Богојавление – објавување на Бога – Отецот, Синот и Светиот Дух

113645525

19 јануари 2014

Тогаш се случило јавувањето на Бога во три Лица:
Синот се крштевал;
Отецот – говорел од небото, велејќи: Овој е Мојот бозљубен Син;
а Светиот Дух слегувал како гулаб и се спуштал над Него.
Затоа овој празник се нарекува Богојавление. Бог се јавил. Троедниот Бог се покажал, се појавил и се објавил пред луѓето.

Водици – ден на водите – осветување на водите

Се вика и Водици, затоа што тогаш се осветуваат сите води. Затоа што на овој ден Христос влегол во водите на реката Јордан и ги осветил сите води. Црквата на овој ден ги осветува водите, а верниците земаат осветена вода за своите домови и со неа се поросуват, се мијат и пијат.

Во тие денови и свештеникот ги посетува домовите со светена вода.

Во Македонија, секаде се празнува многу свечено и со големи манифестации крај водите на реките и езерата. Тоа е најизразито во Охрид – на Охридското Езеро и во Скопје – на реката Вардар. Многуилјаден народ доаѓа на празникот, а младите скокаат во водите за да го земат светиот крст.

Богојавление е и Христојавление

 Дотогаш Христос бил непознат и луѓето не знаеле дека е тој Спасителот на светот. Живеел како обичен човек и не се пројавувал со Својата спасителска мисија. Тогаш, на Богојавление, луѓето Го виделе и дознале дека е Он Син Божји и Спасител. Ги чуле зборовите од небото:  и го виделе гулабот над Него што Го покажувал. Потоа и свети Јован сведочел за Него.

На Богојавление е Крштевањето на Христа

Во Библијата се вели: Тогаш дојде Исус од Галилеја на Јордан при Јована за да се крсти од него. Дошол како обичен човек и Него никој не Го познал. Само Јован знаел и силно известил пред собраниот народ, велејќи им: Меѓу вас стои Еден, Кого вие не Го познавате. А кога Христос наближил кон него, Јован, уште посилно извикал: Еве Го Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе! И јас видов и посведочив, дека е Овој Син Божји.

Господ Исус Христос отишол кај Јована и побарал од од него да биде крстен. Спасителот се крстил во реката Јордан. Јован го крстил и Него како и другите луѓе, потопувајќи Го во јорданските води. Затоа, свети Јован е наречен Крстител Господов.

Значењето на крштението: потопување во вода и очистување од гревовите

Крштевањето на свети Јован Крстител било покајно. Тој крштевал за покајание. Тие што се крштевале, влегувале во реката, ги кажувале своите гревови и биле потопувани во водата, како симбол на очистување од гревовите. Христос, пак, немал гревови. Он е Бог, безгрешен, но се крстил за да ни покаже пример на послушност и исполнителност. Христовото крштевање ја симбилизира Неговата смрт и воскресението. Како што бил потопен во водата и излегол, станал – така бил положен и во гробот и станал, воскреснал, излегол од гробот.

За Него свети Јован вели: Тој е, Кој ќе крштева со Дух Свети. Дотогаш крштевал свети Јован за покајание, а потоа, започнува христијанското крштение за спасение.

Новото – Христовото крштение – крштението во христијанството е крштевање за спасение. Крштевањето се прави со вода, а значи крст, распнување, погребение и воскреснување за нов живот. Тоа е нашето духовно раѓање. Крштевањето е нашиот роденден за спасение. Со крштението стануваме христијани.

На Богојавление, со крштевањето започнала Христовата евангелска, благовесничка дејност

Кога се крстил Христос имал 30 години. Од тој момент ја започнал Својата евангелска, спасителска дејност. Најпрво, избрал 12 Свои ученици и ги нарекол апостоли. Зошто ги нарекол апостоли? Затоа што апостол значи пратеник, а тие биле Божји пратеници, нив Христос ги испраќал меѓу луѓето да проповедаат. За таа дејност Он ги подготвил, започнувајќи од Богојавление.

По Неговото крштевање на Водици, Христос започнал со Својата спасителска дејност. Од тој ден, пред апостолите и пред народот, постојано и насекаде поучувал, и со зборови и со дела. А, онаму каде што требало, правел и чуда, исцелувал болни и им помагал на луѓето. Го проповедал Евангелието на сите и насекаде. Сè правел од љубов кон човекот. Особено ги сакал децата, болните и сиромашните. Децата имаат посебно место во Неговото срце. Он ги повикувал кај Себе и ги држел во прегратка. На возрасните им велел дека треба да бидат добри како деца.

Богојавление, исто како и Божик, е празник посветен на Господ Исус Христос, и на тој ден се мрси секогаш, дури и кога ќе се падне во петок или во среда.

Честит празник на сите што го празнуваат овој голем, свет ден и честит именден.

За МИА подготви проф. д-р Ратомир Грозданоски