Научници – библисти од Европа на Симпозиум во Минск
Во Минск, главниот град на Белорусија, од 2-9 септември 2010 година, се одржа многу значаен Симпозиум на познати професори и научници од библистиката, проучувачи на Светото писмо на Новиот завет. Околу 70 научници од цела Европа се собраа да се произнесат на темата „Евангелскиот лик на Господа Исуса Христа во библиската наука и црковното предание“. Имаше претставници од многу Европски универзитети во над 20 земји, меѓу кои учество зеде и единствениот претставник од Македонија, проф. д-р Ратомир Грозданоски, редовен професор на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, шеф на Катедрата за Библиски студии.
Европскиот симпозиум на библисти во Минск е петти по ред и се одржува на секои четири години, почнувајќи од Нјамц (Романија), Рилски манастир (Бугарија), Санкт-Петербург (Русија), Самбата – Сибиу (Романија) и сега во Минск, а наредниот ќе биде во Белград. Овие импозантни научни симпозиуми ги организира Комитетот за Источна Европа при Световното Друштво на Новозаветните Истражувачи (SNTS = Studiorum Novi Testamenti Societas – International Society for New Testament Studies) и Богословскиот центар – домаќин, во случајов Богословскиот институт „Свв. Методиј и Кирил“ при Белорускиот државен универзитет во Минск. Симпозиумот беше и под покровителство на Поглаварот на автономната црква во Белорусија, Неговото Високопреосвештенство Минскиот и Слутски Митрополит д-р Филарет, Патријаршиски егзарх на Белорусија и Ректор на Институтот, професор по Свето писмо на Новиот завет и Претседател на Богословско-библиската комисија на Руската православна црква. Тој имаше и свое предавање при официјалното отворање на Симпозиумот, на тема „За состојбата на црковниот живот и богословската наука во Република Белорусија“, а потоа приреди свечен коктел.
Во неделата, пак, на 05.09.2010 сите учесници на Симпозиумот беа на свечената Божествена литургија во Соборниот храм „Света Троица“ во Минск, на која чиноначалствуваше Митрополитот г. г. Филарет, а потоа имавме и официјален прием и заеднички ручек во Црковниот центар во Минск.
Едно заседание на Симпозиумот беше одржано и во прочуениот Жировитски манастир „Успение на Пресвета Богородица“, 250 км источно од Минск, каде што се наоѓаат Духовната семинарија и Духовната академија.
Поглаврот на Белоруската православна црква д-р Филарет, говорејќи за црковните сосотојби во Белорусија низ 20 век, кажа дека Црквата на овие простори доживеала тешки мачеништва и страданија. До почетокот на гоненијата од Болшевичката револуција во 1917 година, во Белорусија имало 78 000 храмови, од кои одвај останале неколку и само еден единствен манастир – Жеровитскиот манастир. Токму Белорусија била определена од комунистичката програма на Москва да биде првата експериментална република во Федерацијата во која ќе се направи целосна атеизација и ќе се разурнат, избришат од постоење на земјата, црквите и манастирите кои би потсетувале на вера во Бога. Во 1937 година, комунистичката власт храбро и гордо изјавила дека го снемало и последниот храм во источниот дел на земјата. Во тоа време на прогонот се убиени над 2 000 свештеници, ѓакони и монаси во Белорусија. Во последниве години на слободен и демократски живот Црквата во Белорусија го започнува својот нов живот и забрзано ја возобновува својата црковна структура. Сега во Белоруската црква има 10 000 свештеници и 1 000 храмови.
Скоро во целиот 20 век во Белорусија не се предавала теологијата никаде и немало богословско училиште во земјата. Дури во 1989 година е возобновена Духовната семинарија во Жировитскиот манастир. Во 1993 година отвораат само Богословска катедра во Минск, за подоцна да прерасне во Богословски институт при Државниот универзитет во Минск, а во 1996 година, со професорски кадар од Москва и Петребург, се возобновува и Духовната академија во Жировитскиот манастир.
Поглаварот на Црквата, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот д-р Филарет предава Свето писмо на Новиот завет уште од почетокот и до сега, а значителна поддршка за црковно-просветната дејност добиваат и од Претседателот на Белорусија г. Лукашенко. Целосна поддршка во тоа има и од сите 13 архиереи во Синодот на Белоруската црква. Евангелијата и Делата на светите апстоли се преведени на белоруски јазик, а Комисијата со која претседава Поглаварот работи на допреведување на целиот Нов завет. Богослужбата во Белоруската црква се извршува на црковно-словенски јазик, а официјален и административен јазик во Црквата, на студиите и во семинаријата е рускиот јазик на којшто се говори насекаде во земјата и се изведува целото образование во Белорусија, со мали исклучоци по некои села каде што основното училиште е на белоруски. На руски јазик е и сета литература и списанијата, па и беседите в црква. Преводот на Евангелието на белоруски јазик сигурно ќе помогне во развојот на книжевната мисла на мајчиниот јазик на народот во таа земја.
Научниците библисти од Симпозиумот беа примени и од градоначалникот на двамилионскиот Минск и во Ректоратот на Универзитетот каде што имаа една работна сесија, а ги посетија и најважните просветни и културни центри во метрополата на Белорусија.
Симпосиумот беше со интерес следен и во јавноста на државата.