Кичево 2010
Проф. д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон
ХРАМОТ ЦЕНТРАЛНА ГРАДБА ВО ГРАДОТ
*100 години од соборниот храм во Кичево и промоција на монографија, 12.07.2010 Кичево
Ваше Блаженство, Ваши Високопреосвештенства, почитуван градоначалниче, драг академиче, почитувани универзитетски професори, високопреподобни и преподобни монаси, високопречесни и чесни отци, драги браќа и сестри, почитувани кичевчани,
Денес сум особена почестен да бидам со вас, овде, во прекрасното Кичево, на празникот на Соборниот градски храм чија 100-годишнина ја одбележуваме и со промоцијата на значајната монографија, насловена Црква на светите апостоли Петар и Павле во Кичево од проф. д-р Сашо Цветковски.
Најпрво сакам да упатам неколку пофалби до идеологот, осмислувачот и остварувачот на овој Јубилеј на црквата во Кичево, првоерархот на оваа богоспасителна епархија, Високопреосвештениот митрополит г. Тимотеј, кој е богодаруван со прекрасниот дар на недостижен организатор. Како прецизен хронолог тој не пропушта ниеден настан да остане незабележан во историјата на црковниот живот, а со својата внимателност, пак, не запоставува ниедна црковна клетка во епархијата, од најголемите до најмалите места во неа. Господ му дал и лидерски дар, одлучност, решителност и способност да ги распознае вредностите и да го одбере она што треба, заложувајќи се до крај тоа и да го направи. Знае што сака. Знае како. Знае кога. Знае со кого. Знае колку… И затоа може и затоа е успешен. Бог нека му помага.
Ете, и во овој 100-годишен јубилеј на црквата во Кичево ја вклопува и Монографијата од д-р Сашо и тоа токму сега, денес, и токму овде – в црква. Замислете си колку би било непогодно книгава да ја промовиравме во Скопје или во Охрид!? Бесмислено, нели? Ќе се соберевме во големите сали на велеградовите и ќе ја замислувавме црквата во Кичево, зборувајќи за неа како за нешто таму некаде. А сега ние сме овде и овде е центарот. Овде е настанот. Овде се случувањата. Говориме за оваа света вредност.
Почитувани, Кичево не е периферија, ниту денес, ниту во минатото од црковната историја. Тоа било и е дел од името на оваа епархија која се вика Дебарско – кичевска. А, низ историјата, пак, повеќе од два века постоела Кичевска епископија (во 16 и 17 век со кичевските епископи Атанасиј и Герасим) кога Кичево било седиште на епископијата, а градскиот храм – Соборен епархиски храм. Колку било и колку е важен центар Кичево, повеќе знаат околните места од Кичевијата и од Поречието кои гравитираат кон овој центар.
Црковниот живот овде започнал многу рано, како и во цела Македонија, уште од апостолско време, кога кај нас проповедал светиот апостол Павле (Дела 16,9-17,14; 20,1; 20,3; 1.Тим. 1,3), кому кичевчани му го посветиле овој свет храм, заедно со првоапостолот Петар. Потоа, духовен расцут имало во времето на свети Климента, кога овој крај бил навистина богомилуван да биде дел од неговата Величка епархија, која се протегала по течението на реката Велика – Голема Река – Треска. И ден-денес во Кичевијата и низ Порече оваа река се вика Голема Река, а не Треска.
Во Охридската архиепископија се спомнува Кичево и во почетокот на 11–от век, а и на крајот, во записи од архиепископот Теофилакт Охридски, за што авторот приведува историски факти. Научниот приод на д-р Сашо Цветковски и дава посебна вредност на Монографијата и ја поставува врз сигурни основи историската вистина за која пишува овде.
Ќе речете дека е малку необично да се прави јубилеј за 100 години на црква во Македонија. Тоа им прилега на народите и на земјите во Америка, Австралија, низ Западна Европа и другде некаде, а не во Македонија. Па нели рековме дека христијанството овде е од апостолско време? Да, токму така треба да се сфати и ова одбележување: еден век како дел од скоро двеилјадието на христијанството кај нас. Оваа црква е градена врз онаа пред неа, а таа врз претходната, па редени се светиња врз светиња до сугуба на светоста – до големото изобилство на светост. Сведоштва и светила на таа древност се и овдешните манастири: Крнинскиот – „Света Пречиста“ и Кнежинскиот – „Свети Ѓорѓи“.
Монографијава е преубава претстава на црквата „Свети Петар и Павле“ во Кичево. Научниот аналитичен дух на д-р Сашо Цветковски испитал сè, проучил и средил еден прекрасен текст, систематизиран преубаво и сеопфатно. Изложеното е јасно кажано и добро образложено, та секој може да разбере и да научи. Со едно читање јас ја запомнив цела книга и можам сета да ви ја раскажам. Сакате ли? Се разбира нема тоа да го направам, а ќе ви ја препорачам секој од вас да ја прочитате, а се чита во еден здив.
Мене ми е лесно да говорам пред вас овде кога имам толку убаво нагледно средство пред вашите очи, кога вие го гледате она за што ќе ви зборувам. Соборната црква во Кичево е најубавата градба во градот пред 100 години, но и денес уште ништо не ја надминало нејзината архитектонска големина. Замислете си го градот пред 100 години и тогаш новоизградената црква со нејзината доминантност меѓу нискоградбата. Тоа било небесна радост на земјата, украс под Калето, гордост на кичевчани. Претставувал архитектонска новост на овие предели, со елементи на доцниот барок, кој нуди аристократско богатство, возвишеност и раскошна градба налик на оние храмови низ Војводина, Унгарија и Австрија или во Украина, та личи како да е во Карловачката митрополија, а не во Кичево. Камбанаријата е доградувана подоцна.
Внатре, иконостасот бил жртва на случувањата во Илинденското востание кога сè се палело и горело. Фрескоживописот и иконографијата не се од некакво посебно значење или како што запишал авторот: тие „поседуваат многу мала ликовно естетска вредност“. Се разбира, тоа е млада, скорешна уметност и таа, ако се спореди со иконите и фреските што ги има Македонија во својата света ризница на уметноста, се губи нивната сила на убавината и вредноста. Сепак, и во нив д-р Сашо ги наоѓа бисерните вредности, добро ги истакнува и растолкувано ги објаснува. Притоа, прави и точна споредбеност со слични или исти претстави на други места. Во тоа е посебно успешен и достоен следбеник на својот врвен учител академикот Цветан Грозданов, при чии нозе имаше среќа тој да се учи, како што апостолот Павле „при нозете Гамалиилови“ (Дела 22,3), најдобриот и најпознатиот рабин (=учител). Како што забележувате, за академикот Грозданов, јас не го употребувам групниот вообичаен израз дека е тој еден од најдобрите познавачи на фрескосликарството и иконографијата кај нас, туку едноставно велам дека е најдобриот, врвен учител во тоа. Д-р Сашо ја имал таа милост да расте интелектуално и научно крај него, а двојна е неговата среќа што е и во милоста на митрополитот Тимотеј. Добро се расте меѓу два добри извора.
Почитувани, од оваа света црковна уметност, од целиот светопис во Кичевскиот соборен храм, во оваа пригода јас ќе се задржам на трите овдешни претставувања на свети Наум Охридски. Зошто пред вас ги издвојувам токму нив? Од три причини: прво, за да ја поврзам оваа прослава на 100-годишнината со прославата на 1100-годишнината од свети Наума, како нераскинлив континуитет на црковното живеење овде; второ, заради специфичноста на овдешните ликови на свети Наум; и трето, за да ви нагласам вам нешто особено од црквата „Свети Петар и Павле“ во Кичево, кое ќе го запомните и ќе го понесете со вас одовде, денеска. Во овој храм има нешто драгоцено кое заслужува симпозиумска тема. Читајќи ја монографијата јас тоа го открив и компонирано ви го претставувам. Тоа е свети Наум во Кичево. Тој е трипати насликан во оваа црква и на трите претстави е со необичност.
- Од него има поставено фреска во олтарот, во делот на ѓаконикот. Тоа е вистинска реткост, дури и невообичаеност свети Наум Охридски да биде поставуван во олтарот, каде што се сликаат светите литургичари и великите архиереи, а тој не бил архиереј, и уште повеќе, пак, што е сместен во ѓаконикот. Ова заслужува опширна елаборација.
- Насликан е и на две икони, а и таму е со посебности. Во иконата на Седмочислениците (од 1894, зограф Крсте Николов од Лазарополе) тој е во вториот ред, зад свети Кирила, но е со архиерејска митра на главата и со бела брада. Иконографската традиција во Охридскта архиепископија свети Наума го претставува како монах, а не архиереј, бидејќи тоа и бил тој – и млад и стар, сè со смртта.
- И третиот негов лик во оваа црква го има на иконата Христовото крштевање (од непознат автор, 19 век). Невообичаено е што на оваа толку важна икона, посветена на еден голем Господов празник – на Богојавление (Водици), се нацртани, во подножјето и два други лика: свети Димитриј и пророк Наум, како што напишал на сигнатурата зографот (таму стои: oJ profhvth~ Naou;m). Така е напишано, а всушност е даден ликот на свети Наум Охридски, со монашка мантија и бројаница во десната рака. Но, има и крст во левата рака, место игуменска палка. Д-р Сашо Цветковски вели дека тоа може да укажува на маченичка смрт, а свети Наум не загинал маченички. Дали е проста замена меѓу палката и крстот или има друга смисла и порака – една или две и повеќе, останува за размислување и за проучување. Вам, пак, драги мои, ви ги оставам во трајно сеќавање од оваа промоција и прослава: трите иконографски особености на свети Наум Охридски во црквата „Свети Петар и Павле“ – Кичево. Запомнете го тоа.
Му честитам на авторот за ова прекрасно дело и му посакувам плодотворна истражувачка и научна дејност со нови издавачки успеси. Ви го честитам јубилејот на сите, а особено на кичевчани и на нивното духовенство – парохиските свештеници во Кичево. Ви благодарам на сите. На многаја лета!