Да се живее заедно со почит кон различностите

Произнесено на: ТРЕТАТА СВЕТСКА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА МЕЃУРЕЛИГИСКИ И МЕЃУЦИВИЛИЗАЦИСКИ ДИЈАЛОГ, 10-12 мај 2013 – Скопје

Богатството на различноста – различноста е богатство

Бог ја создал различноста. Различни се и времињата и годините и сè во нив и со нив. И сè што се раѓа е различно и ниедно не е исто со другото и никој не е ист со никого. Секој е посебен и сè е посебно, богосоздадено, оти Божјото создавање не престанува.

Во што e различноста? Во сè: погледни само наоколу и секаде и кај секого ќе забележиш различност. Таа е видлива и препознатлива во многу нешта: во раст и возраст, во глас и стас, по лик и лице, јазик и писмо, вера и култура, ставови и мислења – и уште безброј лични: телесни и духовни особености, па посебности на средината и заедницата во која припаѓаме итн. Различен е секој од секого. Нема исти, дури и во најблиските.

 

Различни меѓу личностите

Секој има различно детство, различен живот, различни родители, роднини, пријатели, живеалишта, сопствености, постигнувања, пропусти, желби, мисли, погледи, ставови, навики и што ли не различно. Едноставно, јас сум различен!

Но, ние сме различни само, ако има и друг. Не сме различни ако сме сами, само ние, без другите. Стануваме различни кога ќе се споредиме со другите.

Зборот „различност“ е сложена форма од зборовите „раз“ и „личност“. Зборовното толкување би значело дека тоа искажува нешто што е „меѓу“ „личноста“, односно покажува нешто што постои меѓу една и друга личност. „Различноста“ прави споредбеност на личноста со друга личност, меѓуличносно. Нешто што е меѓу личноста и што одвојува од другите, прави разлика. „Раз“ +„лика“ значи, виденото „меѓу“ два „лика“. Како што значи „растојание“ простор меѓу едно и друго – едно стои овде, а другото таму и меѓу нив е растојанието. Меѓу личностите е „различноста“.

Но, кој е различниот? Тој, таа, тие, другите. Другиот, поинаквиот.  Нe, не e тој, туку јас сум различниот, поинаквиот, другиот. Да не мислиме секогаш дека другиот е различен. Не, јас сум различен. Јас сум поинаквиот од другиот. Јас треба, прво, да ја запознаам мојата различност, да се видам себеси и да се огледам во огледалото на другиот. Различноста е огледало во кое се гледа личноста. Ако така приоѓаме и ако од себеси поаѓаме, поинаку ќе се однесуваме кон различноста и кон различниот, оти јас сум различниот за него. Да почнеме со прашањето кон себе: што треба јас да направам кога сум различен од другиот или што правам јас како различен од другиот. Придонесувам за доброто на двајцата или не? Го подобрувам заедништвото или го влошувам? Се доближувам или се оддалечувам? Помагам или одмагам?

Хармонија во различноста

Што претставува различноста? – Таа означува поинаквост, нееднаквост,неистообразност, другост, разнообразност, одлика.

Различноста ги разоткрива, ги покажува и ги одвојува убавото од неубавото, личното од грдото, светлото од темното, вистинското од лажното и доброто од злото.

И за Христа се вели дека бил поинаков од другите. Уште на почетокот од Евангелието според Марко, во првата глава, е речено: „И се чудеа на Неговата наука, оти Он ги учеше како Оној Кој има власт, а не како книжниците“ (Марко 1,22; Матеј 7, 28-29). Не е како другите. Нашиот Бог е различен. Тоа е евангелски запишано. Во Библијата се воспева едниот, вистински Бог за разлика од идолополконичките богови. Различен е Бог, различни биле и апостолите, различни и луѓето и светот.

 

Љубовта е разбирање на различностите

Различноста е очигледна и неизбежна. Што ни останува? Останува да видиме како да бидеме заедно со различноста! Различноста, ако нè раздвојува, што е тоа што нè спојува. – Љубовта. Љубовта е разбирање на различностите. Бог е љубов, се вели во Евангелието, а Божјата заповед е да ги љубиме сите луѓе, без разлика на нивната различност.

А, како треба тоа да го правиме ние, Господ ни го кажал во параболата заМилостивиот самарјанин (Лука 10, 30-37). Нема подобар пример од тоа. Ете, тоа е љубов на дело. Така се сакаат луѓето и вистински си помагаат. Оној што му помогнал е неговиот ближен, иако не е од ист народ и вера. Тоа значи дека секој човек е нашиот ближен и кон секого да се однесуваме со љубов и со добро. Христос рекол: „Оди и ти прави така“ (Лука 10,37). Ова упатување е кон секого.

Какво да биде нашето однесување кон другите кажано е и во двете најголеми заповеди: првата вели: „Сакај Го Бога“, а втората: „Сакај го ближниот, како себеси“ (Матеј 22,37-39). Никој не треба да нè учи како да се сакаме себеси, а никој не може да рече дека не знае како да се сака себеси. Е, токму така, како што се сакаш себеси, така треба да го сакаш и својот ближен – секој да го сака и другиот како што се сака себеси. Таква љубов бара Бог од нас. А таа љубов им прави добро на другите, оти никој не си право лошо на себеси, туку пожртвувано се грижи за сè што му е потребно.

Таа љубов – љубовта кон ближниот е доказ дали Го сакаме Бога или не. Преку неа се стигнува до Бога. Никој не може да рече дека Го сака Бога, ако не го сака човекот што е до него и со него. Евангелистот Јован, апостолот на љубовта, вели: „Ако некој рече: ,Го сакам Бога‘, а го мрази својот брат, лажец е: оти, кој не го сака својот брат, кого го видел, како може да Го сака Бога, Кого не Го видел?“ (1. Јов. 4,20).