Промотивна реч по повод промовирањето на Зборникот
Проф. д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон
Библија за историјата на
Македонската православна црква
(Промотивна реч по повод промовирањето на Зборникот: Животот и делото на
д-р Славко Димевски 1920-1994, Скопје 2007)
Ваше Високопреосвештенство, почитувани универзитетски професори, високопречесни и чесни отци, драги студенти, и браќа и сестри,
Денес сум почестен со тоа што ми се даде можност, промовирајќи го Зборникот со материјали од научниот собир, посветен на животот и дејноста на протојерејот д-р Славко Димевски, да можам да говорам за ликот и делото на еден возвеличен маж на нашево време, кого со достоинство ќе го наречам „татко“ на историјата на Македонската православна црква. Пребогат е неговиот научен опус од многубројни публикации, учебници, прилози и трудови од македонската историографија, со што се вбројува меѓу најплодните и најдобри македонски историчари, а стои на врвот од македонските црковни историчари. Во македонската црковна историографија д-р Славко Димевски даде огромен придонес и неговото дело на ова поле заслужува неизмерна благодарност и почит.
На сите вам неговото дело ви е познато, бидејќи тоа е светилник што свети, а во Светото евангелие за таквите личности и дела се вели: „Вие сте светлината на светот. Не може да се сокрие град што се наоѓа на врв планина. Ниту, пак, светлина се пали и клава под поклоп, туку на свеќник и им свети на сите в куќи“ (Матеј 5,14-15). Неговото севкупно дело е „изѕидан град“, што се гледа од секаде и е видлив за сите; а неговата Историја на Македонската православна црква е „вистинско светило“ што им свети на сите во „нашава куќа“ – Македонија и во Македонската православна црква, односно на сите Македонци од целокупната Македонија и на сите Македонци насекаде во светот.
Редно е во ваква пригода да се каже збор-два и за неговиот животопис, за да видиме кој беше, од каде беше, што беше и што работеше овој неуморлив и многуплодотворен научник, којшто целиот свој живот подвижнички и сеоддајно и го посвети на науката и на историјата на македонскиот народ и на Македонската православна црква.
Роден е во Куманово, во 1920 година. Таму го започнува своето основно образование, а потоа во битолската Богословија, а го дооформува средното образование во гимназијата во Куманово, бидејќи Богословијата во Битола била затворена со почетокот на Втората светска војна, кога Српската црква си ја повлекла целата своја српска црковна ерархија од Македонија. Од туѓата земја, српските попови и владици, професори и ученици си отишле дома – во Србија. Тие го оставиле духовното стадо и си заминале, затоа што паствата не била нивна. За таквите Господ Исус Христос во Евангелиеторекол: „Добриот пастир си ја полага душата своја за овците; а наемникот кој не е пастир и кому овците не се негови, види ли волк да иде, ги остава овците и бега; и волкот ги разграбува и ги распрснува овците. Наемникот бега зашто е наемник, и не се грижи за овците“ (Јован 10, 11-13). Српската црковна власт и ерархија побегнала како наемникот, бидејќи имала каде да побегне, и напуштајќи го туѓото се вратила во своето, а овој народ и македонското свештенство немало каде да бега, оти друга татковина и друга црква нема освен Македонија и Македонска православна црква, како возобновена Охридска архиепископија, за која два века по нејзиното неканонско укинување македонскиот народ и пеел и плачел, и молел и се борел. Пеел и плачел како што е тоа направено во песната од Григор Прличев, а се молел и се борел за нејзино возобновување како што тоа го правеле големите македонски синови исполнети со богатството на духот и со силно родољубие и црквољубие, какви што биле богословите Крсте Петков Мисирков, Партениј Зоографски, Натанаил Кучевишки, како и севкупната македонска интелигенција, која постојано и насекаде го барала возобновувањето на Охридската архиепископија и создавањето на Македонска православна црква, заедно со создавањето на македонската држава. Д-р Славко Димевски немало каде да „бега“, и задоен со вистинско патриотско чувство и со љубов кон својот народ и црква, останал и започнал да му служи на својот македонски народ како свештеник од 1943 година, најпрво во Пробиштип, па во Стојаково – Гевгелиско и најмногу во родното Куманово, при црквата „Св. Троица“, или севкупно, тој ќе биде служител на Божјиот олтар 15 години. Во тоа време, освен пастирската свештеничка дејност, студирал вонредно на Филозофскиот факултет во Скопје, на групата национална историја и во 1956 година го завршува Факултетот, за од наредната 1957 и во следните пет и пол години да се оддаде на научноистражувачка дејност, работејќи на Институтот за национална историја во Скопје. Таму, за него си спомнуваат дека бил човекот којшто секогаш прв доаѓал, а последен си одел, целодневно работејќи во богатиот библиотечен фонд, а честопати и воопшто не си одел, спојувајќи ги деновите и, заборавајќи дека тој од вчера не излегол од библиотеката, мислејќи дека е истиот ден, а не дека двапати веќе изгреало сонцето. Денес, во Институтот слушам дека на оние што подолго ќе се задржат на работа им се вели дека се „како Славко Димевски“. Таквата негова работливост вродила со плод и со видни резултати, како што се неговата докторска дисертација, одбранета во 1962 година, и потоа наниз е една цела редица на огромна библиографија со многу вредни и капитални дела. По докторирањето, тој повторно се вратил – повикан од Македонската православна црква да биде главен просветен референт и главен и одговорен уредник на службениот лист на МПЦ „Весник“. Потоа, работи како секретар на Матицата на иселениците на Македонија, па уредник на образовната програма на Радио-телевизија Скопје, научен советник во Институтот за социолошки и правни истражувања и одговорен уредник на Годишникот, како и професор на последипломските и докторските студии во Институтот, на Правниот факултет и на Филозофско-историскиот факултет, под чие менторство има повеќе магистранти и докторанти.
Севкупно, неговата дејност е пребогата и неговата улога во збогатувањето на научната историска и национална, а особено црковна мисла е особено значајно. Во тој дух се неговите научни прилози и дела, кои најмногу говорат за македонското национално и црковно прашање и ги разјаснуваат сите историски случувања во Македонија со политички и црковни влијанија. Преку дејствувањата на католичката унија, на егзархиската пропаганда, на српската асимилација и на грчко-фанариотската опасност и наметливост во Македонија. Сето тоа д-р Димевски го разработува низ своите дела за Кукушката унија, за Партениј Зоографски, за Теодосиј Гологанов, за ТМОРО, за Кресненското востание и тн., сè до неговото најдрагоцено дело Историја на Македонската православна црква во три тома.
Токму на ова негово дело најмногу, во мојава промотивна реч, за најважно ќе го задржам вашето внимание на оваа промоција. Си го приопштувам тоа право да го изберам најсветлиот дар што ни го остави нам многупочитуваниот д-р Славко Димевски, а тоа е Историјата на Македонската православна црква.
Ова негово дело е Библија за историјата на Македонската православна црква. Нарекувајќи го Библија, јас свесно му давам такво значење и го споредувам не само според обемот, туку и според неговата света улога во бранењето на вистината за Македонската православна црква и за македонската историја. Тоа значи: ако во Библијата се содржи вистината за Бога и за верата, во оваа Библија на историјата се содржи вистината за македонската православна црква, за Македонија, за Македонците. Внатре се чувствува духот на свети Климента, којшто е постојано жив во сите историски збиднувања на црковен и на национален план во Македонија. Внатре е духот и на сите други црковни и национални дејци. Внатре се живи сите синови на Македонија, кои своите животи севкупно: и со дејност, и со борба, и со крст и со смрт, ги положија за вистината за Македонија и Македонската православна црква. Тие овде се живи, а не мртви, зашто делото на д-р Славко Димевски:Историја на Македонската православна црква ги остави вечно да живеат и да ни бидат пример како се сака Татковината и Црквата – и тоа онака по библиски и христијански: без да ги мразиме другите, но да си го сакаме и да си го бараме своето. Тие како од оси се бранеле и како со лавови, змии и скорпии се бореле од сите злобници на различните туѓи влијанија низ „филии и филства“, кои дејствувале низ Македонија, против македонската држава и црква.
Историјата на Македонската православна црква од д-р Димевски е гранитен споменик и цврст столб на вистината за нашата посебност и како народ, и како црква, и како држава. Во неа се назначени сите наши вредности, посебности и своини, онака нашински. Таа е брилијантен расказ и непобитен сведок за името и достоинството на нашата света Црква. Како може да нè преименуваат кога овде е јасно запишано нашето име: Македонска православна црква и нашето достоинство – автокефална. Ние сме тоа и така историски сведочи д-р Славко Димевски, а на другите им останува само да ја согледаат вистината и да ја признаат нашата црковна реалност. Во оваа Библија за историјата на нашата црква, фактите се неизменливи и непобитни сведоци на нашата света вистина.
Во присет на ова дело со вредност на Библија ми се наметнува мислата колку се чувствувавме радосни сите, кога излезе од печат оваа прекрасна книга. Немаше подобар дар да му се даде некому по некаков повод од подарувањето на Историјата на Македонската православна црква од д-р Славко Димевски. Не постои теолог во Македонија, ниту свештеник, којшто ја нема оваа книга во својата библиотека и којшто не ја чува крај Библијата, имајќи ја како постојано четиво. И јас на моите најблиски им ја подарував оваа книга, но и ја добивав како подарок по некои поводи, па така денес имам три вакви книги во мојата библиотека, но сите ми се драги, сите ми значат и чинам дека тоа е големо богатство – рамно на патристичките дела од светите отци. Кај мене има повеќе примероци само од две книги: од Библијата и одИсторијата на Македонската православна црква. Ним им приличи повеќебројноста.
Допуштете ми да ви прочитам една посвета од годината кога излезе од печат оваа книга (1989). Во посветата е запишано: „На отец Ратомир Грозданоски, по повод триесетиот роденден, со почит од монах Нектариј. Во годините и во возраста на сладчајшаго Господа нашего Исуса Христа“. Еве, како еден вистински родољубец, монах, многупочитуваниот Високопреподобен архимандрит Нектариј го одбрал ова дело за најполезно, најдобро, највредното, за да му го подари на својот најдраг пријател. Ете, такви се вистинските родољупци. А, вака вреднувана оваа книга постанува не само книжевно, историско, патриотско дело, туку дури и душеполезно четиво за историските вистини.
Почитувани,
Сите ние почитувачите на д-р Славко Димевски сме обврзани, како и неговите најблиски роднини и пријатели, да речеме како неговиот внук Даниел Димевски, дека нема да го заборавиме неговиот прекрасен дедо и мил Дедиер, и неговото севкупно дело.
Сите овие согледби што ги искажав за ликот и делото на д-р Славко Димевски ги изрекувам од длабочината на мојата душа и со мојот восхит, за сè она што овој мудар човек, црковен пастир, голем научник и плодотворен деец, го остави како вредност за почит и благодарност од сите родољубиви и црквољубиви македонски чеда.