Библијата, војните и востанијата (резиме)

Проф. д-р Ратомир Грозданоски

БИБЛИЈАТА, ВОЈНИТЕ И ВОСТАНИЈАТА
(резиме)

 
    Светата Библија одговорила и на прашањето за војните и востанијата. Христијанството, врз основа на библиските содржини, како дел од Божјото Откро­вение, а според учењата на светите отци и учители на Црквата, изградило свое гледиште за војната и за мирот. Црквата ги подгот­вува своите верници за мирен живот во сре­ди­ната и во општествената заед­ница. Такво е нашето верско-морално воспиту­вање.
    Сепак, во светот има недоразбирања, судири и војни. Војната е најголема колективна несреќа и големо физичко и морално зло за човештвото.
    Библиски и црковно човекот е повикан во борба, но на духовно војување – духовна борба. Таа невидлива борба е потешка од сите други војни и ако неа ја добиеме, тогаш ќе ги нема и другите. Во таа борба противникот го наоѓаме најпрво во нас самите, бидејќи тоа е борба на внатрешниот и надворешниот човек, како што рекол светиот апостол Павле.
    Една од основните должности на христијанинот е да ги сака луѓето како што се сака себе си и како што Го сака Бога, па да им помага, а не да ги убива. Оттаму, вистинскиот христијанин не може, а да не биде против војната, против општест­вените не­правди и против сè што создава човечки несреќи.
    Зошто толку многу се војува, кога скоро сите народи сè повеќе искажуваат желба да се зачува мирот?
    Прашањето за војната претставува прашање за односот на човекот кон човекот, на заедницата кон заедницата и на еден народ кон друг народ.
    За жал, се раз­вива духот на егоизмот и агресивната себичност, а од нив, пак, се раѓаат неправдата, омра­зата и реваншизмот, пројавени во војни. Војната, доколку е агресивна, таа е зло, а ако е одбранбена – тогаш е оправдана и не се смета за зло. Одбранбената војна е дури и наша етичка дол­жност, која се поврзува со патриотизмот, запазувањето на сопственото достоинство и својот иден­ти­тет, како и спречу­вање на злото што го носи агресијата.
    Според Библијата, во Десетте заповеди, Бог рекол: „Не убивај“, и со тоа го забранил и масовното убивање – вој­на­та. Христос, пак, вели: „Љубете ги непријателите свои“. А, посто­јат библиски примери каде што Бог го помагал Израилот, при водењето војни. Има и посебни одредби кога било допуштено, дури и наредено, да се убие човек. Во Светата Библија ја среќаваме и забраната, а ја има и наред­бата за убиство.
    Бог допуштал војна, како казна за гревот на народот или на народните водачи. Гревот причина за војна!
    Не води ли човек војна во себе и против себе, тој мора да води војна против Бога и против луѓето.
    Богоотпадништвото и неморал­носта на луѓето се причина за војните.
    Секоја војна е прас­лика на постојаната војна меѓу доброто и злото.
    Како тоа Бог да се меша во војните? Кога не би била милоста Божја и кога Бог би допуштал дејсвија според гревовите на луѓето, тогаш би имало страотни војни.
    Христос не учествувал во војните. Неговата борба била чисто духовна и Он постојано воју­вал, покажувајќи ни со личен пример и нам, како да војуваме со вечниот непри­јател на човекот – ѓаволот и неговите слуги кои нè втур­ну­ваат и во недоразбирања, кавги, омрази, убиства и војни. Спречувајќи го гре­вот да го спречиме и избувнувањето на војната. Ова е евангелската задача на секој христијанин!
    Христовиот пример за активно противење на злото. Одбрана и правдољубивост. Треба ли да се браниме?
    Христос рекол: „Ако некој те удри по десниот образ, заврти му го и другиот“. Но, кога бил фатен и изведен на суд, се свртел кон човекот што Му удрил шлаканица и му укажал дека тој направил зло. При нанесениот физички удар, Христос реагирал на направеното злодело, кажувајќи мудар и праведен збор. Он не го дозволил злото, туку се бранел и ја побарал правдата! На тој начин, Христос се погрижил да ја разбуди совеста на насилникот. Направил бич од врвци и ги истерал од храмот сите: и овците, и воловите и менувачите.
    Господ Исус Христос се бранел, а некогаш, дури и прв напаѓал, и токму тогаш изговарал зборови кои допирале длабоко до срцето на луѓето. И казната е противење на злото! Христос, при Неговото второ доаѓање, ќе биде Судија на светот и тогаш сите грешници ќе ги казни.
    Во Капернаум пред Христа стоел вооружен човек, стотникот, чиј слуга го излекувал. Тогаш не кажал ниту збор против оваа служба или против војувањето и убивањето во војни и востанија, туку нагласил дека таму постои ред, дисциплина и послушност и рекол: „Ни во Израилот не најдов толку голема вера“.
    Господ Исус Христос никаде и пред никого не се изразил во полза на војната, но, никаде во Евангелието нема ниту конкретна забрана, а спомнувал војни, цареви и војски. Сепак, на апостолот Петар, кога, во Гетсиманија, извадил нож да Го брани, му рекол: „Врати го ножот на местото негово, зашто сите што се фаќаат за нож од нож и ќе загинат“. Не го дозволил тоа што го направил апостолот Петар, но ниту, пак, му го припишал како грев за којшто би го обвинил, бидејќи тоа било направено во одбрана при нападот на невини луѓе.
    И свети Јован Крстител не кренал глас против војниците.
    Апостолите и военослужителите: Петар го крстил капетанот Корнилиј. Павле ги фали ликовите на Гедеон, Варак, Самсон, Јефтај, Давид, Самуил и други, кои, како народни водачи, војувале. Во Светото писмо запишал: “Молам, пред сè, да се прават просби, молитви, молби и благодаренија за сите луѓе: за царевите и за сите што се на власт. И додал: „Нема власт, што не е дадена од Бога“.
    Светите отци и војната: светите отци не го сметаат за престап убиството во војна. Меѓу канонизираните светии во Црквата има и воини. Бог нивните жртви и мачеништва ги примил и нив ги прославил меѓу светиите. Константин Велики бил богопомогнат во војувањето. Библиските личности, кои се вброени меѓу светиите, а војувале и убивале, се: Авраам, Мојсеј, Давид, Илија и др.
    Дали Господ Исус Христос бил за војна? Господ Исус Христос никогаш не тврдел дека нема да има војни, но луѓето ги учел како да не предизвикуваат војна. Во Своето евангелие ги учи како да водат војна против себеси, за да се скротат, култивираат, смират, облагородат и, дури, обожат. А после тоа нема војна! Бог го допушта камшикот на војната врз Своите деца, за да ги спаси од конечната пропаст. Тоа го прави не од злобност, туку од љубов. Наша е причината, а Бог ја допушта војната. Тоа го прави за да не ја ограничи слободната волја на човекот, но никогаш Бог не е причина за никоја војна.
    Меѓу пацифизмот и милитаризмот: Христијанството, иако е мирољубиво и се залага за мир, сепак не може целосно да се согласи со сфаќањето на пацифистите. Нивното сфаќање оди до крајност. Војни ќе има, а особено при крајот на светот. Да учествуваат ли христи­ја­ните во војните и во востанијата? Христос конкретно, со збор, не одговорил. Го допуштил постоењето на војската и воената служба. Во Евангелието не го забранил учеството во војската и во воените дејствувања, бидејќи човекот треба да се брани од злото. Секој има право на лична одбрана, а оттаму и на колективна, заедничка одбрана. Значи, допуштена е одбранбената војна! На тој начин се исполнува должноста кон Татковината, кон Црквата, кон народот и кон слободата на човекот, кого Бог го создал како слободно битие.
    Брани се, но не одмаздувај се.
    Нашето противставување да не биде со омраза, со одмазда и на зол начин, туку со правдољубивост, за да го спречиме злото. Бог бил заштитник во ослободителните и одбрамбените војни.
    Библијата, Православието и Црквата и борбите, востанијата и војувањата на нашиот македонски народ за своја слобода: Нашите војводи и комити барале слобода и правда. Отпорот на злото во борбите и востанијата за одбрана и ослободување на својот народ, вера и татковина е скапа жртва и значајно дело на нашите слободољубиви, правдо­љубиви, човекољубиви и богољубиви луѓе, бидејќи тие ја барале Божјата правда и човечкото достоинство и чест.
    Библиски, новозаветни претстави на патриотизмот. Патриотизмот на Господ Исус Христос и нашиот патриотизам. Христос покажал пример на патриотизам: зборувал на јазикот од Својот народ; се сообразувал со народниот бит; им дал предност на Своите сонародници во проповедта на Евангелието; најмногу кај нив чудотворел и исцелувал; на чуден начин ги нахранил; плачел над Ерусалим; Христовиот патриотизам ги гледал и недостатоците кај Својот народ и ги изобличувал со силни слова.
    Родољубието на апостол Павле: Тој вели дека прифаќа да биде и од Христа одвоен, ако со тоа осигурува спасение за неговиот еврејски народ.
    Вистинскиот патриотизам е позитивен и потребен. Затоа патри­от­ското чувство кај луѓето, се негува како добро и корисно.
    Осврт на современите воени случувања: Ќе заврши ли со војна оваа наша цивилизација?