Кривоверие
Проф. д-р Ратомир Грозданоски
К Р И В О В Е Р И Е
Интервју за весникот „ВЕСТ“ од сабота, 03.10.2009 г.
Веќе 200 години, низ гранка во вид на круг, во височина од 3,5 м на даб, во црквата „Св. Ѓорѓи“ во село Лавце, Тетовско, се качуваат и се протнуваат. Тоа им помагало на луѓето.
Трипати годишно доаѓаат стотици луѓе од РМ и од други земји, со надеж дека ќе добијат дете, ќе излекуваат уплав, лош говор. Луѓе сведочат дека Бог им помогнал.
Наспроти тој има и втор даб од кој извира мала вода, којашто, исто така, исцелувала. Ваш коментар за ваквите појави? Колку е тоа раширено во Р М?
Тоа се само народни обичаи и верувања или навистина Божја сила им помага на оние што веруваат?
Проф. д-р Ратомир Грозданоски: Вакви појави има секаде низ Македонија, во сите краеви и места, а и низ другите земји. Некаде повеќе, некаде помалку нагласени. Култни места со необични и зачудувачки форми, облици и изрази на разновидни предмети во природата се среќаваат по сите планини, ридови и долини на земјава. Тие го предизвикувале вниманието на нашите предци и оставиле траги во односот на луѓето кон нив. Кон нив некои се однесуваат со страв, некои со одредена почит, а некои со неизвесност. Тоа однесување продолжило од незнабоштвото и многубоштвото до денешни дни. Таквиот различен однос кон ваквите места, предмети и настани произлегува од незнаењето. Луѓето не си ја знаат верата и не ја познаваат вистината. Не Го познаваат Бога и не го знаат христијанството. Па затоа, место да Му се обраќаат со вера и молитва на живиот Бог, тие се поклонуваат, се протнуваат и се надеваат на мртвите предмети, кои и самите го изгубиле дури и својот основен лик, па не личат ни на оние од својот вид и не можат ниту себеси да си помогнат, ниту на друг да му дадат помош. Тоа е незнабоштво, идолопоклонство, празноверие и суеверие. Тоа е духовна измама и страдање на душата. Тоа е како прегладнетиот и истоштен човек да почне да гризе камен наместо леб и да јаде земја место храна. Немајќи го вистинското, посега по лажното. Не добивајќи го оригиналното, го зема лажното. Тоа е сурогат на верата, а не вера. Тоа е кривоверие, а не верување. Тоа е лажноверие, а не вистиноверие. Тоа е ѓаволослужение, а не богослужение.
Да, тоа постои кај луѓето како дел од некојси „стар“ народен обичај, но тој „обичај“ во својата основа го има незнабоштвото и многубоштвото, а не христијанското верување во Бога. Токму затоа и дојде Бог на земјава, затоа и се роди Христос и живееше меѓу луѓето како Човек, иако Бог, Бог во тело – Богочовек, за да Го видиме и да Го познаеме вистинскиот Бог, па да се откажеме од лажните богови. Дојде Спасителот на светот за да нè спаси од лажното и неможното спасение без Бога. Не спасува дабот, туку Бог; не помага и не може да помогне искривеното и измачено дрво, туку Божјата сила и моќ; нема чудотворна сила ни водата додека врз неа не се излие Божјата благодат и таа не постане света и чудотворна.
Ќе речете дека на некои од луѓето што биле таму им се дала помош. Тие го добиле она што го очекувале. Велат дека се случиле чуда. Од кого се тие и кој ги прави?
Можно е и тоа. Бог прави чуда, но и ѓаволот прави чуда. Не посегајте по неговите. Бегаjте од злото. Тој е измамник. Зол дух. Човекоубиец. Тој и со чуда сака да ги прелаже луѓето. Во Библијата се вели дека ѓаволот може да се претвори дури и во светол ангел, само за да прелаже некого.
Секој да си се врати во прегратките на Бога и во Неговата милост и да не оди во лажнобожие. Нека си влезе на молитва в црква, а не зад црква, крај црква, над црква и под црква. Бог е многу човекољубив и долготрпелив и секого го сака и секого го чека, а најмногу е милостив и секому му помага, но треба да ја побараме помошта од Бога, покажувајќи дека ние сме немоќни, а Бог е семожен. Нека ни е на помош. На народот му треба верско образование и поука во верата. Потребна е веронаука, за да си ја знаеме нашата вистинска вера и да не талкаме по кривоверието.
Се надевам дека овој текст ќе им помогне на читателите и ќе биде од полза.
Божјата милост и добрина нека бидат со Вас.

