Канон

КАНОН
ЗА АПОСТОЛ АНДРЕЈ ПРВОЗВАНИ,
НАПИШАН ОД СВЕТИ НАУМ ОХРИДСКИ
-АКРОСТИХ-

(ПРЕПЕВ од црковно-словенски јазик:
Проф. д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон)

 КАНОН ВТОРИ, глас IV

Песна I
Ирмос: Поразен Египет…

П         Прв си од сите: првоповикан те нарече за да ги просвет(л)иш како големо светило на земјата оние што се помрачени со ѓаволска лага; и кон светлината Негова сите да ги упатиш.

Р          Ропството од кое, сакајќи да ги избави сите, Создателот дојде на земјава. Свети, тебе на радост те повика од земните лаги, за земните да ги упатиш кон Светлината.

В         Владико, штом ги виде помрачените народи од лага, го повика светиот апостол Андреја кон Себе – Светлината, велејќи му велегласно Тебе на сите да Те проповеда.

Богородичен:
О         Она што беше речно за тебе, Дево Мајко, сè се исполни, зашто од твојата утроба излезе Светлината, Која го објави апостолот на Светлината, Која им свети на сите.

Песна III
Ирмос: Тврдина…

А         Апостол те нарече Христос, свети; за да те испрати меѓу народите и кон Него да ги приведеш сите, коишто со вера извикуваат: Никој не е така свет (како Господ; нашиот Бог).1

Г          Горејќи со Светиот Дух, ти, свети, ја стоплуваш земјата, оладена со гревовната лага, со вера извикувајќи: Никој не е така свет (како Господ; нашиот Бог).

О         Осветен со Духот, ти ја освети вселената, свети Андрее апостоле, повикувајќи ги народите да извикуваат: Никој не е така свет (како Господ; нашиот Бог).

Богородичен:
Х         Херувимски се уподоби, свети апостоле, којшто воспеваше; како и на Христа, родениот од Дева, повикувајќи ги народите, коишто извикуваат: Никој не е така свет (како Господ; нашиот Бог).

Седален, глас III, подобен:
Од ист татко и од иста мајка и сиот со духовна благодат, го повика  Петра тајно, Андрее, префални, да го известиш за Господа Исуса; Него Кого што Го покажа Јован – Јагнето Божјо; Него сега моли Го да ги спаси оние што со вера те восхвалуваат во твојот спомен.

ПЕСНА IV
Ирмос: Услишал пророкот…

Р          Реко, наполнета со животна вода, свети апостоле Андрее, ја напои вселената со разумот и неверните народи со твоето учење.

С         Сите земји ги слушаа светите гласови од Твоите апостоли, Господи, со Твојата слава се исполни целата земја.

Т         Твоето свето пришествие, славни апостоле, преблажени, пророците го предрекоа во сите земји; со твојата похвала се исполни целата земја.

Богородичен:
О         О, Пресвета и преславна, за тебе извика пророкот и беше речено: – Зашто, ете, Синот твој, како со стрела, преку апостолот, го прострела зловерието.

ПЕСНА V
Засветли ми, Господи,…

В         Во целата земја отиде твојот глас, апостоле, како гром ги разбуди оние што спијеа во неверие; пријде од Исток како молња, којашто ги осветлува сите краеви.

А         Андрее свети, апостоле, првоповикан од Христа, пред­водниче на апостолите, зашто извика кон сите и рече: Навистина, еве Го Умот Божји и Бог, нашиот Спасител на сите, Христос, Царот на мирот.

С         Светото твое проповедање, апостоле, го слушаа сите земни краеви и се исплашија од страшниот твој глас што грмеше, од којшто срцата на сите растат во верата Христова.

Богородичен:
Л         Л(љ)убовта со која беше разгорена кон Синот роден од тебе, Пресвета Богородице Дево, преку апостолот го изгоре сето безбожие (и) со благоверие ја посеа земјата.

ПЕСНА VI
Во бездната…

А         Апостоле свети, Оној што со проповед ги воскресена сите народи што беа во адот, велегласно извика: Покајте се, зашто се приближи времето за спасе­ние на сите.

Х         (Христос) Исус, одејќи по морето на животот, те улови тебе, мудри свети апостоле, сакајќи преку тебе, како при риболов, да ги улови сите народи со словото на твојата уста.

В         Во бездната на безбожието потонаа сите земни. Апос­толе мудри, како риби, откако ги улови народите, ги привлече кон Христа. Кога го виде тоа, Христос се развесели и твојата глава ја овенча, славни и свети, апостоле Андрее!

Богородичен:
А         Адамовата и Евината прадедовска клетва, во својата утроба ја потопи, Девице безмажна, откако Го роди Синот Христа Бога. Него моли Го безпрестајно за нас, коишто те величаме постојано, Мајко Божја!

Кондак, глас II. Подобен: Во молитвите на…
Богогласна цркво, да го пофалиме истоимениот со мажественост, преподобниот и врховен Петров сродник. Како што порано него, така сега и нас нè повикува: Дојдете, Го најдовме Посакуваниот!

Икос:
Како што Давид од висините го подигна грешникот, така, пак, и мене ме уподоби да ги осознаам Божјите повелби; всушност, кон вера да ги учиме повторно и со многу солзи да го исповедаме денес неговото бого­гласие. Иако ќе ги услиши срцата наши, нема да се ожесточи на нас, како некогаш што го раздразни Израил, кога беше го навел* делот од псалмот‚ Пеј Му на Господа, цела Земјо! Дојдете, Го најдовме Посаку­ваниот!‘

ПЕСНА VII
Ирмос: На златното теле…

Л         Л(љ)убовта Христова, со која, откако беше сврзан, свети, сите краеви на земјата ги помина, а кога дојде до патријаршискиот град, ти, апостоле, велегласно воспеваше, прославувајќи Го Спасителот.

И         И ти каде што со твоите свети нозе одеше, свети апостоле, го изобличуваше безбожниот Египт, зловерен цар, кога го нарече безумен, велејќи: ‚Зошто (не) викаш со мене: Благословен е Бог!”

Н         Немудриот цар заповеда да те врзат, свети апостоле Андрее, тебе, којшто од темнина ги ослободи сите, иако во темница**, пак, самиот си темничел***. Ти, пак, извикуваше: ‚Благословен е Бог на татковците наши.‘

Богородичен:
И         Идејќи на суд врзан, ти, апостоле, се уподоби на Христа – родениот од Дева Богородица; непрестајно пееше: Нема да се поклонам на созданието, рече, а на Христа – Царот ќе Му пеам: Благословен е Бог на татковците наши.‘

ПЕСНА VIII
Ирмос: Во пламенот од огинот  пред…

Ш        Штетномисленоста на твојот непријател – измачувач, ја изобличи, стоејќи пред судот. Бога, пак, Го проповедаше, светителе, воспевајќи: ‚На Господа пе(јте Му дела и превознесувајте Го во сите векови).

Ч         (Чуј) мачителу, зошто напразно се измачуваш, кога велиш не верувам во Бога – Создателот на сè, Кому јас Му воспевам: На Господа (пејте Му дела и превознесете Го во сите векови).

И         Имајќи голема смелост пред Христа, ти, свети, мудри апостоле, го победи Египтиевото зловерие, велејќи: Непрестајно на Господа да Му пеете, единствениот, многумилосрден и превознесувајте Го Него (во сите векови).

Богородичен:
И         Избавени бевме преку тебе, Дево, од прадедовското понижување, бидејќи твојот Син, како со стрели, го застрела зловерието, со апостолот. Со благодатта на единствениот Христос Бог, милосрдниот Создател на сите (, превознесувајте Го во сите векови).

ПЕСНА IX
Ирмос: Покажа  сила…

Н         На крст тебе да те врзат, свети, заповеда зловерниот Египт, откако беше задавен (опфатен) со бес, се трудеше во злото и направи лошо. Ти, висејќи на него, ги повика верниците да ги направат кон Христа патиштата мирни.

А         А, јас не се плашам од крстот, но ќе му се поклонам нему, ти пред сите воспеваше, свети: Спаси ме, чесни крсте, и дај ме на Учителот! Со тебе да го победам непријателот и преку тебе, сите верници, да најдеме спасение.

У         Уподобувајќи се на смртта на Учителот, ти, свети, овде, веќе се всели во небесните живеалишта. Станувајќи ангел; со нив сега, непрестајно, моли Му се на Бога на сите, за нашите души.

Богородичен:
М        Мајко Пречиста, Пресвета Девице, Ти како вистинско избавување на сите, не престанувај да Го молиш за нас Бога, Кого што Го роди; да нè спаси сите од напаст, за да Те величаме срдечно во спомен на апостолот.

Светилен:
Андрее, возљубени од Христа Бога, погледни горе и види каде, пак, те вика Владиката и Господ; зашто, со капките на Твојата крв ја просвети целата земја. Создателу, спаси ги сите што Ти пеат.

 

Стихири, глас IV
Подобен: Им даде знаци…

Свети, Христос те повикува, велејќи ти, од морето на животот, да ги уловиш сите потопени во лагата ѓаволева, и на трпезата, пак, небесна, славните риби на Отецот да Му ги принесеш и, гледајќи ги пред (него) се радуваш, светителе. Исус (е) милосрден и Спасител на нашите души.

Откако целата вселена ја прелета, свети апостоле Христов, како крилат орел премина во Ахаја, сакајќи помрачените со ѓаволска лага да ги направиш Христови пилиња. Откако ја победи Агијатовата лага, Му пееш на Христа Бога, Спасителот на нашите души.

Свети, откако се уподоби на страданијата на Учителот, ти се возвесели кога го виде крстот; кон него, воспевајќи, го рече ова: Пресвети Христе (Крсте), спаси ме, како и мојот Учител. Каде што сега се вселуваш, безпрестајно моли Го за нас милосрдниот Исуса, Спасителот на душите.

глас I

Андрее, радувајќи се, играј, бидејќи го најде блескавиот светилник на славата, вистинското Сонце – Христос светодателот: Него, пак, имајќи Го во верата, си Го проповедал на Кифа, за да Му бидете Нему ученици, како и браќа.

Стихира, глас VIII

Да го прославиме Андреја, проповедникот на верата и чувар на зборовите, затоа што луѓето од длабочината ги изведе; наместо перо, крстот во рацете го носеше, и со силата на Светиот Дух расејаните по земјата ги изведе од заблудата на ѓаволот. Нив ги приведе кон Бога како пријатен дар. Верни, секогаш да го фалиме него, заедно со соборот на Христовите ученици, за да Го моли Христа, да биде милостив кон нас во судниот ден.


1. Текстот во заградата го нема во оригиналот, но овде го дооформуваме библискиот стих и поетскиот рефрен. Химнографот, веројатно, штедел хартија и мастило, а библискиот стих, вообичаено, се знаел напамет.
Во Канонот и на други места недовршените текстови се дооформени на ваков начин – ставени во заграда.
* посочил
** затвор
*** си бил затворен