Врачена наградата „Гоце Делчев“ за достигнувања во областа на науката

На конкурсот за државната награда „Гоце Делчев“ за 2013 година пристигнале вкупно 12 научни трудови

(Фото: МИА)

Државната награда „Гоце Делчев“ за особено значајно остварување во сите области од науката кои се од интерес за Република Македонија денеска во националното Собрание свечено им беше врачена на годинешните добитници.

На конкурсот за државната награда „Гоце Делчев“ за 2013 година пристигнале вкупно 12 научни трудови. Избрани се „Македонија туристички бисер – туристички потенцијали и културно-историски знаменитости“ од авторите Тодор Чепреганов, Ратомир Гроздановски, Благоја Марковски и Дејан Николовски, „learning and ressoning in Cognitive Radio Networks“ од професорите Лилјана Гавриловска и Владимир Атанасовски и трудот „Медицинска генетика“ од Мирјана Кочова, Гордана Илиева, Елена Шокарова Ангеловска, Светлана Кочева и Виолета Атанасовска.

(Фото: МИА)

Ова високо општествено признание за истакнати научни работници, на денот на одбележувањето на 111 години од смртта на најистакнатиот македонски револуционер, ја врачи претседателот на Одборот за доделување на наградата и претседател на МАНУ, академик Владо Камбовски.

Честититајќи им го високото признание на добитниците тој нагласи дека највисоката државна награда за научно дело го носи името на Гоце Делчев како признание дека неговата идеја за културната и свесната акција како најсилна движечка енергија претставува трајна заложба на македонската современост.

– Таа може да биде просперитетна држава, а македонскиот народ и деловите од другите народи кои живеат во неа ги губат перспективите на забрзан, мултикултурен развој во кој напредокот на секој од нив е придобивка и за напредокот на другите ако не се подготвува за големиот подвиг – влезот во информатичкото демократско и хумано општество засновано врз целосно уважување на основните човекови слободи и права и нивната еднаквост – порача Камбовски.

(Фото: МИА)

На доделувањето присуствуваше и министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

– За мене тоа претставува дополнителна потврда како министер за образование, во интерес на државата дека науката е оној двигател, кој што може да го обезбеди целокупниот раст и развој на Македонија во следниот период, посебно со особен фокус на развојот на научно-истражувачките дејности во делот на иновациите – рече Ристовски.

Од име на добитниците на престижната награда се обрати Мирјана Кочова.

– Да се напише научен труд, кој ќе биде меѓународно препознаен е тешка и многу ентузијастичка работа, која бара многу услови да бидат исполнети – рече Кочова.

Таа од име на нејзниот медицински тим изјави дека паричните средства од наградата ќе ги вложат во набавка на литература од медицинската генетика за Клиниката за детски болести за да поттикне интерес кај младите лекари за оваа научна област.

Наградата се состои во паричен дел од пет просечни плати по награден труд и статуетка со ликот на Гоце Делчев која годинава прв пат се доделува.

(Телеграф.мк/МИА)