар, на Јуда… Едниот од нив, Петар, го победи искушението на предавството, а Јуда не успеа да го победил искушението на среброљубието. Господ Исус Христос рекол: молете се да не паднете во искушение. Значи, искушението се победува со молитва и бдеење.
Има два вида на искушенија: телесно и душевно. Има два начина на искушување- едниот е преку нешто што ни е пријатно и луѓето во тие искушенија влегуваат доброволно, преку својата слободна волја (такви се искушенијата на алкохолизмот, дрогата, прељубата, крадењето, итн.) и вториот начин е искушение преку нешто што ни е непријатно, тешко, болно и жално (несреќи, загуби, болести, сопствени или на најблиските). Светите отци кажуваат дека искушенијата главно доаѓаат од четири извори- од ѓаволот, кој е вечен непријател на човекот, искушувач и човекоубиец од века, кој како лав рика и бара некого да проголта; од светот, кој лежи во зло и искушува со сите соблазни; од лошите луѓе и нивните злодела и од нас самите- нашето сопствено тело, мислите, страстите, сластите и похотите. Без искушение не е никој, па ни Господ Исус Христос како Богочовек не останал без искушение. Веднаш по крштевањето бил искушуван на Гората. Тоа не значи дека е бесмислено нашето молење- И не не воведувај во искушение. Овие зборови треба да се разберат како- Боже, помогни ни да го победиме искушението, или- она искушение кое ќе го допуштиш врз нас, дај ни сили да можеме да го поднесеме.
Зар Бог ги искушува луѓето?
– Бог никогаш никого не искушува, но Бог допушта искушенија, а искушува ѓаволот. Ѓаволот не може никого да го искушува без Божјо допуштање. Имаме еден евангелски пример дека ѓаволот трепери пред Бога и дека не може во никого да влезе и да го искушува без Божјо допуштање. Кога Исус изгонил бесови од двајцата бесомачни, при излегувањето, бесот се обратил до Христа и го прашал- кога веќе ме гониш, дозволи ми да влезам во оние свињи. Бог допуштил да се случи тоа, злите духови влегле во свињите, а овие, пак, се издавиле во морето. Ова е сведоштво дека ни во животните не може да влезе ѓаволот без Божјо допуштање, а не, пак, во човекот. Бог кога допушта искушенија дава благодатна енергија да се победат искушенијата, а сите тие допуштања на искушенијата се со Божјо провидение. Провидението Божјо знае дека тоа допуштено искушение е за зацврстување во верата или за добар пример пред себеси и пред другите. Тие Божји допуштања имаат смисла во планот на Бога за спасението на луѓето и нивниот крај е секогаш добар.
За разлика од допуштањето на Бога, искушенијата на ѓаволот кои ги примаме по наша слободна волја, се дела кои секогаш имаат лош крај.
… НО ИЗБАВИ НЕ ОД ЛУКАВИОТ…
-Овде треба да се објасни изразот- лукавиот. Лукавиот го претставува ѓаволот, кој е непријател на луѓето. Велиме- Избави не. Значи нас, а не мене. Повторно имаме молење едни за други. Не треба да се гневиме на луѓето за злото, туку во основа за секое зло е виновен ѓаволот. Се разбира, одговорноста за злоделата ја има и човекот, но основата и инспирацијата се од ѓаволот. Светите отци ни порачуваат- мрази го гревот, а љуби го грешникот.
Зборовите од овој дел на Господовата молитва значат- избави не од секакво зло што може да не снајде. Ти, Господи, можеш да ја скротиш злобата на ѓаволот – избави не од лукавиот.
На крајот од молитвата Оче наш има едно славословие, кое некаде го пишува, а некаде не. Дали славословието треба да го кажуваат мирјаните или тоа е славословие кое смеат да го изговараат само свештениците?
– ЗАШТО ТВОЕ Е ЦАРСТВОТО, И СИЛАТА, И СЛАВАТА ВО СИТЕ ВЕКОВИ. АМИН! Тоа е славословие кое оддава почит и слава на Бога. Што се однесува до вашето прашање, правилото е: кога христијанинот е на општо, заедничко богослужение, тогаш овие зборови ги кажува свештеникот. Кога верникот се моли со лична молитва (дома), тогаш тој треба да ги изговори и овие зборови кои се интегрален дел од Господовата молитва.
Би додал уште неколку зборови за содржината на славословитето. Изразот- Твое е царството, покажува дека ние веруваме и искажуваме убедување дека Божјо е царството, дека Бог царува со се, дека Тој е цар над царевите, дека Тој владее со сегашноста и со вечноста, со раѓањето и со смртта. Со самото тоа што сме во царството Божјо ние го добиваме спокојот, оти Тој не чува, не сака, Бог е со нас. Зборот- Сила- ја покажува Божјата семожност, покажува дека Тој е посилен од нашиот непријател или како што велат светите Отци- кога е Бог со нас, кој ќе е против нас. Зборот- Слава- е исповедање, наше исповедање дека се исполнува Божјата слава и на небото, и на земјата. Молитвата завршува со зборовите- И во сите векови. Значи- царството, силата, славата ќе бидат вечни, без крај, бесконечни. Амин, значи- нека биде така, вистина е!
Кога треба да ја кажуваме молитвата Оче наш?
– Секогаш! Нема време, ниту место кога не смее да се кажува оваа молитва. Задолжително треба да се молиме со „Оче наш“ најмалку трипати на ден- пред спиење, при станување и пред ручек.
Господовата молитва е прва молитва од вселената, односно кога човекот се искачи на месечината, првите зборови што беа проговорени беа: „Оче наш…“ Без оваа молитва христијанинот е како патник без компас.
Седумдесет зборови не се тешки да се научат без разлика дали некој е доктор на науки или неук човек, без разлика дали се работи за дете или за возрасен човек, за презафатен бизнисмен или слободен човек. Значи, треба само да се има желба да се проба, да се сладокуси чудотворната моќ на Господовата молитва. Со неа се молел Господ Исус Христос, апостолите, светителите и сите добри христијани – да се молиме и ние!
РАМКА
Оче наш, Кој си на небесата;
да се свети името Твое;
да дојде царството Твое;
да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата;
лебот наш насушен дај ни го денес;
и прости ни ги долговите наши, како што им ги проштеваме и ние на нашите должници;
и не не воведувај во искушение,
но избави не од лукавиот;
зашто Твое е царството, и силата,
и славата во сите векови. Амин!