Дискусија Мисирков – МАНУ

Меѓународен научен собир
ДЕЛОТО НА КРСТЕ ПЕТКОВ МИСИРКОВ
Скопје, 27 – 29 ноември 2003
Д и с к у с и ј а

Ратомир Грозданоски:

Сакам да се навратам уште еднаш на Мисирковото барање за возобно­вување на Охридската архиепископија. Професорот Корубин како да рече дека Мисирков не бил за национална црква. Можеби така прозвучи од она што овде се акцентираше дека Мисирков барал да биде црквата една, света, соборна и апостолска, во онаа нејзина универзална форма, како што е востановена за сите луѓе и за сите народи. Но, Мисирков во основа барал национална црква, тоа во образложувањето го има во мојот материјал, но поради времето, не можеше овде да се искаже, па затоа благодарам многу за оваа нагласка, токму на овој елемент. Ако Мисирков не сакаше да биде црквата во Македонија национална, со посебните белези, со народните обичаи и традиции и со нашето црковно минато, тој немаше да бара да се возобнови Охридската архиепископија. Притоа јасно ги разграничува дејностите на трите патријаршии или трите автокефални цркви кои делувале на овој простор: столиците во Пеќ, во Трново, и во Охрид. И кога се случува оние двете – Пеќ и Трново да се претстават како цркви на своите народи – на Србите и на Бугарите, и да ги опфатат своите верници, тогаш Охридската архиепископија останала како ненивна: ниту српска, ниту бугарска, бидејќи тие си ги возобновиле своите. Пеќ се возобновил како Српска православна црква, а Трново како Бугар­ска. Тогаш Охридската ни остана нам на Македонците, бидејќи таа нави­сти­на е наша. Токму тоа го нагласува Мисирков и врз тие основи го бара нејзиното возобновување како „Црква всеја Македонии“. Возобнову­вањето на Охридската архиепископија тој ќе го смета за неспорно канонско право и мисли дека не треба ништо посебно да се направи, ниту некаков томос и признавање од другите цркви да се бара. Тој тоа не го ни спо­менува, туку едноставно вели да се возобнови Охридската архи­епископија како нејзино активно заживување на потполн црковен живот, бидејќи таа и не била канонски укината, туку само спречено и замрено нејзиното активно црковно живеење. Основниот елемент од Црквата – верниците – македонскиот народ и домородното свештенство и монаштво било овде, а само високиот црковен клир – епископатот и црковната админи­страција се менувала и една доаѓала, друга си одела, зависно од политичките прилики. Затоа возобнову­вањето на Охридската архиепископија за Мисирков претставува едноставно заживување – активно делување на таа црква како црква на својот народ, активна и автокефална црква на цела Македонија. Тој го користи терминот „самостојна“ повеќепати, отколку терминот автокефална, што е исто така, богословски и црковно е исправно, бидејќи според каноните и толкувањата терминот самостојна, значи автокефална црква.

Сакам да се навратам на неговото именување „Црква всеја Македонии“. Тоа значи многу повеќе отколку Македонска православна црква. Имено, еве,, денес Македонската православна црква не е црква „всеја Македонии“. Ние сме Македонска православна црква но не делуваме и не постоиме како „Црква всеја Македонии“. Каде е улогата на Македонската православна црква во Беломорието? Што прави Македонската православна црква денес за оние во Пирин, а малку и скоро ништо не прави за оние во Преспа?! Тогаш дали е оваа црква, „Црква всеја Македонии“? Каде Македонската православна црква денес се претставува како „Црква всеја Македонии“? Само во нашето македонско иселеништво во далечната Австралија, во Канада, и во Америка или низ Европа. Таму црквите се градат од сите Македонци: и од Беломорието, и од Пирин, од Преспа и од нашиов вардарски дел од Македонија. Таму нашата црква е „Црква всеја Македонии“, а овде, на Балканов – не е. Таа е идејата на Мисирков, а, се разбира, тоа не значи негово барање ненационална црква, туку значи барање помесна Македонска православна црква за цела етничка, национална Македонија. Во тој контекст јас ја разработувам идејата на Мисирков. Значи, тој не е застапник за ненационална црква, туку за целосна обединета Македонија и во неа целосна национална помесна православна црква за сите Македонци на сиот простор до каде што е етничка Македонија. Како таква тој ја замислувал и ја барал – да биде цела и државата и црквата! А именувањето „Црква всеја Македонии“ е еклисиолошки поисправно и сотириолошки пооправдано, бидејќи така се опфаќаат сите православни во Македонија и се победува можниот етнофилетизам, бидејќи Црквата е за спасение на сите и во неа се спасуваат сите.

Крсте Петков Мисирков дава свои коментари и добри разјаснувања за тоа како се наметнувале туѓите национални и црковни влјанија и преименување на македонскиот народ. Историски е познато како тоа се случувало. Еве, попатно, малку да се навратам и на овие забелешки, како и на произнесувањето на г. Терзиоски. Македонците кога се црквувале во храмовите што биле под патријаршиските црковни општини, тогаш Бугарите и Србите, за да ги навредат, веднаш ги именувале за Грци. Така вели Мисирков. Тоа е негова констатација и историска вистина, а не моја. Значи, за да ги одвратат Бугарите и Србите од тоа, тие веднаш им имплементирале на Македонците, кои оделе во црковните општини од патријаршијата, дека се Грци. Исто така и на оние Македонци кои се претставувале како продолжители на родот на Александар Македонски, тие и ним, злонамерно, им велеле: „Вие штом се претставувате дека сте чеда на Александар Македонски и на Античките Македонци, тогаш вие не сте Македонци, туку сте Грци. Вие не сте од словенскиот род.“ Така веднаш ги оттргнувале од словенството и ги именувале како Грци. Тоа многу ги иритирало Македонците, бидејќи го добивале името на нивните непријатели за свое име. За да не им се случува таквото преименување тие, вешто, биле придобивани за црковните општини на егзархијата или на Српската црква, а таму, пак, биле нарекувани Бугари или Срби. А етничката и народната, националната припадност во Турската империја била определувана според црковната припадност. Србите, пак, во Турско време, Мисирков вели дека биле под етикетата „ајдуци“. Така нив ги нарекувале Турците. Грците, пак, за нашето македонско население го употребувале терминот „вулгари“, а „вулгарос – боувлгаро“, значи вулгарен, неписмен, каков што бил народот наш – необразован, бидејќи немало можности да се образува на свој мајчин јазик. Така ги нарекувале Грците нашите луѓе и оттаму, од терминот „вулгари“ – необразовани, дошло до словенскиот изговор на „в“ како „б“ (пр. од Вивлиа – Библија) од каде што произлегол и се попримил изразот „Бугари“. Тој израз Грците го употребувале за сите луѓе и народи кои не биле Грци, не говореле грчки и не знаеле грчко писмо. Негрците биле нарекувани „Вулгари“ – Бугари, па тоа име го користеле и за Македонците. Затоа се среќава тој израз и за Македонците, а не дека тие се Бугари. Така се однесувале Грците, а за Турците, пак, припадноста кон Егзархијата значела и национална припадност, иако македонскиот народ кон егзархиските црковни општини го намалувало употребувањето на црковно – словенскиот јазик на богослужбите и надежта дека на тој начин ќе се оттргнат од грчкото фанариотство, па ќе си ја обноват својата Охридска архиепископија. Но, уште една работа е исто така важна, а тоа е фактот дека пропагандите на Српската и Бугарската црква овде, во тоа време, се развивале во насока да го придобијат македонското население за и тоа, заедно со нив, да војува против Цариградската патријаршија за ослободување од неа и создавање на една словенска црква. Македонците прифатиле тоа да го направат, бидејќи сакале на свој словенски јазик да имаат и своја црква, а во неа, се разбира, на свој јазик и богослужби, и проповеди, и администрација, и училишта, и книги. Но, подоцна тоа го искривоколчиле и по завршената битка секој си создавал своја: Бугарите Бугарска, Србите Српска црква, а нам ни останувало само да жалиме за жртвите. А Турската империја, којашто не дефинирала нации, туку луѓето национално ги определувала според припадноста на црковните општини, откако се создала Бугарската егзархија тие веќе сите ги именувале како Бугари.

Мислам дека помогнав за разјаснувањето на овие прашања и сакам, на крај, да нагласам уште еднаш за да разбереме дека Мисирков бил за нацинална црква на цела, и на целосна Македонија, но не бил никако за националистичка црква!