Православен храм-Црква

Проф. д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон

ПРАВОСЛАВЕН ХРАМ-ЦРКВА

Правславните христијани зборот „црква“ го употребуваат со две зна­чења: 1) Црква-заедница на православни верници во целиот свет и 2) Црква-свето здание, храм Божји, дом за молитва, каде што верниците му се молат на Бога, на зедничките богослуженија. Зборот „црква“ во словен­ските јазици, доаѓа од грчкиот збор „Куриаковвн“ (а оттаму е и во германскиот јазик: Кирцхе и во англискиот: Цхурцх), што значи „дом Господов“. При тоа „к“ преминало во „ц“ (како од человек-человеци, рака-раце), а „у“ во „е“, па се образувал зборот „Церков“ и „Церква“.

Црквата е небо на земјата. Таа е средиште и основа на нашиот духовен, молитвен и богослужбен живот. Црквата е душа за животот на верниците. Во неа се извршува сè што е потребно за спасение на луѓето.

Господ Исус Христос рекол дека луѓето можат да се молат на секое место, бидејки „Бог е дух и оние, што Му се поклонуваат, треба да се поклонуваат со дух и со вистина“(Јован 4,21-24). Сепак, човекољубивиот Бог ни дал на луѓето можност да бидеме на едно место збрани за заедничка молитва, која е посилна и меѓусебно поткрепена од сите присутни. Тие места за молитва се нашите цркви и манастири. Во нив е изобилно Божјото благодатно присус­тво. На тие места се осветуваме со Божјата благодат, примајќи ги светите тајни се доближуваме до Бога и се соединуваме со Христа, преку светото крштение и светата Причест. В црква, на богослжбите, молитвено и духовно општиме со небожителите.

Црквата е нашиот брод на спасението, како што бил бродот на Ное. Црквата е нашиот брод и како современиот вселенски брод, којшто се издигнува од земјата и го надминува и напушта земното, возвишувјќи се надземно. Така и ние – православните христијани, во Црквата и во храмот, се издигнуваме и патуваме од земјата кон небото, од земното кон небесното, од материјалното кон духовното и од долното кон севишното. Секој човек, а особено христијаните трба со почит да се однесуваат кон храмот-црквата. Минеме ли крај црква, треба да погледнеме кон светиот Божји дом да се прекрстиме или барем да испратиме молитвена мисла кон него. Во Светото евангелие е запишано дека Господ Исус Христос со особена почит и љубов се однесувал кон храмот во Ерусалим и ревносно ја заштитил светоста на домот Божји, прогонувајќи ги од него трговците и менувачите на пари, бидејќи од „храмот Божји ги истера сите, што продаваа и купуваа“ (Матеј 21,12-13; Лука 19,45-46; Јован 2,14-16). Заедно со апостолите ги посетувале синагогите и во нив поучувал и лекувал болни (види: Матеј 4, 23; 12,9; 13,54; Лука 4,15; Марко 1,23; Лука 4,33; Марко 1,39; Лука 4,44; Марко 6,2; Лука 4,16-20; 13, 10; Јован 6,59; 9,22; 18,20). Исто така, во Светото писмо е запишано дека и апостолите ги почитувале синагогите како молитвени Божји домови и во нив поучувале (прочитај: Дела 6,20; 13,5; 13,42; 14,1; 17,1; 17,17; 18,4 и 26). Значи и Христос и апостолите имале почит кон храмот и однос како кон дом Божји и „дом за молитва“ (Матеј 26, 13).

Црква – градба

Храмот е посебна градба, со особена форма и светоличие. Таа е светоградба-богопосветена и осветена за заедничка молитва и богослужение. Таа градба е дом Божји и во неа живее и обитава Бог.

Црквата – храм како општонародно свето здание, посветено на Бога, се гради само со одобрение на црковните и државните власти и тоа на места благословни и осветени за таква градба, а тоа се обично централните отво­рени места во градот или селото или на возвишенијата во нивна близина. Централната местоположба означува дека црквата трба да ни бида центар на нашиот живот, бидејки сè треба да нè усмерува и води кон тој свет центар и кон Бога. Возвишенијата, пак, го симболизираат нашето духовно издигнување од земното кон небесното. И Господ Исус Христос кога се одделувал со апос­то­лите на молитва, тој се искачувал на возвишената гора Тавор, па на Маслиновата Гора, на Галилејската Гора, на Гората на блаженствата, на Елеон­ската Градина и на Сионската Гора, каде што бил изграден веле­леп­ниот Соло­мо­нов храм во Ерусалим. А, првиот дом за молитва каде што се соби­рале апостолите и Богородица, бил домот во центарот на Ерусалим – куќата на Марија, мајка му на евангелистот Марко (Дела 12,12). Црков­ното преда­ние вели дека таму Господ Исус Христос и апостолите биле и на последната Тајна вечера, па на местото каде што Спасителот ја востановил Светата евхаристија, таму започнала и првата Литургија – заедничката новозаватна молитва.

Првите христијански хрмови биле изградувани на гробовите од мачениците и светиите. Потоа, катакомбите (подземните сокриени гробници и храмови) биле места за заедничка молитва и Литургија, сè до 4-от век, кога христијанството постанало слободна религија, со Миланскиот едикт на цар Костантин Велики (315 г.). Потоа христијаните започнале да градат цркви на јавни и видни места. Оттогаш, до денес, се граделе и се градат велелепни свети градби со величенствена убавина, големина и украсеност.

Сите цркви-храмови Му се посветени на Бога и сите тие, општо, се Божји домови, но секој храм, посебно, му се посветува, конкретно на некој празник или на некој од светиите. Така, некои цркви се посветени на Светата и Животворна Троица или на едно од лицата на Троедниот Бог, па други на Пресвета Богоро­дица и нејзините празници, некои во име на светите ангели општо или поединечно, а се посветуваат цркви и во чест на апостолите или на некој од нив, на некој од светителите и светителките, мачениците и на сите светии. Според името на оној кому му е посветен храмот, така се вика и храмот: храм „Свети Климент Охридски“, храм или црква „Света Петка“, „Свети Никола“ и тн.

Именувањето на Божјите храмови, според

формата и симболиката на градбата

Покрај општите имиња за храмот, наречен: дом Божји, дом Госпо­дов, црква, дом за молитва и сл., постојат и посебни именувања на христијанските храмови, според нивната разновидна градежна форма.

Најпрво да кажеме дека првославните храмови се градат во насока исток-запад. Зошто нашите цркви се свртени кон исток? Затоа што христијаните со своето лице, со очите и со умот, сецело треба да бидат свртени кон исток, од каде што засвети нашата вечна Божја светлина-Господ Исус Христос, Којшто е вистинската „Светлина“ (Јован 8,12; 12,35-36 и 46), нашето „Сонце од Исток“ (Малах 4,2). Светото предание вели дека Господ Исус Христос кога бил распнат на крстот, Он бил свртен со лицето кон запад, па затоа ние стоиме пред Неговиот лик свртени кон исток – значи кон Него и, гледајќи се лице во лице со распнатиот Спасител и наш Бог, Му се молиме за нашето спасение и за спасението на сите луѓе.

Црковната градба е различна од формата и градбата на обичните зданија.

1) Во почетокот црквите биле градени во форма на продолжен правоаголник или долг брод (кораб), како коработ (бродот) на Ное. Во таа форма биле градени судските и царските палати, па оттаму и изразот „базилика“, што значи „царски дом“, по форма ист како палатата на овоземниот цар, а уште повеќе затоа што таа градба е и „дом на Царот над царевите“, „дом на вечниот Цар и Бог наш“. Таква градба е преубавата наша црква „Света Софија“ во Охрид.

2) Градени се и цркви во форма на квадрат. Квадратноста која означува рамностраност на сите четири страни, го симболизира распространувањето на христијанството кон сите четири страни на светот и понуденото спасение за сите луѓе подеднакво. И правоаголникот и квадратот означува дека Црквата Христова, во своите мајчински прегратки, ги собира сите луѓе кои бараат во неа спасение, од сите четири страни на светот.

3) Потоа, биле градени храмови во форма на крст. Основата и градбата била крстовидна. Тоа го симболизира споменот на Христовиот крст и голготското распнување на Спасителот на светот, при што беше распнат гревот и злото, па крстот постана свет христијански симбол на спасението. Крстовидноста на храмот претставува дека Христовата Црква спасува преку крстот, смртта и воскресението на Спасителот.

Храмот на светите апостоли во Цариград, што го изградил цар Константин Велики е крстовиден.

4) Црквите се градат и во форма на круг. Со тоа се симболизира вечноста и бесконечноста, како што е бесконечен и кругот. Таков првоизграден храм бил оној од светата црица Елена, на Елеонската Гора во Ерусалим, од каде што се вознел Господ Исус Христос.

5) Правени се црквоградби и со спој од двете форми: крст и круг. Врз крстовидна основа се гради кружната форма на храмот или во средината на крстот се гради кружна градба. Таква градба на круг, врз рамнокрак крст, е прекрасната базилика „Св. Софија“ во Цариград (6-ти век).

6) Има храмови и со мешан план од базилика со опширен круг во средината.

7) Храмови се градат и во форма на осмоаголник или ѕвезда, со што црквата се претставува као ѕвезда патеводителка, којашто свети во темнината на овој свет.

Градбата на храмот обично завршува со купола или кубе. Тоа го симболизира небото. Кубето како да претставува глава на црквата и во него, однатре – на највисокиот дел, се црта фреска на Господ Исус Христос Вседржител, Којшто е „Глава на црк­вата“ (Ефес. 5,23; 4,15; 1,22; Кол. 1,18).

– Едното кубе на храмот, го означува Бож­јото единство – Еден Бог;

– двете кубиња, ги претставуваат двете при­роди на Господ Исус Христос;

– трите кубиња на храмовите, ја симболизираат Пресвета Троица;

– чети­рите – четворицата евангелисти;

– петте – Господ Исус Христос како глава на четворицата евангелисти, апостоли и проповедници на евангелската наука;

– седумте се во чест на седумтте свети тајни и седумте вселенски собори;

– деветте – како симбол на деветте ангелски чинови;

– дванаесетте – за дванаесетте Христови апостоли;

– тринаесетте – ги преставуваат апостолите со Христос, а се градат храмови и со повеќе кубиња.

Поделба на храмот-црквата

Православнот христијански храм е поделен на три основни дела: олтар, храм и паперта (предхрам – предворие). Почнувајќи од западниот влез, деловите на храмот доаѓаат според следнив ред: предхрам, храм и олтар. Троделноста на храмот ја симболизира: Света Троца; ангелските чинови, кои се поделени трипати по три; луѓето, кои се делат на свештенослужители, верници и неверници; поделбата на земното, небесното и наднебесното, што значи: земјата и сè што е на неа го претставува претхрамот, храмот го претставува небото и небесниот духовен свет, а олтарот е најсветиот-наднебесниот сепростор на Божјата сесветост и секадеприсутност.

Во поновите црковни градби се одбегнува троделноста и го нема претхрамот (папертата), па црквата има два дела: храм и олтар. Оваа дводелност на храмот ги симболизира двете природи на Господ Исус Христос: видливата-човечката Христова природа и невидливата-Божјата Негова природа, па затоа храмот е молитвено место за луѓето, а олтарот за Бога и богослужителите. Оттаму и симболиката дека олтарот го претставува небото, а храмот-земјата. Бог е недостапен и недостижен по суштина, како што е недостапен олтарот за луѓето, а се пројавува и сознава преку Неговата промисла и сила, делувајќи меѓу верниците во храмот. И најпосле, дводелноста на храмот е како и двојноста на човекот, којшто се состои од тело и душа.

1. Претхрам. Претхрамот е првиот дел во кој влегуваме, одејќи в црква. Тој се нарекува и паперта, пронаос (провнаоч), нартекс (наврљхч или наврљхџ). Тоа е делот пред внатрешната влезна врата во храмот. При некои цркви тоа е отворен, незаѕидан дел, во којшто се издигаат столбовите на храмот. Некаде, пак, тој е озна­чен со ниска ограда, а некаде со решетки или е застаклен.

Внатрешниот про­наос, пак, се наоѓа зад вратата и скалите на храмот, до западниот ѕид. Тука стоеле огласените и оние што биле под епитимија и во покајание, а во надворешната паперта, некогаш се допуштале и јудејците, незнабож­ците и еретиците. Во овој дел денес се чита очистителната молитва, т.н. Голема молитва на родилките, во 40-от ден од раѓањето на детето, а може тука да се извршуваат и литиите, повечерието и полуноќницата. При некои цркви во тој дел се сместени и крстилниците. Оттука вратите водат во храмот.

Во папертата, пред вратата во храмот и царот или владетелот ја симнуваат круната од глава и сите одличја и оружје, оставајки ги на стражарот, бидејки се смета за непристојно пред вечниот Цар над царевите и Господар над господарите да се стои во царски облежја, ниту, пак, со оружје пред „Кнезот на мирот“ (Иса. 9.6).

Во претхрамот, се благословуваат и плодовите: велигденски јајца или сирење, преображденско грозје и слично.

Денес во овој простор се продаваат свеќи и црковни предмети, а се користи и за раздавање за помен – парастос (панихида).

При некои хрмови, во нартексот се наоѓаат и свеќниците, па тука се палат свеќи, а не во храмот, што е многу практично и полезно.

2. Храм, црква, наос, кораб. Храмот, црквата (е*кклхсива), наосот (наов“) или коработ е централен дел на храмот. Тој го опфаќа најголемиот простор од црквата. Во него стојат верниците, а се допуштало внатре, во одредено време, да бидат и огласените и покајниците, до крајот на Литургијата на огласените, а потоа, тие излегувале во претхрамот. Наосот е определен за верниците и за клириците (свештенослужителите), па за псалтите, чтеците (оние што читаат), црковните пеачи и црковнослужителите.

Постои централен и два странични дела на наосот: јужниот е за мажите, а северниот за жените.

2. 1. Амвон. Во средината од средниот дел од храмот, односно, самиот центар на храмот, посебно се означува, некаде со ѕвезда на подот, а некаде со подигнат подиум во круг, којшто се вика амвон (зборот е со грчко потекло – а!мбон, а доаѓа од глаголот а*набаивнњ = се искачувам). Тоа место е посебно означено, за оттука да се чита Светото писмо и да се произнесе поука, а во некои цркви има и посебно возвишение за читње на Евангелието и за беседење. Од амвонот се пее и дел од богослужението и се изговараат ектении. Затоа тој се нарекува ѓаконски, бидејки од него само ѓаконот чита Евангелие и возгласува ектении. Подиумот на амвонот овозможува сето тоа да биде подобро чуено и видено од сите присутни во храмот. Свети Јован Златоуст одел во средината на црквата, се искачувал на амвонот, седнувал и проповедал.

Амвонот го симболизира каменот на којшто стоел ангелот при гробот Господов и им го благовестел Христовото воскресение на мироносиците. Тој ја преставува и височинката од којашто Спасителот ги изговорил блаженствата и беседата на гората.

На амвонот никогаш не се искачуваат ипоѓаконите и чтеците.

2. 2. Архиерејски трон. До амвонот се издига и архиерејскиот трон, на којшто седи архиерејот, во одредени делови од богослуженијата или за време на цели богослужби.

2. 3. Солеа. Непосредно пред иконостасот, во средината, кај царските две­­ри, има уште еден подиум до кого водат неколку скалила, а се вика солеа (од грчкиот збор сњлева = праг). Солеата е продолжение од подот на олтарот, издаден кон наосот, пред дверите. Тука свештенослужителите излегуваат од олтарот и стојат во одредени моменти од службата. Солеата прет­ста­вува и надворешен престол, бидејки на тоа место им се дава светата Причест на верниците.

2. 4. Иконостас. Иконостасот претставува преграда од икони, со кои се одделува олтарот од наосот – централниот дел на црквата. Неговото име доаѓа од двата грчки збора: еи*књ’н = икона и ставсич = стоење. Оваа преграда во првите векови била решетчеста, а по победата над иконоборството – ереста која била осудена на 7-от Вселенски собор, откако се утврдила почитта кон иконите, започнало, во црковната традиција, задолжително на иконостасот да се поставуваат многу икони од светиите. И денес има цркви (храмови) кои немаат иконостас, туку само решетки. Такви се: црквата на Голгота, црквата на Марија Египетска во Ерусалим, па во Витлеем, на местото на Христовото раѓање; манастирот „Свети Сава Освештен“ и неколку други манастири.

Иконостасот претставува свет столб и преграда од светиите, прет­ста­вени на иконите. Тој покажува дека од нив натаму се наоѓа најсветиот дел од храмот – Светињата над светиите – олтарот, којшто не е достапен за сите. Оваа олтарна преграда укажува дека следното место е определено само за свештенослужителите и за некои од црковнослжителите.

Иконос­та­сот којшто стои пред верниот народ во храмот е слика на живата духовна врска на светиите со Христа. Тој буди во нас мисла и чувство дека стоиме пред Бога и пред сите светии, со кои сме заедно во едната света, соборна и апостолска, небоземна Црква. Бог Спасителот, Божјата Мајка – Пресвета Богоро­дица, сите светии и Божјите угодници, иако се небесни жители, тие се присутни на богослужението и се заедно со нас луѓето од земната Црква. Светите ликови нè потсетуваат дека тие се столбови и основа на нашата вера. Ико­нос­тасот е отворена книга на која се гледаат основните вистини на верата. Гледајќи во него, ние ги гледаме светиите коишто се наши посредници и застапници пред Бога. На тој начин, постојано во умот треба да ни бидат богомислта и молитвата, не заборавајќи каде и пред кого стоиме .

Иконостасот има посебно правило за редот на светите икони поставени на него. Најгоре на иконостасот стои крст со распетието на Господ Исус Христос.

Низ иконостасот во олтарот водат три врати.

2. 5. Царски двери. Средната врата на иконостасот, кон олтарот, е двокрилна, најголема, најубава и најзначајна. Таа се нарекува царски двери (љувраи). Дверите се наречени „царски“, затоа што низ нив, во вид на Свето евангелие и света Причест, минува Царот над царевите, небесниот Цар, Царот на Славата, Господ наш Исус Христос. Низ нив мину­ваат, само во определено време на богослужбата, свештенослужтелите, а секогаш архиерејот и царот.

Царските двери се двокрилна врата. На двете крила насликана е иконата на Благовештение, а на краевите се претставени евангелистите.

Отворените двери го симболизираат отвореното небесно царство за православните христијани.

2. 6. Северна и јужна врата. Северната врата, низ иконостасот, води во олтарот, кај жртвеникот. И јужната врата води во отарот, кај ѓаконикот.

Овие две врати се нареку­ваат и ѓаконски врати, бидејки низ нив минуваат ѓаконите, за време на богослужбата. На нив се претставени ликови на архангели и ангели или на архиѓакони, првосвештеници, пророци и светители.

2. 7. Црковна завеса. Над царските двери има завеса. Со неа се затвора целосно олтарот, та некои делови од богослужението остануваат сокриени за верниците.

Црковната завеса е дводелна и со тоа ги симболизира двата завета: Стариот и Новиот завет. Таква завеса имало во ерусалимскиот храм и таа се расцепила на два дела, во моментот кога Господ Исус Христос умрел на крстот (види: Матеј 27, 50 – 51; Марко 15, 38; спореди: 2. Мој. 26, 31).

2. 8. Олтар. Олтарот е најсветиот дел од храмот. Неговото име доаѓа од латинските зборови алта ара = возвишен жртвеник; на грчки јазик: бх’ма = возвишение; високо место; катедра; судилиште – суски престол. Тој е поставен на повисок подиум во храмот. Тоа е заради неговата светост, а и за подобро да се види и чуе она што го извршува и зборува свештенослужителот. Го симболизира царството небесно, а ја пратставува и гробницата во којашто бил пограбан Господ Исус Христос од Јосиф и Никодим. Тој е симбол на гробницата во која се наоѓа гробот Христов.

2. 9. Престол. Во средината на олтарот се наоѓа светиот престол (љусиастхврион = жртвеник, травпеза иЈера; = свештена трпеза). Тој е четириаголна маса – трпеза Господова, бидејќи на него се предлага бесмртната храна за верниците – Светата евхаристија и тоа за сите правоверни христијани од четирите страни на светот.

Се нарекува престол, бидејќи на него седи Христос Бог. Како што олтарот е најсвето место во храмот и е „Светиња над светиите“, така, пак, во олтарот најсвето место е престолот. Под него има свети мошти од христи­јанските маченици. Моштите, за време на осветувањето на храмот, се поставуваат внатре – во средината на престолот.

Престолот претставува наше училиште и катедра, од каде што ни говори Господ Исус Христос, бидејќи од него се чита Светото евангелие.

Тој е и жртвеник, на којшто, во вид на леб и вино, на жртва се принесува Господ Исус Христос и тоа заради нас и заради нашето спасение, земајќи ги врз Себе гревовите на светот.

Престолот го претставува гробот Христов, којшто се наоѓа во гробницата (во олтарот), каде што било положено телото на Господа Исуса Христа.

Тој го симболизира гробот, но исто така и местото на Христовото воскресение, бидејки Господ Исус Христос воскресна од гробот и со смртта смртта ја разруши.

Престолот е место на Божјото присуство и го претставува небесниот престол Божји, на којшто Бог седи, на престолот од херувимите.

Престолот, како трпеза, ја симболизира и Тајната вечера, каде што Спасителот им го даде и лебот и чашата на апостолите и им рече: „Земете, јадете ова е Моето тело. Пијте од неа сите; зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина, за опростување на гревовите“ (Матеј 26, 26-28; 1.Кор. 11, 23-25).

Тој ја претставува и Елеонската Гора, од каде што Господ Исус Христос се вознесе на небесата (Лука 24,50-52; Дела 1,22).

Престолот е подигнат среде олтарот за да можат сите да го видат, бидејќи сите, се причестуваат од Причеста што е на него, а на тоа возвишение се извршува највозвишента, пренебесна Тајна.

2. 10. Антиминс. На престолот стои светиот антиминс, во којшто има свети мошти, исто како и во престолот. На нив постојано стои Светото евангелие, кое го претставува Господа Исуса Христа. Врз антиминсот се служи светата Литургија. Без него таа не може да се отслужи (освен во периодот кога на престолот стои Христовата плаштаница). Со антиминсот, пак, може да се служи Литургија и надвор од храмот, на друго место, па дури и под отворено небо.

2. 11. Горно место – горни престол. Зад престолот во апсидата се наоѓа трон за епископот, а од двете страни пониско има и други столови за свештениците. Тој дел во олтарот се вика горно место – горни престол. Тоа го претставува Христовиот престол на небесата на којшто седи нашиот Господ, по Неговото вознесение. Господ Исус Христос седи оддесно на Бога, а од страните се апостолите. Во таква симболика седат епископот и свештенослужителите или Поглаварот и епископите на Црквата. На горниот престол епископот седи за време на читањето на апостолот.

2. 12. Балдахин. Над престолот има балдахин. Тоа е покрив над престолот, во форма на свод (ковгцх), како небесна скинија. Тој го означува полукружниот небесен свод, а престолот ја претставува земјата. Балдахинот го симболизира и присуството на несоздадените Божји енергии, благодатта и славата Божја.

2. 13. Жртвеник. Лево од светата трпеза (престолот) се наоѓа жртвеникот, во којшто се подготвува проскомидијата – даровите на светиот принос. Жртвеникот ја симболизира пештерата каде што се родил Господ Исус Христос, но ја претставува и Голгота, каде што пострадал – се принел Себеси на жртва.

2. 14. Ѓаконик. Десно, пак, од светиот престол се наоѓа ѓакони­­­­­­­кот, во којшто се чуваат свештените одежди, книги и садови. Таму свештенослужителите се облекуваат за богослужба. Јужната врата низ која се влегува во тој простор се нарекува ѓаконска, а и ѓаконикот го добил тоа име затоа што ѓаконот ги знае најдобро работите што се поставени таму, а за време на богослужбата тој стои од таа страна (оддесно на свештеникот).

Секој православен храстијанин трба да го посетува храмот, како свето богослужбено место. Тоа може да го прави секогаш, но пожелно е барем во неделните и во празничните денови да појде во црква.

Верникот се подготвува за одење в црква. Тој знае дека оди во Божјиот дом и се подготвува за средба со Господа. Таму, како Божји гостин, треба да појде убаво, пристојно и чисто облечен, знаејќи кај кого оди и Кој го гледа и прима. Ако ние се дотеруваме и водиме сметка за средба со своите блиски и пријатели или за некој световен прием, тогаш колку повеќе треба да посветиме внимание на себеси за средбата со Бога во храмот Божји. За тоа треба да се подготвиме и телесно и духовно.

Кога ќе дојдеме пред црква, треба да се прекрстиме, а пред влзната врата, да направиме и три поклони, крстејќи се и велејќи: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот“ или „Боже очисти ме мене грешниот“. Мажите треба да ја симнат и капата од глава, пред да влезат в црква.

Потоа, палиме свеќи и се молиме за живите и за упокоените, според заповедта од Светото писмо: „Молете се еден за друг“ (Јак. 5, 16). Се молиме и за покојните, бидејќи и тие се живи, и пред Бога нема умрени, а „Бог не е Бог на мртвите, туку на живите, оти во Него се сите живи“ (Лука 20, 38; Рим. 14, 9).

Запалената црковна свеќа значи наш принос на бескрвна жртва и наш дар во храмот. Таа го симболизира нашиот духовен сојуз со Мајката Црква и со Отецот Бог, бидејќи кому Црквата не му е Мајка, нему ни Бог не му е Отец.

Свеќата е сведоштво за нашата вера и видлив знак на нашата љубов и надеж во Бога. Нејзината светлина ја симболизира Божјата светлина и нашиот од во светлината на спасението, а не во темнината на гревот и злото. Топлината, пак, ја претставува топлината на нашата душа и нашата љубов кон Бога и кон ближните. Мекоста на восокот е симбол на нашата послушност и подготвеност да постанеме орудија во Божјите раце.

Литература:

Veniamin, arhiepiskop Ni/egorodskij i Arzamasskij, Novax skri/alw ili obwxsenie o cerkvi, o liturgii i o vseh slu/bah i utvarah cerkovnyh, top pervyj, Moskva 1992 (1899);

?????? Zakon Bo/ij,; ??????????????

– Што трба да знае секој , кој доаѓа во православниот храм, Практични совети и поуки за оне кои почнуваат да го посетуваат храмот, Битола 2001;

– Лазар Мирковић, протојереј, Литургика, кн.????, Београд????