Свети Јован Крстител – Претеча Христов
- понеделник, 20 јануари 2014 07:49
20 јануари 2014
Личноста и дејноста на свети Јован Крстител
Јован Крстител бил пророк и свет човек. Тој е последниот старозаветен пророк. Најважен е затоа што, од сите пророци, единствено тој: и пророкувал за доаѓањето на Спасителот на светот и го видел дојден Спасителот. И двајцата живееле во исто време. Свети Јован Крстител бил врсник на Христа, постар бил од Него само шест месеци.
Тој бил Христов роднина. Неговите родители се викале Захариј и Елисавета. Татко му бил свештеник, а мајка му била многу добра и побожна жена. Долго време немале деца и биле многу натажени заради тоа, но не губеле надеж и постојано го молеле Бога, да им даде дете. Бог ги послушал нивните молитви и настарост добиле син. За таа Божја милост му било соопштено на Захариј, додека служел во храмот. Тогаш му се јавил ангел Божји и му рекол дека ќе има син, па дури му кажал и кое ќе биде неговото име, велејќи му: – Јован ќе се вика.
Свештеникот Захариј, заради возраста негова и на жена му, не поверувал веднаш, туку се посомневал, па заради сомневањето добил казна: онемел и не можел да зборува сè до раѓањето на детето. Кога се родило детето, тој, бидејќи нем, морал да го напише името „Јован“, за да се вика така детето и потоа, проговорил и раскажал сè.
Чудото било јасно и очигледно. Се исполнило сè што рекол ангелот Божји, а луѓето знаеле дека тоа е необичен дар од Бога и дека тоа дете ќе има посебна задача во Божјата промисла. Така и било.
Тој бил посебен човек. Живел во пустина, крај реката Јордан. Цел живот постел. Се хранел со скакулци и со див мед, а облеката му била од камилски влакна, со појас од кожа околу слабините. Дури и со надворешниот изглед ги привлекувал луѓето, а многу повеќе со неговите поуки.
Ги повикувал луѓето на покајание. Им велел да се покајат и да се подготват за доаѓањето на Спасителот, па достоинствено да Го пречекаат. Да се подготват за средбата со Бога.
Така е правилно. Зар не правиме и ние така кога треба да се сретнеме со некого? Штом ќе ни се најави некој дека ќе дојде кај нас, ние се подготвуваме, чистиме и средуваме, за пречек. Тоа го барал и свети Јован. Тој бил најавувачот на добрата вест; Христос – бил Оној што доаѓа, а народот – требало да Го пречека подготвено.
Свети Јован Крстител луѓето ги поучувал, им помагал и ги крштевал
Свети Јован Крстител е наречен Претеча. Зборот Претеча е старомакедонски словенски збор што значи Претходник, Предвестувач, Наговестувач. Тој бил предвесник, известувач што ја кажувал добрата вест, како што се ангелите известувачи (ангел, значи весник, известувач). Затоа, свети Јован, на фреските и на иконите, се претставува со крилја. Тој известувал и кажувал за Христа Спасителот. Одел пред Него и го најавувал. Ги повикувал луѓето кон Бога, им проповедал покајание и ги крштевал. На тој начин ги подготвувал за средба со Спасителот на светот. Многу народ одел кај реката Јордан за да го види и чуе пророкот, да се поучи од него и да се крсти. Тоа се расчуло насекаде. Дошол дури и царот Ирод. Свети Јован и него го повикал на покајание. Не се плашел и на царот да му каже за гревовите и да го повика да се откаже од нив и да се покае. Тој сите ги потсетувал на нивните гревови и барал да се откажат од нив – да се покајат. Таква била неговата мисија – покајание и очистување.
Покајте се, зашто се приближи царството небесно! Тоа биле првите и основни зборови на неговата проповед. Некои мислеле дека е тој Спасителот, па затоа јавно кажувал дека тој не е Христос, туку дошол да сведочи за Христа. Пред сите говорел за Него и пророчки го најавувал Неговото појавување меѓу луѓето.
Луѓето многу го почитувале Јована, ги слушале неговите поуки и го прашувале: – Што треба да правиме?
А тој ги повикувал на вера и на добри дела, па велел:
– Кој има две облеки, нека му даде на оној што нема;
– а кој има храна, нека го прави истото.
Свети Јован бил голем пророк, праведник, пустиник, проповедник, учител и Крстител. Како учител имал и свои ученици, меѓу кои биле и Андреј и Јован, кои потоа станале Христови апостоли.
Наречен бил Крстител затоа што ги крштевал луѓето во реката Јордан, односно, затоа што го крстил Господа Исуса Христа. Неговото полно име е: Светиот пророк Јован, Претеча и Крстител Господов.
Свети Јован Крстител е „најголемиот роден од жена“ меѓу луѓето во светот. Така за него рекол Господ Исус Христос.
Во христијаството, тој е во трите најголеми личности: Христос, Богородица и свети Јован Крстител. Тој е третата најсвета личност.
Само на овие три личности Црквата им определила празници на нивното раѓање: за Христа – Божик, Рождество Христово; за Богородица – Мала Богородица, Рождество на Пресвета Богородица; за свети Јован – Иванден, Раѓање на свети Јован Крстител. Тоа се единствените три празници на родендени во Црквата, а сите други се празници на умрендените. Празниците на другите светии се на денот на нивното упокојување – раѓање за вечноста.
В црква, неговата икона на иконостасот е секогаш до иконата на Господ Исус Христос.
Честит празник, среќна слава и именден на оние што го носат ова свето име.
За МИА подготви проф. д-р Ратомир Грозданоски