Лидија и нејзиното влијание врз црквата во Филипи

Проф. д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон

ЛИДИЈА И НЕЈЗИНОТО ВЛИЈАНИЕ ВРЗ ЦРКВАТА ВО ФИЛИПИ1

Во времето кога се распространувала Христовата Црква во Македонија и во Елада,2 кога христијанството се пренесувало од Азија во Европа, првата Црква на европскиот континент била формирана „во Филипи, кој во тој дел на Македонија е прв град,3 римска колонија.“4 Тоа се случувало во 51 или 52 година – на почетокот од второто мисионерско патување на светиот апостол Павле (51-54 год.), коешто е опишано во библиската книга Дела на светите апостоли.5

Во Светото писмо е запишано дека „во Троада, преку ноќта имаше Павле видение: стоеше пред него еден човек, Македонец, кој го молеше и му велеше: ‚Премини во Македонија и помогни ни!‘“.6 Тие биле замолени да дојдат „во Македонија, за да им дадат духовна помош“7 на луѓето. Овој повик светиот апостол го разбрал како Божја заповед и Божја промисла – дел од Божјиот план за спасение на луѓето. Во тој Божји домострој апостол Павле бил вклучен со својата апостолска мисија меѓу незнабошците и затоа тој сфатил дека „Божјото провидение ги повикува да им го проповедаат Евангелието на Македонците“.8 Затоа, евангелистот Лука, запишал: „По тоа видение веднаш посакавме да тргнеме за Македонија, бидејќи разбравме дека Господ нè повикал таму да го проповедаме Евангелието.“9

Во „Филипи – првиот македонски град“10 била формирана и првата христијанска црква во Македонија, а што значи и во Европа.

ЦРКВАТА ВО ФИЛИПИ

Црквата во Филипи била првата европска црква што ја основал апостол Павле („H Ekklhs3a stoic Filipoyc ;htan h prith E’yrwpa_ik Ekklhsia po ãdryse o Paylos).11 Оваа прва христијанска црква во Европа ја карактеризираат силната вера во Бога и големата љубов кон апостолот. Тоа значи дека христијаните од Македонија, коишто ја сочинувале Филипската Црква, биле исполнети со вистинско богољубие и братољубие, коешто е основа на Законот и Пророците, на Евангелието и спасението.12 А за нивното благочестие пишува и светиот апостол Павле и ги пофалува, претставувајќи ги за пример пред другите христијани.13 Македонските христијани, доброволно, со љубов и дарежливо милосрдие, материјално го помогнале делото на свети апостол Павле.14

Лидија – камен темелник на Црквата во Филипи

Во градот Филипи Лидија била првата личност којашто поверувала (Sto%c Filippoyc h prith poi pisteve ;htan h Lydia) во Господа Исуса Христа и ја прифатила проповедта на свети апостол Павле.15 Лидија била богата и набожна – “богобојазлива жена од градот Тиатир”, која живеела во Филипи.16 Таа потекнувала од малоазиската провинција Лидија,17 а била омажена во Филипи.18 А. П. Лопухин смета дека градот Тиатир бил македонска колонија во малоазиската провинција Лидија.19 Јеромонахот Хризостом Столиќ Хилендарац, пак, смета дека света Лидија е „родена во Тиатир – град во близината на Филипи (Македонија)“.20 Во православниот месецослов на светиите, света Лидија се празнува на 27 март.21 Таа е прва личност којашто била крстена од апостол Павле на европско тло и „затоа се прославува како прва христијанка – Европјанка“.22

Лидија била продавачка на порфир (скерлет).23 Овие скапоцени „црвени ткаенини“24 кои се изработувале во Азија, особено ги претпочитале европјаните за своите богати облеки. Тиатир бил прочуен по бојадисувањето на ткаенините со природни црвени бои на порфирот.25

Порфиропродавачката (porfhripwlic) Лидија, тргувала со висококвали­тетните ткаенини со црвена боја, коишто биле употребувани за благородничките облеки на високодостојниците низ Македонија и во Филипи, бидејќи тој бил град на воени ветерани, а и поради географската положба и природните богатства, бил богат град.26 Нејзиниот сопруг не се споменува и се смета дека веројатно бил починат, а таа ја преземала во свои раце и трговијата и куќата, покажувајќи се како жена со цврста рака и карактер.27

Се мисли дека Лидија била прозелитка, бидејќи „Го почитувала Бога“28 и била од оние, коишто се бојат од Господа,29 а со фактот што оваа жена го напуштила многубоштвото и се обратила во еднобоштвото – јудејството, покажува желба за доближување до вистинскиот Бог, Којшто е единствен. Тоа можеби бил и предусловот што Лидија прва го примила христијанството и „се крстила таа и нејзините домашни“.30

Жените први приемници на Евангелието во Европа

Први слушатели на Павловата проповед во Филипи биле жените, како што запишал апостолот Лука, велејќи: „Им зборувавме на собраните жени“.31 Тоа значи дека Европа преку маж, во личноста на „еден човек Македонец“32 упатила повик кон Христа: да дојде Спасителот и во Европа, а преку жена, со покрстувањето на Лидија и првите жени коишто ги слушале проповедниците на Евангелието, ја примила Христовата спасителна наука. Евангелието кога стигнало во Европа, не го пресретнале мажите, туку жените, бидејќи тие први се појавиле пред апостолите. И Госп­ода Исуса Христа, како што ни сведочи Евангелието, Го следеле повеќе богобојазливи жени од Галилеја и Јудеја, а во Самарија, жената Самарјанка била проповедник за царството Божјо и сведок дека Го видела Христа Месијата. Мажите – апостолите, уште од Гетсиманија Го напуштиле Христа и се разбегале, а на Голгота жените се доближиле до крстот и го оплакувале Христовото распнување. Мироносиците први отишле на Христовиот гроб и најнапред тие ја чуле веста за Христовото воскресение, па постанале благовесници и за апостолите, кажувајќи им дека Христос воскреснал. Не се спомнува во Евангелието за злобности, лицемерија и предавства на жени, а истакнати се нивните значајни активности во мисионерските проповеди на Евангелието. Познати се и жени просве­тителки, како света Нина во Грузија, првомаченичката и рамноа­пос­толна Текла, па Варвара, Евдокија, Софија со трите ќерки: Вера, Нада и Љубов, преподобна Марија Египетска, како и мајките: Антуса, Нона, Емилија и Моника, коишто ги родиле светите: Јован Златоуст, Григориј Богослов, Василиј Велики и Блажени Августин, па преподобна Параскева (Петка), света Злата Мегленска, цариците: Елена, Теодора, Олга и други, како и безброј свети жени маченички, преподобни и исповеднички, „чии имиња се запишани во книгата на животот, бидејќи нивниот труд има вечно значење“.33

Свети апостол Павле имал правилно разбирање за способностите и одликите на жената, па затоа активно ги вклучувал и жените во мисионерството и во еван­гелизацијата во ранохристијанската црква.34 Од неговите посланија се гледа дека ги пофалувал и поткрепувал надарените христољубиви жени, како што се: Прискила од Коринт, Фива при црквата во Кенхреја, Маријам во Рим, мајкаму на Руф и други.35

Искуството во Црквата Христова покажува дека приврзаноста на жената кон Бога и кон Христа Спасителот ја прави многу похрабра и од мажот, па затоа во периодот на страдањето на Црквата под јаремот на комунизмот, во источно-европските православни земји жените останаа поприврзани кон Црквата и тие ги полнеа храмовите на богослужбите, скришно ги носеа своите деца на крштевање и потајно го викаа свештеникот да ги благослови и освети домовите во кои живееја со своите семејства.

Верата и скромноста на Лидија

Лидија своето верување во Христа Спасителот го запечатила со нејзиното крштевање во Троедниот Бог. Таа веднаш штом го примила христијанството, посакала и своите блиски да ги приведе кон Христа, како што запишал евангелистот Лука: „се покрсти таа и нејзините домашни“.36

Лидија била богата жена, а се украсувала со скромност. Блажени Теофилакт ја истакнува нејзината вера и богобојазливост. Тој вели дека „љубомудрата жена, уште во почетокот сама посведочила дека неа Бог ја повикал“37 и таа побарала потврда од апостолите за нејзината христоприпадност, кога рекла: „Ако сте ме признале за верна на Господа“.38 Ништо не можело да биде поубедливо од овие зборови кои трогнуваат и бликаат со љубов и гостопримство.39 Со нив таа покажала благочестивост, вера и скромност, бидејќи не нагласила ништо друго: ниту дека била богата, ниту дека имала пространа куќа во која би можеле да се сместат апостолите, ниту дека била прошетана жена и дека знаела повеќе јазици итн., туку за неа најважно било, ако апостолите увиделе дека верува во Христа Бога и „ја признале за верна на Господа“.

Гостопримството на Лидија и нејзината настојчивост

Гостопримството (филојени1) е христијанска добродетел, која се истак­нува и во Библијата и од светите оци.

Впечатливо е и тоа што гостопримливата Лидија не само што ги пока­нила своите гости и благовесни патници, според примерот на гостопримството од праотецот Авраам кај дабот Мамре,40 туку таа и ги понудила да живеат во нејзиниот дом, а во тоа била особено настојчива. Нејзината упорност, апосто­лите да бидат жители на нејзиниот дом, накратко свети апостол Лука ја опишува со зборовите: „И нè принуди“.41

Таа силно настојувала во исполнувањето на својата богоугодна желба и тие ја удостоиле со достојна евангелска љубов и благослов. Изразите: „И нè принуди“ можат да значат дека тие отпрвин ја одбиле, несакајќи никому да бидат на товар,42 но потоа, со своите зборови и аргументи, таа ги принудила да престојуваат во нејзиниот дом. Лидија како да им велела: – Ако сум навистина прифатена за христијанка, тогаш доверете ми ги и тајните на христијанството, а јас ќе ви бидам помошник во апостолството – во благовестието. И навистина така се случило. Нејзините зборови биле убедливи за апостолите, кои ја знаеле Христовата порака: „А штом влезете во некој град или село, распрашајте кој е во него достоен и таму останете, додека не си отидете“.43 Апостол Лука, можеби, продолжил да живее во куќата на Лидија и откако апостол Павле со придруж­ни­ците заминале од Филипи.

Лидерството на Лидија и нејзиното влијание врз заедницата

Има најразлични сведоштва дека жените во Македонија имале улоги на водачи во општеството, дури и пред Христа – во времето на Александар Македонски.44 Токму заради тоа, новата улога на Лидија нема да биде изненадување за новата христијанска заедница во Филипи.45

Таа постанала центар за сиот христијански црковен живот во Филипи. Нејзината куќа била првиот христијански храм во Европа,46 каде што се собирале христијаните, по примерот на куќата од Марија, мајка му на апостолот и евангелистот Марко, во Ерусалим. На тој начин, Лидија постанала првата христијанка жена лидер во првата христијанска црква во Европа – црквата во Филипи, Македонија.

Нејзиното влијание врз заедницата се покажува низ неколку конкретни примери:

а) „Лидија е пример за успешна куќна-семејна мисија во раното христијанство“.47 Токму затоа, се покрстила не само таа, туку и нејзините домашни. Такви примери во Библијата се и случувањата во градот Јопија;48 во Антиохија, и во Коринт – „кога Крисп, началникот на синагогата поверува во Господа со целиот свој дом“,49 а „исто така и домот на Стефанин“.50 Крштението, пак, било од особено значење во Павловата теологија и мисионерство.51

Лидија конкретно покажала колку е значајна улогата на жената христијанка во христијанска Европа и тоа како мајка, сопруга, сестра и поткрепа во сè во христијанскиот дом. Жената христијанка има свештена мисија во животот, бидејќи таа е со нежно срце и затоа е повеќе склона кон религиозните доживувања отколку мажот, како и повеќе пожртвувана и сепредадена кон службата во делото Божјо. Мајката христијанка прва го сее словото на Евангелието, верата и побожноста во душата на децата. Таа е ревносен педагог во верата, која за рака го води детето во црква на богослужба и е предан соработник во делата Божји.

б) Впечатливо е силното влијание на Лидија врз апостолите, кога таа ги убедила да бидат нејзини гости и да живеат во нејзиниот дом. Тоа сведочи за една жена со многу силен карактер и моќ за наметливост преку аргументите на вистината и правдата Божја. На тој начин нејзината куќа постанала дом за апостолите.

в) Откако апостолите престојувале во нејзиниот дом, а особено по заминувањето на свети апостол Павле од Филипи, веројатно, во домот на Лидија останал и понатаму да живее светиот апостол и евангелист Лука. Тогаш куќата на Лидија постанала првата христијанска црква во Филипи, која била прв храм во Македонија и во Европа. Со тоа Лидија овозможила добар раст и расцвет на Црквата која за апостол Павле постанала најдрага Црква, прва љубов во Европа и негова „радост и венец”.52 Апостол Павле единствено од оваа Црква примил дарови за своето мисионерско делување, бидејќи знаел дека тие биле дадени од срца полни со љубов, а Лидија била најголемиот дарител, предводник и собирач на даренијата.53 Оваа жена, првохристијанка во Европа, била почитувана личност и со голем авторитет пред нејзините сограѓани за да може да ги придобие и другите, па и тие да го прифатат христијанството и да се согласат нејзиниот дом да постане дом за молитва. Луѓето од Филипи, ако немале љубов кон неа и ако не ја сакале Лидија, како што и таа ги сакала нив, тие немало да одат во нејзината куќа на молитва кон Бога.

г) Нејзиното делување во Филипи и нејзината влијателност постанале пример за формирање и на други цркви во Македонија и Елада. Таа своето искуство од Филипи го пренела и во Тиатир, па се смета дека Лидија е основоположникот и на Црквата во Тиатир, којашто претставува една од седумте цркви во Азија, за коишто зборува свети Јован Богослов во Откровението.54

д) Влијанието на Лидија е значајно и во сиот христијански свет, бидејќи таа постанува пример за жената христијанка во Европа, па и во Азија и насекаде. Оваа силна библиска личност го шири своето влијание во форма на концентрични кругови, почнувајќи од својот дом, преку своите сограѓани и на сите други во целиот свет, оттогаш, па до денес.

Апостол Павле по излегувањето од затворот во Филипи со своите соработници повторно отишол во домот на Лидија, каде што биле собрани и други христијани. Тогаш апостолот ја поставил организираноста на Црквата во Филипи, оставајќи го Лука како раководител. Ова го заклучуваме, анализирајќи ја содржината од запишаното во Книгата дела на светите апостоли, кога апостолот Лука, по овој настан, веќе не ја употребува заменката „ние“, туку „тие“ и пишува со глагол во трето лице множина, а не како до тогаш во прво лице множина. Според тоа, откако тој останал во Филипи, ги забележал зборовите: „дојдоа во Солун“ = „¤лљон еâц Љессалон3кхн“. Шест години подоцна апостолот Лука бил повторно заедно со свети апостол Павле, кога се чекале во Троада.55

Свети апостол Павле, пак, единаесет години по заминувањето од Филипи, пред крајот од своето прво заточеништво во Рим (63/64 год.),56 на христијаните од првата Црква во Европа, им напишал послание57 и го упатил „до сите светии во Христа Исуса, што се во Филипи, со епископите и ѓаконите“.58

Проф. д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон

ЛИДИЈА И НЕЈЗИНОТО ВЛИЈАНИЕ ВРЗ ЦРКВАТА ВО ФИЛИПИ
( Р е з и м е )

Како што е опишано во библиската книга Дела на светите апостоли, во времето кога се распространувала Христовата Црква во Македонија и во Елада, кога христијанството се пренесувало од Азија во Европа, првата Црква на европскиот континент била формирана „во Филипи, кој во тој дел на Македонија е прв град, римска колонија.“

Во градот Филипи Лидија била првата личност којашто поверувала во Господа Исуса Христа и ја прифатила проповедта на свети апостол Павле. Таа била богата и набожна – “богобојазлива жена од градот Тиатир”, која живеела во Филипи. Потекнувала од малоазиската провинција Лидија, а била омажена во Филипи. А. П. Лопухин смета дека градот Тиатир бил македонска колонија во малоазиската провинција Лидија. Јеромонахот Хризостом Столиќ Хилендарац, пак, смета дека света Лидија е „родена во Тиатир – град во близината на Филипи (Македонија)“. Во православниот месецослов на светиите, света Лидија се празнува на 27 март. Таа е прва личност којашто била крстена од апостол Павле на европско тло и „затоа се прославува како прва христијанка – Европјанка“

Жените биле први приемници на Евангелието во Европа. Први слушатели на Павловата проповед во Филипи биле жените, како што запишал апостолот Лука, велејќи: „Им зборувавме на собраните жени“.Тоа значи дека Европа преку маж, во личноста на „еден човек Македонец“, упатила повик кон Христа: да дојде Спасителот и во Европа, а преку жена, со покрстувањето на Лидија и првите жени коишто ги слушале проповедниците на Евангелието, ја примила Христовата спасителна наука. Евангелието кога стигнало во Европа, не го пресретнале мажите, туку жените, бидејќи тие први се појавиле пред апостолите.

Искуството во Црквата Христова покажува дека приврзаноста на жената кон Бога и кон Христа Спасителот ја прави многу похрабра и од мажот, па затоа во периодот на страдањето на Црквата под јаремот на комунизмот, во источно-европските православни земји жените останаа поприврзани кон Црквата.

Верата, скромноста и гостопримството се трите категории добродетели на Лидија. Забележливо е и лидерството на Лидија и нејзиното влијание врз заедницата во Филипи.

Таа постанала центар за сиот христијански црковен живот во Филипи. Нејзината куќа била првиот христијански храм во Европа, каде што се собирале христијаните, по примерот на куќата од Марија, мајка му на апостолот и евангелистот Марко, во Ерусалим. На тој начин, Лидија постанала првата христијанка жена лидер во првата христијанска црква во Европа – црквата во Филипи, Македонија.

Нејзиното влијание врз заедницата се покажува низ неколку конкретни примери:

а) „Лидија е пример за успешна куќна-семејна мисија во раното христијанство“

б) Таа ги убедила да бидат нејзини гости и да живеат во нејзиниот дом.

в) Во домот на Лидија останал и понатаму да живее светиот апостол и евангелист Лука.

г) Нејзиното делување во Филипи и нејзината влијателност постанале пример за формирање и на други цркви во Македонија и Елада.

д) Влијанието на Лидија е значајно и во сиот христијански свет, бидејќи таа постанува пример за жената христијанка во Европа, па и во Азија и насекаде.


1.1 Предавање одржано на Интернационалниот библиски симпозиум: Religious Personalities and the Societu = Религиозните личности и општеството, 25-28 август 2002 година, Сегед, Унгарија.
2. Hr. Popovw, Rwkovodstvo za izxsnxvane +etirevangelieto i Kniga D‹anix apostolski, Sofix 1991, str. 485
3. Изразот “прв” (pr7th), како што се заклучува според старите монети, се давал како епитет на главните градови на провинции, но и на некои значајни градови, а таков значаен град бил и Филипи, бидејќи бил градот на Филип и Александар Македонски. “Прв град” може да биде разбрано и како прв град од Европа којшто го примил христијанството.
4. Дела 16,12; По битката кај Ацтиум, во 31 година пред Христа, Филипи постанал римска колонија. Тогаш, императорот Август Октавиј, кон името на градот додал дека е негова колонија: цолонија Augusta Julia Victrix Philipensium. „За да го засили римското влијание во Македонија, тој таму преселил многу значајни граѓани од Италија, а во Филипи поставил и римски гарнизон и на жителите им ги дал сите права на Римјани – ius italicum.“ Arhœepiskopw Averkœj, Rukovodstvo kq izu=enœ\ Svx]ennago Pisanœx Novago Zav‹ta, =astw vtorax, Apostolw, D/ordanvillq 1987, стр. 268. Спореди: Дела 16,2
5. Прочитај: Дела 15,36 – 18,22
6. Дела 8,9
7. Arhiepiskop Hersonski i Tavri=evski Innokentœj, цит дело, стр. 56
8. Arhiepiskop Hersonski i Tavri=evski Innokentœj, ?iznW svxtogo apostola Pavla, без место и година на издание, стр. 56
9. Дела 16,10
10. Hr. Popovy, цит. дело, стр. 485
11. Henag H. Halley, Synoptik6 …Enkyklopaide3a t(c Ag3ac Graf(c, Aq(nai 1964, sel. 793
12. Види: Матеј 22,37-40; Марко 12,30-31; Лука 10,27; спореди: 5. Мој. 6,5; 3. Мој. 19,18; Матеј 7,12 и Лука 6,31
13. Филип. 1,8; 2,1-2, 12-13, 15; 4,1, 15-20;
14. Филип. 4,10-20
15. Дела 16,14 и 40
16. Biblejski re=nik, Sofix 1994, стр. 296-297
17. Polnyj pravoslavnyj bogoslovskij enciklopedi=eskij slovary, tomw II, Moskva 1992 str. 1524
18. Дела 16,14
19. A. P. Lopuhin, Tolkovax Biblix ili komentarœj na vs‹ knigi Sv. pisanix Vethago i Novago zav‹ta, t. 3, Peterburgw 1911-1913, str. 123
20. Јеромонах Хризостом Столић Хилендарац, Православни светачник – месецослов светих, т. I, септембар-јун, Београд 1988, стр. 370
21. Јустин Сп. Поповић, архимандрит, Житија светих, март, Београд 1973, стр. 542
22. Исто таму
23. Порфир доаѓа од грчкиот збор: porf5ra Матеј 27, 28 и 31; Јован 19,2 и 5; Лука 16,19; на Велики Четврток, антифон 15-ти, првата стихира на глас 6-ти – којашто се пее додека се изне­сува Христовото распетие од светиот олтар во средината на храмот (Зборник црквених богослужбених песама, псалама и молитава, Београд 1971, стр. 446; porf5ra = порфирен, црвен, скерлетен (Сава Петковић, прота, Речник црквенословенскога језика, Сремски Карловци 1935, стр. 6)
24. Дела 16,14
25. Arhimandrit Nikiforw, Ill\strirovannax polnax populxrnax biblejskax , Moskva 1891, str. 433
26. Војислав Јанић, Увод у Нови завет, Београд 1924, стр. 220
27. Ben Witherington, „Lidia“, Anchor Bible dictionary, III Thomas, W. D. The place od women in the church at Philippi, ET 83, 1971-1972, 117-120
28. Дела 16,14
29.Спореди: Дела 3,16
30. Дела 16,15
31. Дела 16,13
32. Дела 16,9
33. Филип. 4,3; Откр. 21,27; 13,8
34. Josef Holzner, Pavao – njegov zivot i poslanice, Zagreb 1968, str. 200-201
35. Рим. 16,1, 3, 6, 13 и 1. Кор. 16,19
36. Дела 16,15
37. Bla/enago Feofilakta, arhiepiskopa bolgarskago, Tolkovanie na Dexnix svxtyh apostolov, Moskva 1993, str. 116
38. Дела 16,15
39. Sv. Ioanna Zlatoustago, arhiepiskopa Konstantinopolqskago, Izbranye tvorenix, Besedy na Dexnix apostolqkie, Moskva 1994, str. 313
40. 1. Мој. 18,1-15
41. Дела 16,15
42. Емилијан М. Чарнић, Дела апостолска, Крагујевац – Вршац 1984, стр. 77
43. Матеј 10,11
44. Ben Witherington, Women in the Earliest Churches, Cambrige, 1988, стр. 12-13
45. Ben Witherington, „Lidia“, Anchor Bible dictionary, III
46. Celestin Tomic, Savao Pavao, vrijeme, zivot i djelo apostola Pavla, Zagreb 1982, стр. 245
47.D. J. Harrington, B. V. Viviano, R. J. Karris, R. J. Dillon, Ph. Perkins, Коментар Еванћелја и Дјела апостолских , Sarajevo 1997, стр. 478
48. Дела 11,14
49. Дела18,8
50. 1.Кор.1,16; 16,15
51. Joachim Gnilka, Teologija Novoga zavjeta, Zagreb 1999, стр.92-99
52. Филип. 4,1
53. Celestin Tomic, цит. дело, стр. 245
54. Откр. 2. глава
55. Види: Дела 20,6
56. Филип. 1,25-26; 2,24; 4,22; 1,13; 1,1; 2. Тим. 4,9-10;
57. Посланието до Филипјаните има многу интимен карактер, со израз на кротки и нежни чувства меѓу апостолот и Филипјаните, без строгост и изобличување. Тоа диши со љубов кон нив и полно е со лични спомени. Взаемната љубов била делотворна и трајна: Филипјаните, како вистински духовни чеда, му давале на апостолот материјална (тие го помогнале апостолот и тоа: двапати, додека бил во Солун – Филип. 4,16; еднаш, во Коринт – 2. Кор. 1,8-9 и еднаш, во Рим. – Филип. 4,18) и морална поддршка, а тој им возвраќал со духовни дарови, грижа и совети во посланието. Затоа, им напишал: „Бог ми е сведок колку многу ве сакам сите вас со љубовта на Исуса Христа. И така, браќа мои возљубени и многу пожелани, радост моја и венец, стојте тврдо во Господа, возљубени!“ Филип. 1,8 и 4,1.
58. Филип. 1,1