(МРТ) Доделени државните награди „Св. Климент Охридски“

08,12,2015 15:02

Доделена државната награда „Св. Климент Охридски“ како највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалата…

drzavni nagradi 2

Тешко е да се каже нешто за Св. Климент Охридски, а тоа да не било веќе еднаш кажано. Сепак, никогаш не е доволно да се потсетуваме на се она што е поврзано со неговото име. Вака претседателот на одборот, го почна доделувањето на државната награда „Св. Климент Охридски“. Рече дека духовноста, верата, писменоста, јазикот е се она што му го должиме на Св. Климент Охридски.

„Благодарение на неговите творечки напори, биле дооформувани и досоздавани недогледна низа на зборови, за кои во секојдневието не сме ни свесни“, рече Витомир Митовски, претседател на одборот.  

Во областа на воспитанието и образованието, наградата им беше доделена на  професор доктор Горан Ајдински- дефектолог и професор доктор Ратомир Грозданоски- теолог, библист и филолог. Во областа на културата и уметноста наградата ја доби Раде Сиљан- поет, литературен критичар и есеист, а Аспазија Софијанова- педијатар, за достигнувања во здравството.

„На овој светол празник се навраќаме на традицијата за побргу да се препознаеме во сегашноста. Со Климентовото кандилце минавме низ многу искушенија и ги зачувавме националните белези, достоинството и гордоста“, рече Раде Сиљан.

Денес во литературата, во музиката, во филмот, во сликарството и во сите сегменти на нашето живеење имаме создадено дела кои претставуваат наша гордост, нагласи Сиљан, и  додаде дека многу книжевни творби веќе се презентирани на други јазици, со што се шири вистината за македонскиот јазик, за македонслката историја и за македонската реалност.

 

Ана Јосифоска- Тодоровска