Децата и Христос (Евангелски погледи)
Проф. д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон
ДЕЦАТА И ХРИСТОС
(Евангелски погледи)
„Тогаш доведоа при Него деца, за да ги положи рацете над нив и да се помоли, а учениците им бранеа. Но Исус рече: ‘Оставете ги децата и непречете им да доаѓаат при Мене, зашто на такви е царството небесно’“ (Матеј 19,13-14, спореди со Марко 10,13-16; Лука 18,15-18).
„И како повика Исус едно дете, го постави меѓу нив и им рече: ‘Вистина ви велам, ако не се повратите и не бидете како деца, нема да влезете во царството небесно: кој, пак, ќе се смири како ова дете, тој е поголем во царството небесно’“ (Матеј 18,2-4, спореди со: Марко 9,33-37; Лука 9,46-48).
Го прашале Христа учениците, велејќи: „Кој е поголем во царството небесно?“ (Матеј 18,1; Марко 9,33; Лука 9,46). Одговарајќи им на ова прашање, Спасителот рекол дека во царството Божјо ќе бидат примени оние што имаат морални квалитети како чистите деца. При тоа, посочил дека за влегување во царството небесно услов или виза е нашата духовна чистота и безгрешност. Само тоа е потребно за влегување во царството Божјо и друго ништо не се бара – ниту пари, ниту храна, ни облека, ниту убавина, ни коли, ниту авиони, ни власт, ниту функција… Во царството небесно нема граѓанин кој е духовно нечист и грешен.
Господ Исус Христос, Кој заради нас и нашето спасение, Сам благоволил да биде Младенец, овојпат бил покровител на немоќните и невини дечиња. Оној, Кој го благословил бракот (Јован 2, 1-11), со љубов ги прифаќа и ги благословува рожбите од брачното живеење, полагајќи ги Своите раце врз дечињата што ги донеле кај Него.
Благословувајќи ги децата Христос им се обратил на возрасните и им рекол: „На такви е царството Божјо“ (Марко 10,14). Забележливо е дека не рекол на овие е царството Божјо, туку “на такви”, што значи на сите кои ќе постанат такви – кои ќе постанат како деца незлобиви и не ќе знаат за грев. Децата не завидуваат, не помнат зло и се безгрижни, а полни со љубов.
Луѓето треба да бидат како деца за да постанат синови Божји и да влезат во царството небесно. Децата ги имаат основните добродетели, кои се одлики на детската душа и белези на Божјите синови:
1. Верата на детето е неизмерно искрена и чиста. Тоа секогаш му верува на родителот – на својот татко. Таков треба да биде и нашиот однос кон Бога – нашиот Отец.
2. Послушноста на детето кон родителските заповеди и нивното исполнување е безусловна, потчинувајќи ја својата волја на волјата од таткото. И ние така треба да се однесуваме кон Отецот – кон Бога и Неговите заповеди. Кога мајка им ќе ги тепа, децата не бегаат од неа или не ја обезвреднуваат и не ја потценуваат, туку таа дури и да е најбедната, тие ја почитуваат како царица. Исто така, и возрасните, кои постанале такви – добродетелни како деца, тие ја почитуваат својата мајка – Црквата и не отстапуваат од неа, заради овоземните наслади.
3. Незлобивоста на детето е особено значајна. Децата брзо се лутат, но уште побрзо проштеваат. Тие не се злопамтиви и не враќаат зло за зло. Така треба и ние да постапуваме.
4. Детето е бестрасно и непохотливо, бидејќи нема грешни желби.
5. Радоста на детето е чиста и непоматена со светски грижи.
6. Несреброљубивоста е одлика на детето и
7. Неславољубието е украс на детската душа.
8. Децата се полни со љубов и смирение, а бидејќи чисти, невини и послушни, тие се чувствуваат немоќни и постојано бараат помош од своите родители. Со тоа ја искажуваат и нивната постојана љубов, каква што треба да имаме и ние кон Бога.
9. Децата се негордољубиви, а дружељубиви. Ете, на пример, неколку деца од различни раси, ако се најдат заедно, тие безгрижно ќе почнат да си играат и да се помагаат; да се сакаат, не прашувајќи кој од каде е, каков е и кому му припаѓа.
Сето ова луѓето можат да го постигнат, со помош на Господа Исуса Христа, преку Неговиот пример, Неговото учење и со силата на Светиот Дух, ако повторно се родат – духовно, како што му рекол Христос на Никодима (прочитај: Јован 3, 3-7) и ако постанат како деца. Ете, тогаш ќе влезат во царството небесно!
10. Децата се споредуваат со ангелите. Свети Јован Златоуст вели дека доколку сакаме да го наследиме небесниот живот, треба да се трудиме во здобивање на добродетелта смирение и да ги соединиме мудроста со простотата. Таков е, всушност, ангелскиот живот, а таква е и детската чистота.
Христос рекол на такви е царството небесно, за да нè натера да го правиме и ние она што го прават децата.
Значи, од нас се бара да се повратиме и да бидеме како деца, односно да покажеме смирение и понизност, каква што имаат децата; да ја имаме детската доверба и почит, како и чистата, безрезервна надеж и љубов кон оној што го сакаме.
Тоа не значи возрасните да бидат како деца по возраст, туку по срдечност, расположение, смирение, простодушност, преданост и чистотата. Не е ли таков човек, не само што нема да заземе значајно место во царството небесно, туку нема ни да влезе во него.
Царството Божјо се нарекува и Евангелие, и блаженство, и светост, а тоа е обезбедување на идниот вечен живот со Бога. Оттаму пораката од Христовите зборови е со цел возрасните да ја примат евангелската проповед, како што децата ги примаат поучувањата од постарите: искрено, чисто и со полна вера. Тоа значи да се здобиеме со верско образование и воспитание уште како деца, од мали, бидејќи верата и верското воспитание се најдобрите дарови и ни се најпотребни, па затоа се споредуваат со мајчиното млеко.
Христос можел да се посочи Себеси за пример на смирение и безгрешност, но не го посочил сопствениот пример, туку го поставил детето и неговата чистота, бидејќи децата ги имаме постојано меѓу нас и непрестајно можеме да се угледуваме на нив!
Детето, се разбира, не е совршено, бидејќи и тоа има човечка природа, повредена со првородниот грев и затоа постојат мали детски гревови. Но, Спасителот ја истакнува детската чистота и добродетелност. Па така, човекот за да влезе во царството небесно, потребно е да ги скроти страстите и да постане како дете негревољубив и нестрастољубив, богољубив и човекољубив.

