Мир

Протоѓакон проф. д-р Ратомир Грозданоски

МИРОТ ОД БИБЛИСКО-БОГОСЛОВСКИ АСПЕКТ1

„Сè има свое време, и секоја работа под небото има свое време: време кога ќе се родиш, и време кога ќе умреш;  …време кога се плаче, и време кога се смее; …време кога се добива, и време кога се губи… време кога се урива, и време кога се гради; … време кога се сака, и време кога се мрази; време за војна, и време за мир“ (Книга Проповедник 3,1-8).

Какво е нашево време?

Времево во кое живееме, и воопшто, целото време во историјата на човеш­твото по Христовото доаѓање на зејава, ние-христијаните, го разбираме како време што ни е дадено од Господа за објавување на мирот и постојана грижа за приопш­ту­вање кон Христа и кон Неговата божествена љубов. Според тоа, секој треба да го чува и да го гради мирот. И покрај тоа, еве, ние денес, нашево време го живееме во атмосфера на притисоци, вооружени напади, трауми, опасности и зло­дела.

Божјата, пак, замисла за светот и за луѓето не е таква!

Човекот – тоа чедо Божјо, создадено со Божји образ во себеси и со бого­по­добни основи во душата, се оддалечил од својот Создател. Го загубил Бога од својата душа, а со тоа си ја загу­бил и душата. Заборавил на неа и започнал да живее само за телото и страстите, без да ја посакува правдата и вечноста. На тој начин изгубена е смислата на животот! Царст­вото на неправдите и злото расте и се намножува! Пресу­шува љубовта! Мирот исчезнува! Човек на човекот му станува непријател. Живо­тот постанува студен камен на којшто е испишано: „скрб, жалост, страданија, маки и ридание“, а по падините и „среде полето… полно со коски“ (Језек. 37,1).

Човештвото и покрај сиот свој  културен развој и напредок, духовно забрев­тало. Потребна е животворна сила за будење на совеста во која затемнел Божјиот закон на љубовта.

За да можеме поимот „мир“ да го разбереме во неговата суштина и целосно да ја сфатиме неговата реалност, неопходно е да ја откриеме неговата смисла низ библис­ко-духовната димензија. Таквото негово восприемање можеме да го усвоиме само на почвата од Светото писмо и тоа од првата Книга – Битие, до последната – Откровение.

Библиското разбирање на мирот не е само постигнат договор (потпишан или не, сеедно!), туку многу повеќе од тоа. Договорот може да содржи ветувања и заложби за мирно и спокојно живеење, но тој не претставува гаранција за негово оства­рување. Мирот не значи само „мирно време“ или „време без војна“, како спро­тив­ност од „време на војна“ (Проп. 3,8). Од библиско-богословски аспект, мирот зна­­чи „добро“ и тоа во смисла – противположност на „злото“. Тоа  е „состојба на чове­кот којшто живее во хармонија со природата, со себеси и со Бога“. Богословски гле­дано, мирот значи уште и : „живот“, „блаженство, ‘спокојство’, ‘тихование’ (isihia) ‘благословение’, ‘слава’, ‘радост’, ‘богатство’ и ‘спасение’“. Мирот е симбол на „доброто“, а војната – на „злото“ (Изрек. 12,20; Псал. 27,3; Иса. 48,22; Псал. 36,37; 36,11; Матеј 5,5).

Мирот- остварено царството Божјо.

Мирот е духовна категорија и духовно благо. Тој обезбедува благочестив живот на земјава изминат во правда, спо­којство, работа, безопасно живеење, по­томство, мирен сон и радост (спореди: 3. Мој. 26,1-12). Затоа, ќе речеме дека мирот е остварено царство Божјо на земјава. „А царството Божјо е во вас, внатре“ (Лука 17,21), рекол Господ Исус Христос. „Оти царството Божјо… е правда и мир и радост во Светиот Дух“ (Рим. 14,17). Значи, мирот е претвкусување на вечниот живот, уште овде, на земјава. Мирот е од Бога и води кон Бога! Најнапред треба да „имаме мир со Бога“ (Рим. 5,1), бидејќи Бог е „Бог на љубовта и на мирот“ (2. Кор. 13,11).

Гревот – извор на немирот.

А од каде е немирот? – Од гревот! Гревопаѓањето ја нарушува хармонијата на односите меѓу човекот и Бога, и хармонијата меѓу човекот и целата природа – над­ворешна и внатрешна.

Гревот, како нарушител на мирот, создава непријателство на човекот кон сè, воопшто, а особено кон себеподобните – кон луѓето. Оттаму, историјата на човешт­вото е историја на непрестајни војни. Луѓето пос­тојано го очекувале мирот, но не се навраќале на основната причина за немирот – на  искоренувањето на гревот.

Колку повеќе правиме добри дела, толку поблиску сме до мирот, и обратно, – колку повеќе грешиме и злотвориме, толку сме подалеку и се оддалечуваме од ми­рот. Тоа многу јасно е претставено  во Светата Библија, каде што се гледа дека бого­­из­браниот народ, кога правел добро и се доближувал до Бога, сè му врвело како што треба и живеел во мир, радост, спокојство, благопријатност и веселост; а кога грешел и отста­пувал од Бога, тогаш се оддалечувал од доброто и го снаоѓале немири, злодела, страданија, војни и сè што е лошо. Штом пак ќе се врател кон Бога и кон доброто – повторно настапувал мирот. Сè така наизменично, паѓал и ста­нувал  народот – од дамнина, до денес.

Помирување – покајание.

А, кога ќе се наруши мирот, злото не треба да се продлабочува, туку што е можно побрзо да се надмине. Прв чекор кон тоа е помиру­ва­њето, кое е претходник на трајниот мир.

Но, кој  може да биде помирител – Бог или чове­кот?

Тоа треба да биде процес на заедничко содејствие на Бога и на човекот!

Човекот сам не може да се измири со Бога и со луѓето, поради неговата скло­ност кон гревот. Затоа, Бог со Својата голема љубов, „човекољубие и милосрдие“ (Псал. 102,8-11; 2. Мој. 34,6) преку Христа Спасителот, го врати човекот (Псал. 84,4) и го измири со Бога, со себеси и со другите созданија. (Рим. 5,10; 2. Кор. 5, 18-19; Кол. 1,22; 1. Тим. 2,5; Фил. 2,6-7; Кол.1,20; 2. Кор. 5,18; Рим. 5,10). А без Господа, ниту самите не можеме да се сакаме! Значи, љубовта е основа на помирувањето, бидејќи „Бог е љубов“ (1. Јов. 4, 16).

Што претставува помирувањето? – Тоа означува покајание! Процесот за вра­ќање на мирот е процес на покајание, остварено во деј­ст­ви­телна љубов. Тогаш, чо­ве­кот се одвраќа од злото и се приврзува кон доброто – кон Бога. Тоа преу­му­вање – metanoia, претставува свртување кон вистинската насока и коренито, суш­тин­ско изме­нување на човекот: изменување на неговите мисли, чувства, постапки и поведе­ние. Помирувањето е целосно обновување, новосоздавање и издигнување (2. Кор. 5,17. Без да имаме мир – без да се измириме, не смееме ниту да Му принесуваме дар на Бога, ниту да го примаме дарот од Бога – да се причестуваме (Матеј 5,23-26; 1. Кор. 11,27-29).

Мирот започнува прво во нас, а  потоа, се шири и надвор – кон сите.

Така обновениот човек, го спознава Божјиот образ во себеси, а  го гледа и кај другите. Тогаш, таквиот човек човештвото го разбира во духот на Божјата правда и знае дека станувањето против злото на војната е миротворство и дека тоа е вистинската победа!

Да бидеме Божји соработници во миротворството.

Христијанинот е повикан кон миротворство. Со тоа, секој од нас постанува Божји сора­ботник. Миро­творството е богосиновство, оти преку него постануваме синови Божји, според Христовите зборови: „Бла­жени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји“ (Матеј 5,9).

На тој начин &  се служи на вистината до самопожрт­ву­ваност и се остварува мирот и соработката со сите луѓе кои се со добра волја. Така се исполнува и небес­ната порака што ја испратиле ангелите при Христовото раѓа­ње, пеејќи: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја!“ (Лука 2,14).

И не само христијаните, туку и сите луѓе со добра волја и сите народи, треба да погледаат во лицето на опасностите од војната и да се оттргнат од неа, гледајќи еден во друг човек и Божјо создание, „според образот Божји“ (1. Мој. 1,27).

Миротворството важна задача во мисијата на Црквата.

Црквата знае дека не е лесно утврдувањето на мирот како висока смисла на човечкото општожитие, бидејќи секогаш се наоѓаат такви, кои се стремат да го нарушат мирот.

Свети Василиј Велики ги поучува христијаните, велејќи им: „Потребно е и другите да ги убедувате кон мирот во Христа…“2 „Христос не само што ги осудува взаемните несогласувања, омразата и непријателството меѓу луѓето, туку бара и уште повеќе – Он бара, ние да ги отклонуваме несогласијата и да ги помируваме луѓе­то“, вели свети Јован Златоуст.3

И Бог во Светото писмо, и Црквата и светите отци, ни заповедаат да не ја нарушуваме слободата на луѓето и да се ослободиме од игото на војната.

Молитвата е добро орудие за мирот. На богослуженијата секојдневно се повторува молењето „за благосостојба“, „за соединување“, „за ангел на мирот“, „за мир во целиот свет“. Со тоа се внесува сеопштата мисла и желба кај  верниците, да ја видат нашава земја во состојба на мирно живеење. Кај нив тоа ефектуира  добронамерност и готовност за миротворство, според заповедта на свети апостол Павле, кој вели: „И нозете да ви бидат обуени во приправност за да благовестите мир ( Ефес. 6,15; 6,17; 2,17). Над сè, најважното орудие за мирот е љубовта Божја (Матеј 22,37-39). Таа го грее срцето и го активира човекот кон миротворство и кон делата на мирот.“

Плодовите на мирот.

Да веруваме во Божјата помош и да се надеваме на подобро утре, со оптими­зам за мирна иднина. Тој оптимизам не го изменува чувството на реалноста, туку го јакне духот. Затоа, да го слушаме гласот Божји и да ре­че­ме: „Ќе чујам што ќе ми рече Господ Бог, зашто Он ќе зборува за мир на Својот на­род… и на оние што со срцето свое Му се обраќаат Нему;

Да, спасението од Него е блиску до оние, кои се бојат од Него, за да ја насели славата Своја во нашата земја.

Милоста и вистината ќе се сретнат, правдата и мирот ќе се целиваат. Висти­ната ќе изникне од земјата, а правдата ќе се појави од небото; зашто Господ ќе даде добро, и нашата земја ќе го даде својот плод“ (Псал. 84,8-12).

Ние, во ова треба да го видиме исполнувањето на Божјата промисла.

Нека се исполни и на нашава земја она што го рекол Бог преку пророкот Осија, велејќи: „Лак, и меч, и војна, ќе истребам од таа земја, и ќе дозволам да жи­веат во безопасност. И земјата ќе го чуе житото и виното и елејот“ (Оси. 2,18 и 22).

Мир, согласие, справедливост и сотрудништво ќе се зацари во нашава мно­гу­страдална, но прекрасна Татковина. Мирот, пак, треба да се роди од взаемната доверба меѓу луѓето, а не од стравот на оружјето. Благоразумието треба да го победи безумието!

Свети Григориј Богослов вели: „О љубезни миру – добро, од сите вас­фа­лу­вано, а од малкумина запазувано, каде си се сокривал од нас токлу време и кога ќе ни се вратиш? Многу сулно и повеќе од сè друго те љубам и те посакувам тебе-гриж­ливо те чувам кога си со нас и со многу сози и риданија те повикувам кога нè  напуш­таш“.4

Господ Исус Христос, пред заминување, мирот ни го оставил како прош­та­лен залог, велејќи: „Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам“(Јован 14,27).

Христовиот пример го следел и свети Климент Охридски. Тој во своите сло­ва и поуки постојано зборувал за мирот. На богослуженијата пријатен бил неговиот благослов: „Мир на сите“. Упатувал молитви и пораки за мир, најнапред душевен, а од него произлегува и мирното живеење на земјава. Токму затоа свети Климент, по примерот на Господа Исуса Христа, како свет архиереј, на иконите и на фреските е претставен со подигната рака со благослов за мир – „мир на сите“. Со едната рака благословува и го дава Божјиот мир, а во другата го држи Светото писмо, што озна­чува дека неговиот испорачан мир е според библиското разбирање и според Бож­јите зборови (2.Сол.3,16; Иса.54,10; 57,19).

Библиски пораки.

За крај, библиската порака е следнава: „Никому не враќајте зло за зло… Ако е мож­но, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе. Не одмаз­ду­вајте се, воз­љу­бени,… туку дајте му место на Божјиот гнев. Оти е напишано: ‘Јас ќе отплатувам – вели Господ’. И така,… отстранувајте се од злото, прилепувајте се кон доброто. Грижете се да имате мир со сите“ (Рим. 12,17-20 и 9; Евр. 12,14; 3. Мој 19,18; 5. Мој. 32,35; 1. Петр. 3,11).

Ќе завршам со зборовите на свети апостол Павле кој одел низ оваа наша македонска земја и го проповедал Христовото евангелие, порачувајќи: „И така, бра­ќа, радувајте се, усовршувајте се, бидете едномислени, живејте во мир – и Бог на љубовта и на мирот ќе биде со вас“ (2. Кор. 13,11). „Сам Господ на мирот нека ви даде мир секогаш и во секое дело! Господ нека е со сите вас!“(2.Сол.3,16). Амин – Нека биде така.

1.Реферат произнесен на Духовната академија по повод одбележувањето на свети Климент Охридски. Архиепископски соборен храм, 7 декември 2001 год., Скопје.↩
2.2. Tvorenix sv. Vasilix Velikago, t. 2, SPb. 1911, str. 155↩
3.3. Tvorenix sv. Ioanna Zlatousta, t.7, SPb. 1901, str. 154↩
4.4. Tvoreniq sv. Grigoriq ogoslova, t. 1, str. 336↩