Образот на образованието во црквата
Проф. д-р Ратомир Горзданоски, протоѓакон
ОБРАЗОТ НА ОБРАЗОВАНИЕТО ВО ЦРКВАТА
Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје1 е „највисока духовно-просветна и научна институција во Македонската православна црква за високо образование, за изучување и унапредување на православните богословски, стручни и научни дисциплини.“2 Тој, во оваа наша, современа форма постои од 1977 година, но тој е втемелен и претставува живо продолжение на богословските студии коишто биле основа на Светиклиментовиот универзитет во Охрид од 886 година. Кога свети Климент Охридски дошол од Панонија и Моравија во Македонија, тој во Охрид отворил Голема книжевна школа, наречена Охридски универзитет. Основен, матичен факултет на Универзитетот бил Богословскиот факултет – теологијата. Од неа, потоа се формираат и другите сродни науки: историјата, книжевноста, литературата, филозофијата, археологијата, историјата на уметноста, фрескосликарството и иконофрафијата, архитектурата, музиката, па агрикултурата, фармацијата, медицината3 и сè друго што можело да се изучува во тоа време, на тој Светиклиментов Универзитет.4 Тој континуитет на христијанската теологија кај нас го нагласуваме, го одржуваме и живееме и дејствуваме во тој дух.
За свети Климента многу е кажувано и пишувано, па јас овојпат кратко ќе се навратам на неговиот лик и дело. Најпрво ќе го употребам реченото од неговиот житиеписец, блажениот Теофилакт Охридски, којшто го нарекол „нов Павле“5, со што мудро потсетил на апостолските и библиските корени на оваа наша Македонска православна црква и на македонскиот народ, којшто бил првохристијанизиран меѓу европските народи, лично од Христовиот врховен апостол Павле.6 Овие зборови се уште повеќе вредни, кога ќе се потсетиме дека ги изговорил блажениот Теофилакт, којшто бил Грк и кој, покрај неговите лоши искажувања за нашите луѓе, нарекувајќи ги варвари, „варварски робови, гнасни, што смрдат на кучиња, поради облекувањето во овчји кожи“7, сепак, не можел да не ја искаже восхитта и да ја воспее големината, славата и светоста на свети Климента.8 Гркот бил воодушевен од неговото дело, кое, во целина со делото на светите браќа Кирил и Методиј и со она на свети Наума, е еднакво на првоапостолските мисии. Нивната дејност претставува повторено апостолство во Македонија. Со тоа дело започнува новата ера на нашиот народ и на сите словенски народи, бидејќи одовде, од старомакедонското словенско јазично подрачје, започна новата писменост и култура во Европа, на словенските јазици.9
Еве ги нашите седум првенства:
- Овде – во Македонија, беше формирана првата апостолска црква од светиот апостол Павле во Филипи, како прва христијанска црква во Европа, уште во 50/51 година по Христа.10
- Повторно овде – во Македонија, е формирана и првата словенска црква, во времето на светите Кирил и Методиј и светите Климент и Наум (IXвек).
- Потоа, може да кажеме дека ние први сме ја имале новата словенска азбука, за чија основа е земен стaромакедонскиот словенски јазик од овие простори.
- Први сме ја добиле и Библијата на свој јазик.
- Исто така, први сме ги имале и светите богослужбени книги.
- Сето тоа помогнало нашиот народ прв да се евангелизира и да се охристови.
- А, освен тоа, свети Климент Охридски, основајќи го Охридскиот универзитет (886), поставил првенство и во тоа, бидејќи тој е првиот европски универзитет, 233 години пред универзитетот во Болоња ( 1119 ) и 336 пред оној во Падова ( 1222), коишто се сметаат за први универзитети во Европа.
Свети Климент Охридски, ги поучувал луѓето во верата, и го христијанизирал народот. Тоа значи дека ги почитувал неговите народни специфичности и покажал правилно разбирање на Христовата евангелска заповед: „Одете и научете ги сите народи…“11, а народот е една целина со свои посебности и карактеристики. Знаел богомудриот учител и просветител дека на тој начин може подобро Бог да им се доближи на луѓето. Тој апостолски постапувал кога овде ја развивал помесната Црква. Тоа го правел онака како што правеле и апостолите, кога насекаде формирале одделни помесни цркви.
Светиклиментовата слава продолжува преку светоста во небесната Црква, а и преку трајната почит и следење на неговото дело во земната Црква во Македонија. Најдобар показ и доказ за ова е и боговдахновената одлука на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква за отворање на овој Богословски факултет, во 1977 година.12 Со тоа Црквата создаде највисока духовно-просветна и научна институција за високо образование. Денес, кога се потсетуваме на тоа, треба да кажеме дека е одлика и потреба една помесна автокефална црква да има свој факултет.13
Македонската православна црква, со возобновувањето на автокефалното достоинство на Охридската архиепископија во 1967 година, по 200 години од нејзиното укинување во 1767 година, ја отвори Македонската православна богословија – средното петгодишно богословско училиште.14 Богословијата одлично ја остварувала својата задача во подготвувањето на свештеничкиот кадар за Црквата, но имало и потреба од високообразовани личности, за просветните дејности и за високиот клир. Тие требало да се здобиваат со образование на други факултети и во туѓи цркви и центри. Таа неопходност од високообразование во Црквата вроди со плод и беше отворен овој Факултет.
Прв декан на Факултетот е тогашниот митрополит Повардарски Гаврил (Ѓорѓи Милошев), а подоцнежен трет поглавар на Македонската православна црква. Овој ревносен застапувач за отворање на Факултетот дури беше поставил услов дека ќе прифати да биде митрополит, само доколку Синодот отвори богословски факултет. Тој богоумудрено гледал на потребите на Црквата и нејзината иднина! Се разбира, дедо Гаврил сам и не би можел да направи ништо15, доколку не била Божјата мудрост раководителка и кај првиот Поглавар на Македонската православна црква, Архиепископот Доситеј и кај другите тогашни членови на Светиот архиерејски синод, кои ја донеле одлуката за отворање на Факултетот, за што ние им искажуваме срдечна благодарност, и сега и секогаш. Благодарноста ја заслужуваат и професорите од Матичната комисија за отворање на Факултетот: академици од Македонската академија на науките и уметностите и професори од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.16 Им благодариме и на другите општествени фактори од тоа време.
Во приседба се навраќам и на првите наши професори на овој Факултет, па допуштете ми да искажам збор-два за оние коишто не се веќе меѓу нас живите, а Го прославуваат Бога во небесната Црква.
Првите професори на Факултетов беа најистакнатите црковно-просветни дејци и професори од Богословијата. Тие сите имаа завршено шестгодишна богословија со учителска школа, па богословски факултет и уште по еден друг факултет од општествените или филолошките науки. Беа мудри синови на овој народ и добри чеда на мајката Црква, кои сеоддајно им служеа на Бога, на Црквата и на Татковината. Нивното богољубие, црквољубие и родољубие беа неразделиви. Такви беа професорите од првиот состав на Наставно-научниот совет, при овој Факултет: протојерејот-ставрофор Методи Гогов, подоцнежен поглавар на Македонската православна црква; протојерејот-ставрофор Трајан Митревски и професорот Борис Бошковски, поранешни ректори во Богословијата, како и професорите Стојан Христов и Јован Таковски, а потоа и професорот Тодор Ефремов.
Искрено велам дека беше привилегија тоа што ја имавме можноста, првите генерации студенти на овој Факултет, да ги слушаме богомудрите првоучители на оваа високообразовна институција.
На пример: Незаборавна е слаткоречивоста и богатството на знаења што можеше да се слушне и да се научи од протојерејот-ставрофор Методи Гогов, првиот продекан, а подоцнежен декан и поглавар на Црквата. Неговото говорничко златоустие беше пример не само за студентите, туку и за многумина кои имале чест да го слушаат, да се насладуваат и да се поучат.
Професорот, пак, протојереј-ставрофор Трајан Митревски, беше жива енциклопедија на теологијата. Библист, каков што ретко има и кого би го посакал за свој професор секој теолошки факултет во светов. Тој пленуваше со неговата прецизност и точност во знаењето. Имаше зачудувачка моќ на силна меморија. Ги помнеше не само библиските текстови, туку и богословската литература, општо. Него, ако го прашавте нешто за некоја тема или област во теологијата, секогаш подготвено, – веднаш, исцрпно ќе ви кажеше сè, и тоа многу концизно, така што ќе ви го дадеше целиот концепт за темата. И не само тоа, туку ќе почнеше да ви цитира кој сè пишувал за таа тема, во која книга е тоа напишано, каде е издадена и кога е издадена книгата, па дури и на која страница е запишано бараното. Навистина имаше зачудувачко помнење и знаење, а негова карактеристика беше и големата смиреност и кротост. Се одликуваше и со изразита ревност кон библистиката, кон Црквата, кон народот и кон Татковината.
А професорот Борис Бошковски беше врв на педагошката и едукативната дејност на еден професор. Од него согледавме и научивме колку е убав македонскиот јазик и колку е богата неговата изразна форма. Сфативме дека на овој наш богоблагословен јазик можат да се искажат сите вредности: и од литературата, и од филозофијата, и од патристиката, и од библистиката, а може да се изречат и боговдахновените тајни на Божјото Свето откровение. Неговите предавања секогаш ни беа малку, затоа што сакавме да го слушаме уште. Тој ќе ја напишеше темата на табла, и без никаков потсетник, ќе почнеше тивко и јасно да говори, многу разбирливо и запамтливо за сите. Речениците како крилатици летаа и слетуваа во нашите глави како врз отворени цветови, та чиниш се случува светоотечка поука и душеполезно слово, а не секојдневно предавање на Факултетот. Тој етиката не ја предаваше само со збор и со изречено слово, туку и со својот личен пример на етичко живеење.
За да не го оптоварувам текстов и со потсетувања на другите тогашни професори, чинам дека се доволни примерите со тројцата спомнати. Преку посочениве примери на тројцата професори, гледаме врз какви основи е втемелен овој наш Факултет: на интелектуални, научни, едукативни, воспитни и духовни вредности. А светиот апостол Павле, во Библијата запишал и ни порачува, велејќи: „Помнете ги и вашите наставници, што ви го проповедаа словото Божјо, и, имајќи го пред очи крајот на нивниот живот, подражавајте ја верата нивна“17
Денес, пак, сè помалку ги има таквите професори. Ја нема веќе таа одданост, смиреност, пожртвуваност и беспрекорна меморија. Ние сите навикнуваме на новото време, кога компјутерот треба да ги помни работите, а не ние. А, ми се чини дека нам ни недостасува и нивната сеоддаденост на дејноста, затоа што се зафаќаме со многу нешта и со повеќе активности. Но, мудро ползувајќи се со техниката и со нејзината брзина, постигнуваме значителни резултати.
Денес, на Православниот богословски факултет, целосно е втората генерација универзитетски професори, кои своето образование и научно оформување го остварија на различни центри и универзитети во земјава и во странство: во Скопје, Белград, Атина, Рим, Париз, Бари и др. Овде студиозно и темелно се изучува и унапредува православната богословска мисла, низ повеќето научни дисциплини. На нашиов Факултет се изучуваат оние науки коишто не се предмет за изучување на ниту еден друг факултет во земјава и затоа ќе речеме дека тој си ја исполнува својата цел, не само во Црквата, туку и во општеството.
Овде, секогаш јасно се нагласува за големината Божја и на Божјото слово, но и за големината и значењето на човекот и неговото слово, дело и живот, постојано имајќи на ум дека во нас ги имаме и двете димензии: материјалната и духовната. Овде, низ теолошката мисла, се разоткриваат тајните на Бога и тајните на човекот, како најголеми мистерии. Тоа најдобро го искажал Достоевски, кога рекол: „Доколку некој и целиот живот го посвети на оваа загатка, тогаш да не вели дека денгубел, бидејќи и јас се справувам со оваа мистерија“.
Теологијата постојано потсетува на душата и на телото, и на нивното заемно дејствување во личноста, за да можеме правилно да ја разбереме комплексноста на човечкото суштество. Човекот има потреба и од природните и општествените науки, но и од теологијата. Првите ја обработуваат материјалната димензија, а теологијата – духовната. Така било од памтивек, така е и сега. Впрочем, сите науки се развивале заедно и тие си помагаат едни на други. Затоа, вистинските научници не си противречат, туку се надополнуваат. Тие на различни начини, и од различни аспекти го проучуваат и разбираат истиот феномен на духовноста и материјалноста. А сите имаат свое поле на дејствување. Кога, пак, даваат различни одговори, тоа значи дека поставиле различни прашања за светот, за човекот и за животот. На пример, светот, како предмет на проучување, може да биде разгледуван од аспект на филозофијата и таа ќе одговори на прашањето: каков е светот; природните науки, пак, ќе го проучуваат и ќе одговорат на прашањето: како дејствува светот; а тема на теологијата е целта и смислата на светот и животот. Ете ја нивната взаемност и потребност едни од други.
Некои луѓе, особено во изминатиот полувековен период кај нас, мислеа дека науката и религијата се исклучуваат, па некој, ако е научник – не може да биде верник и да верува во Бога; а ако е верник – не може да прифаќа научни докази и да биде научник. Се отфрлаше духовниот елемент и постоењето на душата, а се изучуваше психологијата, која буквално, во своето етимолошко значење претставува наука за душата. Чудно и противречно, нели? Но, за среќа тоа е веќе минато.
Денес сè повеќе се прифаќа вистината дека постои духовната и материјалната страна и дека е потребно хармонично растење и развивање и на физичкото и на духовното. Како што за телесниот развој ни се потребни воздухот, светлината, топлината, храната, облеката, спиењето, движењето и т.н.; и, ако нешто од тоа недостасува, тогаш телото веднаш реагира и се бунтува; така, и за нашиот духовен раст и созревање, потребни се духовните вредности: љубов, вера, надеж, милост и тн.
Денес е сè поистакната согледбата дека најистакнатите филозофски и научни откритија се во склад и со христијанството и се поткрепени од теолошката мисла. А впрочем, и првите научници, и кај нас и во светот, биле свештениците. Да не забораваме дека биле свештенослужители: и светите Кирил и Методиј, и свети Климент и Наум, и Јоаким Крчовски, и Кирил Пејчиновиќ, и Теодосие Синаитски, и Партениј и Калистрат Зографски и др. Тие биле првите книжевници, творци, поети, композитори, лекари, пророци, физичари, астрономи итн. Сите биле луѓе од верата и сето тоа се родило во црквите и во манастирите.
Исто така и најистакнатите научници во светот верувале во Бога, како што се, на пример: Паскал, Кеплер, Њутн, Дарвин, Ајнштајн, Ломоносов и др. Кај нив никогаш немало противставеност меѓу нивните научнички и верски погледи. Еве, на пример, човечкиот мозок и ум можат да бидат проучувани од многу научници: и од физичари, и од хемичари, и биохемичари, анатоми, медицинари, психолози итн., но и од теолози. На тој начин се создаваат мислења од различни аспекти и разни научни согледби, па се појавуваат хипотези и теории кои се надополнуваат. Притоа, и научниците и теолозите, користат модели и аналогии. На пример, се вели дека атомот е како минијатурен сончев систем. Тоа е научен исказ за атомот, но употребена е аналогија, бидејќи атомот, буквално, не е сончев систем. Ваквите модели во науката се ползуваат за да се искаже она што не може да го видиме. Значи, и научните резултати зависат од споредбености, невидености и непотврдени претпоставки. Дури и најпотврдената наука не е никогаш сигурна во нејзиното научно сознание, туку тоа е секогаш претпоставено, затоа што никој не е способен да објасни сè – и затоа што тоа сознание е точно сè додека не се појави поинакво. Ете, затоа велиме дека науката и религијата одат рака под рака.
А, најновата научна мисла, како да е веќе заситена со досегашните истражувања само во материјалното и видливото, па најголемите научни сили сега се насочени во истражување на невидливиот свет – на светот на умот и на субатомските честички. Научниците, при најновите истражувања, се зачудиле од сознанието дека во светот има многу повеќе отколку она што може да се види. Значи, не се незначајни нематеријалните и духовните сфери, туку тие постануваат предизвик за иднината, а теологијата и религијата остануваат постојано да им помагаат на луѓето во тоа: како правилно да ја разберат внатрешната суштина на животот, да го сфатат значењето и вредноста на сè, па, преку богоуподобувањето, да го постигнат спасението. Нам ни остануваат за студирање прашањата за Бога, за овој свет, за доброто и злото, за радоста и животот, за страдањата и смртта, за животот после животот и за целиот домострој на спасението. Токму тоа се изучува на овој Православен богословски факултет, па затоа јас ќе го наречам наша „лабораторија за религиозните истражувања и проучувања на верата“. Овде се во заедничка дружба и науката и религијата, и научната и теолошката мисла, и си помагаат како потребни едни на други. Не треба да се избира помеѓу нив, туку треба да се прифатат и двете како потреба на човекот. Најмудро е тие заедно да бидат употребени, одговорно и целесообразно за доброто на сите. Во таа смисла Алберт Ајнштајн рекол: „Религијата без наука е слепа, а науката без религија е саката“.
Оттаму и заклучокот дека Православниот богословски факултет има значајна улога не само во Црквата, туку и во државата и ја искажувам својата искрена надеж дека наскоро овој Факултет ќе биде акредитиран како државен.18Процедурата е во тек и сметам дека таа ќе заврши во текот на оваа академска година, а следната ќе ја започнеме како акредитиран факултет и причленети во заедницата на унивезитетското семејство при првиот Универзитет во Р Македонија „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.19
Почитувани, ова не е само наша желба, а уште помалку само наша потреба, туку од нас има потреба ова општество, оваа наша Татковина и нашиот македонски народ. Гледаме дека светот, а и ние со него, се соочуваме со длабока криза, со нереди, насилства, нефункционалност, криминал, наркоманија и разни современи зла. Општеството се уништува. Се распаѓа семејството, оти има с# повеќе разводи, а и безбрачници. Се шири неморалот кај младите и се зголемува бројот на неомажените мајки. Од тоа: Каде оди и кон што се насочува нашата младина, зависи каква ќе биде и нашата иднина. Што треба да знаат нашите млади луѓе за да не ни се случува злото? Тоа е прашањето и предизвикот на нашево време. – Треба да ја знаат својата вера и нејзиното учење. Да не забораваме кои сме, што сме, од каде сме, од кого сме и за каде сме?! Да не ги забораваме нашите вертикали и хоризонтали, во склад со двете најголеми евангелски заповеди за љубовта кон Бога и љубовта кон ближните20.
Еве ги постигнувањата како сведоштва за нашата оправданост за постоењето и дејствувањето на Факултетот. Овде се развива значајна црковно-просветна, духовна, едукативно-воспитна и научна дејност. На Православниот богословски факултет до сега има запишано 1229 студенти. Од нив, во изминативе 30 години дипломирале 248. Од вкупно запишаните, скоро половината се со завршена богословија, односно точно 508 богослови. Од дипломираните, пак, 94 се богослови. На нашиов Факултет студираат и студентки и вкупно се запишале 259 студентки, а дипломирале 46, што претставува 1/5 од дипломираните или секој петти дипломиран теолог е од женскиот пол. Овој процент има тенденција на покачување со воведувањето на веронауката во државниот образовен систем, што ќе започне од наредната учебна година (2008/09). Убеден сум дека вероучителките ќе бидат подобри професори по веронаука од вероучителите. Колку за споредба, хроничарот забележал дека при одбележувањето на 15-годишнината од Факултетов, имало дипломирани само две студентки, а сега 46 – што е 23 пати повеќе или сè вкупно дотогаш дипломирале 39 студенти, а сега 248 – што е 6 пати повеќе.21 Слава на Бога и радост наша! Денес, пак, дипломи ќе добијат 59, од кои 14 се од женскиот пол ( 1/4 ).
А, еве, и еден многу значаен дел од зборот на статистиката. Со несокриена радост можам да соопштам дека, од вкупно десетмината активни архиереи на Македонската православна црква, дури седуммина се со дипломи од овој Факултет22. Замислете, ако тие требаше да ги чекаат своите дипломи од факултетите на Српската, Бугарската, Грчката или некоја друга црква и држава!?…
Останатите, пак, тројца архиереи, заедно со поглаварот, кратковремено биле дел од овој Факултет како предавачи: митрополитот Петар – две години23, предавач по староеврејски јазик; митрополитот Тимотеј – една година24, предавач по литургика со црковна уметност и сегашниот поглавар Стефан25, пред да биде хиротонисан за архиереј, бил – три години, предавач по Свето писмо на Стариот завет и патрологија.
Двајца од петтемината поглавари на Македонската православна црква беа декани на Факултетот: архиепископот Гаврил26 и архиепископот Михаил27. Нашите, пак, архимандрити, игумени и игумении по манастирите, како и цели манастирски братства, и сестринства или целокупни свештенички братства во повеќето цркви во Македонија, се наши дипломирани теолози или наши студенти – во тек на студирање.
Од дипломираните на овој Факултет, денес има над дваесет магистри или со завршени мастер студии по богословски и други науки. А, од овде завршените студенти има и петмина доктори на науки28. На Факултетов, пак, има одбрането и две докторски дисертации29.
Со дипломи од овој Факултет, наши студенти студираат на богословските центри во светот: во Москва, Петровград, Париз, Њу Јорк, Торонто, Рим, Бари, Даблин, Загреб, Букурешт, Софија, Велико Трново и др.
Можеме да се пофалиме со фактот дека, буквално, сите професори во Богословијата, во Драчево – Скопје, се дипломирани теолози со дипломи од овој Факултет.
Одбележувајќи го јубилејот остваривме три нови постигнувања и значајни белези на ова време:
- Годинава, кога ја прославуваме 30-годишнината, кога Факултетот е во својата библиска зрелост (онака – како што Господ Исус Христос, на 30 години, беше крстен и ја започна Својата спасителна и евангелска мисија, и како што библиски се смета за зрела возраст наполнувањето на 30 години, за да може некој да биде учител – magister) ние отворивме последипломски магистерски студии. Ова е големо и многу значајно постигнување. Тоа сведочи за подготвеноста и изграденоста на Факултетот, како и за неговата способност да ги согледа и да одговори на потребите на Црквата, во нејзиното ововремено дејствување.
За ова ја искажуваме и нашата благодарност кон Светиот архиерејски синод, за нивната поддршка и одобрение, преку донесената Одлука од Синодот за подготовка и отворање на последипломски студии30, како одговор на Барањето од Наставно-научниот совет, за отворање на студиите31.
- Во оваа јубилејна година, започнавме и со изучување на македонското источно црковно пеење – тоа наше изобилно, слаткопевно богатство, воздигнато до небесните, свети, ангелски пеења, од гласовити Македонци, каков што бил нашиот свети Јован Кукузел и многу други.
- Факултетот деновиве ја отвора и својата интернет страница – најдобриот и најбогатиот начин на комуницирање со светот.
Нашите постигнувања, направени годинава, како што се: изработката на интернет страницата, збогатувањето на библиотечниот фонд, подобрувањето на условите на Факултетот – комплетното молерисување, стружење и лакирање на целиот паркет, новите теписи, електрониката и др., се направени, исклучиво, со даренија од добрите и милосрдни наши пријатели, кои од срце даруваа на Факултетот. Бог нека им дава и наддава во изобилие. Срдечно им благодариме.
За сите досегашни постигнувања на Факултетот Му благодариме, најнапред, на Бога, а потоа: на свети Климента, охридскиот чудотворец; па на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква; на поранешните декани и професори; на општествените фактори и на сите вас, драги наши пријатели и поддржувачи на нашето дело; како и на сите богољубиви, црквољубиви и родољубиви браќа и сестри во Господа.
Нека ни се честити јубилеите: 40-години автокефалност на Македонската православна црквата, 40-години од постоењето на Македонската православна богословијата и 30-години на Православниот богословски факултетот.
На многаја лета!
Проф. д-р Ратомир Горзданоски, протоѓакон
д е к а н
ОБРАЗОТ НА ОБРАЗОВАНИЕТО
( Р е з и м е)
Во 2007 лето Господово одбележавме 30 години од постоењето на Православниот богословски факултет во оваа наша, современа форма (1977 – 2007), или 1121 година од богословските студии коишто биле основа на Светиклиментовиот универзитет во Охрид (886 – 2007).
Првите професори на Факултетов беа најистакнатите црковно-просветни дејци и професори од Богословијата. Беа мудри синови на овој народ и добри чеда на мајката Црква, кои сеоддајно им служеа на Бога, на Црквата и на Татковината.
Денес, на Православниот богословски факултет, целосно е втората генерација професори, кои своето образование и научно оформување го остварија на различни центри и универзитети во земјава и во странство: во Скопје, Белград, Атина, Рим, Париз, Бари и др. Овде студиозно и темелно се изучува и унапредува православната богословска мисла, низ повеќе научни дисциплини. На нашиов Факултет се изучуваат оние науки коишто не се предмет за изучување на ниту еден друг факултет во земјава и затоа ќе речеме дека тој си ја исполнува својата цел, не само во Црквата, туку и во општеството.
Овде се во заедничка дружба и науката и религијата, и научната и теолошката мисла, и тие си помагаат како потребни едни на други. Не треба да се избира помеѓу нив, туку треба да се прифатат и двете како потреба на човекот. Во таа смисла Алберт Ајнштајн рекол: „Религијата без наука е слепа, а науката без религија е саката“.
Овде се развива значајна црковно-просветна, духовна, едукативно-воспитна и научна дејност. До сега има запишано 1229 студенти. Од нив, во изминативе 30 години, дипломирале 248, а секој петти дипломиран теолог е од женскиот пол. Годинава дипломи добија 59, од кои 14 се од женскиот пол (1/4).
Од вкупно десетмината активни архиереи на Македонската православна црква, дури седуммина се со дипломи од овој Факултет. Сите профрсори во Богословијата се дипломирни на овој Факултет. Двајца од петтемината поглавари на Македонската православна црква беа декани на Факултетот (архиепископите Гаврил и Михаил). Нашите, пак, архимандрити, игумени и игумении по манастирите, како и цели манастирски братства, и сестринства или целокупни свештенички братства во повеќето цркви во Македонија, се наши дипломирани теолози или наши студенти. Од дипломираните на овој Факултет, денес има дваесетина магистри или со завршени мастер студии по богословски и други науки. А, од овде завршените студенти има и петмина доктори на науки.
Со дипломи од овој Факултет, наши студенти студираат на богословските центри во светот: во Москва, Петровград, Париз, Њу Јорк, Торонто, Рим, Бари, Даблин, Загреб, Букурешт, Солун, Софија, Велико Трново и др.
Одбележувајќи го јубилејот остваривме три нови постигнувања и значајни белези на ова време: отворивме последипломски магистерски студии, започнавме со изучување на македонското источно црковно пеење и отворивме своја интернет страница.
1. Подготвено по повод 30 години од постоењето на Православниот богословски факултет во оваа наша, современа форма (1977 – 2007), или 1121 година од богословските студии коишто биле основа на Светиклиментовиот универзитет во Охрид (886 – 2007).↩
2. Статут на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“, Скопје 2003, 3↩
3. Кај нас уште од свети Климента теологијата била темел на сè и врз таа основа се развивале сите области во науката и уметноста. Дури и медицинските и фармацефтските дисциплини најпрво започнале по црквите и манастирите, каде што првите „лекаруши“, како и првите рецепти, биле пишувани во манастирите, а првите исцеленија, лекувања и грижи за болните биле остварувани во првиот болнички центар или во центарот за геријатрија при Светиклиментовиот манастир на Плаошник и во манастирот „Свети Наум Охридски“ кај Охрид.↩
4. Ратомир Грозданоски, протоѓакон, Библијата во делата на свети Климент Охридски, Скопје 2001, 51-54↩
5. Жкл. Гл. LXVII. Александqр Милев, Житиx на св. Климент Охридски, Софиx 1961; А. Милев, Грqцките житиx на Климент Охридски, увод, текст, превод и обxснителни бележки, Софиx 1966.↩
6. Ратомир Грозданоски, протоѓакон, Свети апостол Павле и Македонија, Скопје 2007, 97-124↩
7. Славко Димевски, протојереј-стврофор, Црковна историја на македонскиот народ, Скопје 1965, 34↩
Годинава се одбележуваат и 900 години од упокоението на блажени Теофилакт Охридски (+1107).
8. Блажени Теофилакт Охридски го напишал и Опширното житието на свети Климент Охридски, а ја составил иБогослужбата на свети Климента. Тој негувал и го развивал култот кон големиот свети Климент Охридски.↩
Со восхит за свети Климента и со прекрасни епитети пишувал и архиепископот Димитриј Хоматијан.
9. Петар Хр. Илиевски, Светила незаодни – Словенските првоучители и нивните ученици (студии), Скопје 1999.↩
10. Ратомир Грозданоски, протоѓакон, Свети апостол Павле и Македонија, Скопје 2007, 183-187↩
11. Матеј 28,19↩
12. Весник, Службен лист на МПЦ, бр.1/78, Скопје 1978, 8↩
13. Факултетот беше потреба на Црквата. По десетгодишното автокефално дејствување на Македонската православна црква (1967-1977) или дваесетгодишно возобновено живеење на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква (1958-1977), се почувствува потреба за оформување на кадар со високо црковно образование во Македонија. Црквата мислеше за својата посветла иднина, бидејќи нашите богослови кои дотогаш завршуваа петгодишна богословија кај нас, требаше да се дообразуваат на факултети надвор од земјава. Секој тоа не можеше да си го допушти, бидејќи студирањето во странство беше сè поскапо. Од друга страна, пак, секое студирање надвор, во некоја туѓа средина, подложено е на наметнати туѓи влијанија врз студентите. За да се одбегнат и таквите обиди на дејствување на туѓите влијанија однадвор, од кои со векови сме имале проблеми, Факултетот беше начин сето тоа да престане и да се отпочне со формирање на високообразовани кадри кај нас. А Македонската православна црква имаше потреба од дипломирани теолози и за идните архиереи, за професорите во Богословијата, како и за свештенството во градските средини, каде што над половина од парохијаните веќе се со високо образование. Црквата мораше да обезбеди и свештеникот да биде на тоа факултетско рамниште. Не треба да се допушта тој да биде подолу од најобразованите во средината. Така било на времето, а така треба да биде и во нашево време. Сите овие потреби на Црквата го мотивираа Синодот да донесе одлука за отворање на Православниот богословски факултет во Скопје.↩
14. Одлука од САС на МПЦ, 26.09.1967 (сиг. бр. 38 – Зап. Бр. 12/67).↩
15. сп. Јован 15,5↩
16. Членови на Матичната комисија биле академиците и редовните професори од Филозофско-историскиот факултет во Скопје: академик д-р Харалампие Поленаковиќ, академик Петар Хр. Илиевски и д-р Ристо Кантарџиев.↩
17. Евр. 13,7↩
18. Во светот не постои универзитет со високо реноме на којшто нема теолошки студии. Таа потреба е взаемна меѓу универзитетите и богословските факултети. Постои значајна соработка во заеднички проекти, научни собири, последипломски и докторски студии, магистериуми и докторати и др. Тоа е највидно и најприменето со сродните науки на теологијата: историјата, книжевноста, лингвистиката, филозофијата, психологијата, уметноста во сите гранки и др.↩
19. Универзитетот на свети Климента во Охрид оставил длабоки корени и неизмерни богатства кои и денес живо ги поврзуваат современите взаемни потреби на Богословскиот факултет и Универзитетот во Скопје. Сè што се проучува на Филилошкиот факултет во Скопје како средновековна книжевност, сето е црковно богатство од средновековието, па друго и нема! Во сето тоа теологијата може да биде само од полза и да даде свој придонес. Ете го нашиот прилог во Универзитетот. Нашата досегашна перманентна соработка со Филолошкиот, Филозовскиот, Историскот и Правниот факултет, само би се продлабочила и умножила. Но, еве, два примера како се злоупотребува тоа што Православниот богословски факултет не е дел од Универзитетот. Првиот е со наше искуство во странство, а вториот, дома – во Република Македонија.
Наш дипломиран теолог, сега монах и игумен на манастир во Австралија, имаше сериозен проблем со добивањето дозвола за престој и работа во Австралија, затоа што дипломата не е од државен универзитет на државата Р Македонија или акредитиран факултет. Тоа значи дека однадвор другите ни кажуваат како треба ние да се однесуваме и што треба да направиме дома, внатре, во нашава држава, и дека треба да се цениме, почитуваме и признаваме, прво ние самите, овде, за да нè признаат и другите надвор.
Петмина наши студенти, пак, аплицирале за стипендија во Министерството за образование и наука и, според сите критериуми, ја добиле стипендијата. Но, во некои весници тоа го критикуваа и велеа: „Како може државата да дава стипендии за недржавен факултет?“ И, верувале или не, студентите ја изгубија стипендијата, само затоа што Факултетот не е дел од државниот универзитет. Ова е еден од примерите за недостоинствен третман или дискриминација на нашите студенти во оваа наша земја. А 84% од населението се изјасниле како верници. Тоа е многу висок процент. Јасно е дека нивни деца – синови и ќерки на тие верници – студираат и на Православниот богословски факултет. Нивните родители и фамилии, преку разни начини на даноци и други давачки во оваат држава, го финансираат образовниот систем во Р М. Од тие пари се и стипендиите на студентие. Тогаш, со кое право, и нивните студенти да немаат дел од тие средства? Каква е ова дискриминација? Зар не е ова остаток од атеистичкиот систем?! Ако се воведува, пак, веронауката во училиштата, тогаш, задолжително, пред да почнат нашите дипломирани теолози да бидат вероучители во државните училишта, треба овој Факултет да биде државен. Најпрво треба Факулетот да биде акредитиран од државата и да биде член на Универзитетот, па потоа да можат нашите дипломирани теолози да работат како вероучители во дршавните училишта, за да бидат и професорите по веронаука како и оние по историја, географија, математика, јазик и др.↩
20. Матеј 22,37-39↩
21. Зборник 15 години Православен богословски факултет, Скопје 1992, 18-19↩
22. Кирил, Наум, Агатангел, Методиј, Пимен, Иларион и Климент, а, исто така, со диплома од овој Факултет е и блаженоупокоениот епископ Гаврил Лесновски – Светогорец.↩
23. 1980- 82↩
24. 1981/82↩
25. 1983-86, пред да биде избран за архиереј.↩
26. 1977- 1993↩
27. 1993-1999↩
28. д-р Ацо Мустеников, протојереј-ставрофор; редовен проф. д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон; вонреден проф. Ацо Гиревски, протојереј; вонреден проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски и д-р Горан Секуловски.↩
29. протојереј – ставрофор Јован Таковски и протојереј Ацо Гиревски.↩
30. САС Одлука бр. 246, од 08.07.2005↩
31. Писмо до Синодот, евидентирано во архивата на Факултетот бр. 76, од 18.04.2005 година.↩

