Православната Црква во современото општество

Проф. д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон

УЛОГАТА НА ПРАВОСЛАВНАТА ЦРКВА ВО СОВРЕМЕНОТО ПЛУРАЛИСТИЧКО ОПШТЕСТВО И ПЛУРАЛИСТИЧКА ДРЖАВА

Актуелните немири и задачата на Црквата во градењето на мирот

Мирот како најголем небесен дар на земјата често е загрозуван.

Место љубов и мир, денес на земјава се случуваат немири и војни. Немајќи братска љубов, меѓу луѓето се вселила омразата, како и нацио­нал­ната, расната, религиозната, класната, социјалната и партиската нетр­пе­ливост и непријателство. Тоа ни носи зло и нè води кон лошо. Затоа ние преживуваме времиња на војни, големи немири, судири и страданија. Гинат луѓе во безумствата на војните и страдаат невини души заради недо­раз­бирањата и отсуството на љубовта меѓу луѓето. Без Бога нема љубов и мир на земјава, а човечкиот живот сè повеќе ја губи својата вредност.

Денешниве луѓе како да не ја слушаат ангелската песна која бара мир на земјава и добра волја меѓу луѓето1. Оваа светоангелска песна е мото во животот на нашиот македонски богољубив, братољубив и мирољубив православен народ.

Од мирот зависи развојот на општеството, науката, техниката, култу­рата, економијата и сепштиот прогрес. Од мирот зависи и духовниот рас­­теж на еден народ. Кон сите достигнувања, и на духовен и на матери­јален план, води единствениот пат, а тоа е патот на мирот. Алтернатива нема!

Последниве години, пак, мирот се наоѓа во сериозна загрозеност. Тоа создава длабока загриженост.

Без мирот на земјава сето тоа е неостварливо. Без мир нема благо­сос­тојба на земјата, ниту за луѓето ниту за народите. Мирот создава услови за меѓусебно соработување и зближување на луѓето и народите, како и соз­нание дека сите луѓе се деца Божји и браќа и сестри помеѓу себе, па си­те во светот имаат заедничка задача: Да живеат во мир и да Го слават Бога!

Затоа Господ Исус Христос рекол: „Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји!“2.

Има ли знак на надеж за разрешување на немирите и судрувањата? Може ли да имаме иднина со постабилен мир? Можеме ли да ги отклониме причините кои би послужиле за возобновување на вооружените ескалации?

За да се случи тоа треба да престанат сите конфронтации и кон­фликти и да се пријде кон мирољубиво решавање на сите прашања.

Кај нас, во Македонија, за жал, е изгубен мирот, драги пријатели, а кај вас е стеснет. Немирот ги бранува сите наоколу и го очекуваат денот на неговото проширување и пренесување од едно на друго место. Такво искуство имаме веќе видено. Така беше со случувањата при селидбата на вооружените судири, од една во друга, низ поранешните југословенски републики – држави.

Етноцентричните фанатички тенденции во регионот претставуваат опасност и причина за негово немирно живеење. Тоа го влошува хармо­нич­ното живеење и однесување меѓу различните етнички и религиозни опш­тини и територии во државите од овој регион. Тие етноцентрични тенденции создадоа вооружени судири во Македонија. Ваквите примери, ако се шират како распламтен оган, тогаш таквите и ним слични идео­ло­гии можат да постанат опасност и да бидат разрушувачи на повеќе земји во регионов.

Затоа, потребно е да изградуваме став и култура на почитување на правата на луѓето во заедницата. Да се почитува и овозможува слобода на совеста и взаемно уважување.

Црквата треба да помогне во создавањето на едно општество од таков вид, каде што ќе биде востановена справедливоста.

Во тоа може да помогне и вистинското разбирање меѓу луѓето, како и градењето правилен однос меѓу Бога и човекот и меѓу човекот и чове­кот. Кон тоа води и евангелската христијанска антропологија, како и кон­цеп­цијата за општите човечки братољубиви однесувања. Тоа го изградува и библиското разбирање на власта и нејзината улога за остварување мирен живот на земјава3. Овие работи треба да се најдат и да се истакнат како заедничко и кај трите монотеистички религии во државите на Балкан­скиот Полуостров и во Југоисточна Европа: христијанството, исламот и јудеизмот.

Светата Православна Црква во своето евангелско учење, меѓу своите основни задачи го става и миротворството. Трудејќи се да го запази „един­ството на Духот преку врските на мирот“4, Црквата Хрис­това пос­то­јано се моли и пожелува секој човек да биде носител на мирот, та да биде исполнет со љубов и со добра волја! Таа и во своето богослуже­ние и во своето учење и беседење, постојано го поттикнува мирот во душа­та кај луѓето – кај секој човек пооделно и кај сите луѓе заедно, а особено кај благочестивиот македонски народ. Затоа, нашиот побожен народ е мирољубив и по својот разум, и по своите чувства, и по својата вол­ја, односно, тој го сака мирот со сите свои душевни сили. Таквиот верник ќе има добри плодови во сите сфери на семејниот, општествениот и меѓуна­родниот живот.

Сите луѓе, пак, не се во Црквата Христова, но таа ја простира својата љубов кон сите, па дури и кон грешниците – за и тие да се поправат. Господ Исус Христос „не дојде за да Му служат, туку дојде да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина“5. Така и Црквата, не живее за себе, туку за луѓето во светот. Таа го прегрнува светот со својата љубов, делува во него и прави сè што е можно за негово морално очистување и обновување.

Со нашето делување во заштита на мирот, ние го извршуваме Божјиот повик кон нас да бидеме миротворци и да постанеме синови Божји6.

На тој начин ја исполнуваме евангелската заповед за љубов кон ближните, како што рекол Господ Исус Христос: „Оваа заповед ви ја давам: ‚Да се љубите еден со друг‘“7.

Наш ближен, пак, е секој човек. Тоа најдобро го претставил Господ Исус Христос преку евангелската парабола за милостивиот Самарјанин8.

Евангелието и црковното учење за мирот и заедничкото живеење

При Христовото раѓање, од небото се слушнала ангелската песна: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја“9!

Многу е значајна појавата на Богомладенецот во светот, зашто со раѓањето на Синот Божји “ни се јави Спасител, Кој е Господ Исус Христос”10. Бог се јави во тело11. Христос дојде на земјава за да го спаси човештвото, да Го прослави Бога на висините, да ни даде мир на земјава, а меѓу луѓето да создаде разбирање и братска љубов.

Со тоа, Бог на земјава создаде услови за изградување на совршен и свет мир12. Он нè упатува „по патот на мирот“13 и нè повикува да имаме мир меѓу нас и да бидеме во мир со Него14. Тоа е мир проникнат со искреност, слобода, правда и сигурност каде што е отсутна секаква измама и недоверба. Меѓутоа светот не Го прими Спасителот еднодушно, и не ја разбра Неговата божествена мисија, туку продолжи и понатаму да оди по патиштата на длабоки искушенија, кои водеа кон кризни и страшни времиња.

Учењето на Црквата е втемелено словото Божјо, врз Евангелието, коешто е учење за љубовта. Љубовта, пак, се остварува преку исполну­ва­њето на Божјите заповеди. Човекот кога ќе се придржува кон нив и кога ќе ги вплоти во својот секојдневен живот, тогаш за него веќе настапило царството Божјо во него15. Во таквиот е мирот и правдата, односно, како што рекол Господ Исус Христос: „царството на Бога и Неговата правда“16 и во него нема неправда. Според тој пример треба да се изградува и човечкото живеење на сите луѓе на земјава. Преку заедничкото живеење се остварува царството Божјо на земјава како оства­рено човекољубие во мир и правда.

Работејќи за остварување на царството Божјо, Црквата јасно ги нагласува Христовите евангелски зборови со кои е укажано дека „царст­вото Божјо е во нас внатре“17. А свети апостол Павле, пак, го дефинира царството Божјо и вели дека тоа е „правда и мир и радост во Светиот Дух“, а не „јадење или пиење“18. Затоа, Црквата се залага за создавање овоземни услови за „царството на правдата мирот и радоста“, што претставува реализирање на царството Божјо внатре во нас. На тој начин, најочигледно продолжува Христовото дело во Црквата, којашто Он ја основал и е нејзина глава, а таа е телото. Таа го подготвува човекот за царството Божјо, а тоа царство го открива и остварува и на земјава, преку таинствено – благословениот живот на луѓето.

Македонската Православна Црква и
нејзината небесна и земна улога.

За да има мир на земјава, треба да има „добра волја меѓу луѓето“, оти луѓето со лоша волја го нарушуваат мирот. Тие луѓе се слуги на лошиот дух, противници на мирот и на добриот живот на човекот. За да постане човекот добар, мора да се откаже од зловолието, па да има добра волја и облагородена душа. Тоа го дава верата, божественото учење и моралноста. На тоа нè учи и нашата македонска народна традиција и прекрасните црковни и народни обичаи.

Православниот Македонец секогаш тоа го посакувал и според овие зборови постапувал дури до крајно себежртвување. Целиот свој имот и својот живот го давал само да создаде мир во својот дом и во својата родна грутка – Македонија. Тоа секој го чувствува уште при првата средба со македонскиот човек и македонската богољубива, братољубива и мирољу­бива душа. Неговата молитва е простосрдечна и во неа се искажува желба за мир и Божји благослов.

Нашиот македонски народ, во своето историско постоење бил секогаш хранет и напојуван, од небесната и евангелската порака. Во тој дух наоѓал сили, да ги победува сите освојувачи и присвојувачи. Кон таа цел бил воден од светлината на витлеемската ѕвезда и христијанската несебична и сеопфатна љубов19. Со кротост и смирение ги прифаќал световните искушенија, бидејќи знаел и верувал во Божјата правда дека времето на тиранијата ќе помине и дека ќе надвладее светлината на слободата и правдата.

Дури и денес, кога имаме македонска црква и суверена држава, ние не сме целосно ослободени од нападите насочени кон обезвреднување на достоинството на нашиот народ. За жал, сè уште се посега по нашата црковна и национална самостојност! Ние никогаш нема да отстапиме од нашата света православна вера, и затоа, не треба тоа да нè загрижува многу, бидејќи за наши патеводители ги имаме: светите Кирил и Методиј, Климент и Наум, безбројните македонски маченици, испосници и борци за духовна, црковна и национална слобода и правда.

Примерот на нашите светии и народни борци со нивната вера, надеж и пожртвуваност е наш патоказ кон правилното разрешување на сите наши современи проблеми и тешкотии. Само обединети околу Христа Спасителот, Кој дојде на земјава за да ја направи предворје на небото, можеме да се ослободиме од пеколот на омразата, лагата, клеветата, неправ­дата и насилството. Во спротивно, Евангелието вели: „кој оди по мрак, не знае каде оди“20.

Јас со трепет ќе говорам од името на Македонската православна Црква и мирољубивиот македонски народ. Ние, и како народ и како црква, исполнувајќи ја и последната заповед од Декалогот-никогаш по туѓо не сме посегнале21; никому ништо не сме земале, ниту туѓо завземале; не сме ограбиле, ниту прогониле; не сме освојувале, ниту поробувале; не сме угнетувале, ниту измачувале; не сме обесчестувале, ниту оскверну­вале. Нам, пак, сето тоа ни го правеле: и нè поробувале, и нè освојувале, и ограбувале, и угнетувале, и одродувале, осквер­нувале, обесчестувале, измачувале-на колци наденувале, беселе и палеле, та и кога сме сакале да кренеме глас и да побараме достоинствено да живееме и да ја одбраниме правдата и честа, дури и тогаш нè обвину­вале! Не можам да се воздржам, а да не ги спомнам нашите борци за одбрана на слободата, правата и досто­инството на македонскиот народ и неговата Татковина – Македонија. Тие се многубројни низ сите битки и востанија, сè до последнава, најнова одбрана на своите родни огништа и светилишта. Во овогодишните воору­жени судири со албанските терорис­тички банди загинаа 73-јца бранители на мирот и слободата во Македонија и на стабилноста во целиот регион. Ним и на сите порано загинати им оддаваме чест и признание. За нив можеме да речеме со библиските збо­рови од мудроста на Исуса Синот Сирахов: „Многу славни дни Господ објави преку нив… Тие се првенците… и мажи по својата сила прочуени“22. Тие беа подготвени да одат во одбрана пред Бога и правдата, за одбрана на православната вера и на својата Татковина Маке­до­нија. Ние немаме загинати во окупаторски војни и на туѓи територии туку само во справедливо војување за одбрана на своето и во својата земја. Одбраната, пак, значи спречување на злото и барање на Божјата правда, како што рекол и Господ Исус Христос: „Но барајте го најнапред царст­вото на Бога и Неговата правда“23. И Спасителот, кога беше обвинуван пред првосвештеникот Ана, негодувал против неправедното биење. Во Светото писмо, се вели: „Еден од слугите, кој стоеше близу, Го удри Исуса по образ и рече: ‚Така ли му одговараш на Првосвештеникот?‘ Исус му одговори: ‚Ако реков лошо, докажи го, ако ли, пак, добро – зошто Ме биеш?‘“24

Нашата света Македонска Православна Црква, низ вековите, а и денес, го остварува своето спасително и патриотско служење на Бога и на својот народ. Таа ги подготвува своите верници, своите чеда – синови и ќерки, за царството небесно, а го благословува нивниот живот и труд за доброто и на својата земна Татковина. Тоа го прави вдахновувајќи ги за миротворско служење. Илјадагодишната историја на Македонската Православна Црква, како продолжителка на Охридската архиепископија, полна е со вдахновени примери од своите чеда за служење на ближните и тоа служење до самопожртвуваност.

Се разбира, во таа смисла, нејзина должност е да застане во одбрана на правата на луѓето и со патриотско чувство да го брани државниот суве­ренитет и територијалниот интегритет на Татковината на своите вер­ници и да го гаи и негува нивното единство. Македонската православна црква, бидејќи вековно срасната со својот народ, таа се грижи за сите добра на народот, како и за неговото единство. Како грижлива духовна мајка на македонскиот православен народ и негова национална црква, води сметка за неговото опстојување и за неговиот верски, духовен, културен и општес­т­вен напредок. Се разбира, притоа, мислејќи на мирно заедничко постоење и делување во доброто и на претставниците на народите од различни етнички, религиозни, културни и идеолошки позиции, кои живеат во Македонија.

Каква е улогата на Црквата во едно плуралистичко општество и плуралистичка држава, во периодот на конфликти и судири?

Православната Црква е отворена кон целиот свет и отворена кон проблемите на светот. Ние треба да бидеме во тек со случувањата на опш­тес­твените, научните, верските и сите општи теми. Треба да се подгот­виме за таков пристап. Црквата Христова го прегрнува целиот свет со сета не­го­ва содржина. Тоа значи дека нема да престанеме да се гри­жиме за сите случувања и да знаеме што се случува во светот. Исто така, да не ја забо­равиме и евангелската димензија на љубовта, која е во основа на Црквата.

Ние што сме утврдени во верата, треба и денес да имаме апостолска мисија на мирот. Тоа е мисија што го прави човекот човек. Со неа ја вне­су­ваме надежта, којашто го прави човекот човек на иднината, а и љубовта којашто му дава содржина.

Никогаш да не ја заборавиме библиската вистина дека „Бог е љубов и дека оној, кој пребива во љубовта, пребива во Бога и Бог е во него“25. Тоа е чудесното што ние треба да го принесеме во светот. Тоа треба ние да го правиме.

Православната Црква нема одреден социјално-политички систем, но таа е секогаш на страната на правдата и вистината, бидејќи таа е служи­телка на Бога и на луѓето, а на Бога и на луѓето им се служи со духот на мирот, на правдата и на вистината.

Затоа, сметаме дека во едно плуралистичко општество и држава, Црк­вата може да го даде својот глас и тој да биде услишан, а во полза и заштита на угнетените, прогонетите, убиваните, заробените и онеправ­да­ните.

Таа постојано треба да ги бара и пронаоѓа новите ефективни форми за успешно служење на Бога и за остварување на љубовта и мирот меѓу луѓето.

Црквата е должна да го крене гласот против социјалното и економ­ското зло, како и против несправедливоста и узурпацијата.

Таа може и треба да ја побара социјалната правда во општеството.

Црквата постојано, енергично застанува против злото на дрогата, неморалот и корупцијата.

Црквата треба да ја разгледа својата задача за дејствување во полза на создавање взаемни разбирања и доверба меѓу луѓето во плуралис­тич­кото општество и држава.

Треба јасно да го декларира својот став против нарушувањето на мирот и отстранувањето на факторите за дестабилизација и конфрон­та­ција.

Решително да ги осудуваме подгревачите на немири и војни – „оние што го мразат мирот“26.

Таа е траен непријател на војната и крвопролевањата. А цврсто е убедена дека безопасноста и безбедноста за луѓето не може да се постигне со оружје, туку со мир.

Во време на војна, пак, Црквата треба да се моли и да бара да прес­тане војната. Молитвените прозби пред Бога се наши барања за оствару­вање на правдата и вистината, а Господ Бог да му даде победа на правдо­љу­бивото и „христољубивото воинство“, за да биде силно во одбраната (сил­ному во бранех). Одбраната од злото и барањето на правдата е Хрис­това и евангелска порака, бидејќи и Господ Исус Христос, кога слугата на првосвештеникот го удрил со шлаканица по образ, ја побарал правдата27.

Исто така, Црквата има право да пројави грижа и енергично да се заложи за враќање на прогонетите раселени лица во своите домови.

Особено право е на Црквата да бара заштита за сите свои свети­лиш­та: цркви, манастири и нивни придружни објекти, некрополи, гробници, гро­бови, споменици и други свети места, та тие да не се обесветуваат, осквернуваат и рушат.

Христијанинот во служба на мирот.

Бог, од љубов кон луѓето и за да го измири човекот, се воплоти и дојде во човечко тело на земјава. Оваа Божја солидарност е силна поука за нас и за нашата човечко-човечка и човечко-божја солидарност. Господ Исус Христос потоа, преку Својата жртва го привел човештвото кон спа­се­ние. Должни сме и ние нашата солидарност да ја претставуваме во тој дух: во општење (коинониа), во полнота (плхрома) и во љубов (агапх).

Поттикнувани од благодатта на Светиот Дух, да бидеме висти­но­љу­биви, правдољубиви и добродетелни. На тој начин можеме да им се про­тив­ставиме на современите искушенија и немири. Затоа, денес, секој гра­ѓа­нин е должен не само да проповеда и да го сака мирот, туку и да се моли и да миротвори; а да биде миротворец, значи да му служи на мирот.

Најпрво да размислуваме и да придонесуваме мирот да завладее меѓу сите народи, меѓу сите држави и сите луѓе. Да размислуваме и за тоа, колку ги исполнуваме Божјите заповеди, колку живееме според верата и колку сме градители на мирот и дали сме луѓе со добра волја.

За луѓето нема поголемо богатство од мирот и нема поголема благосостојба од живеењето во мир. Човекот е во состојба да ги надмине сите тешкотии, сите економски кризи и сите други проблеми во животот, но – само во мир.

Сеќавањето на жртвите од немирите, пак, нè тера да ги согледаме последиците и да се згрозиме од воените судири, па да се залагаме, што поревносно, за мир и стабилност, и да пројавуваме миротворство.

Убеден сум дека и оваа конференција претставува добро дело за закрепнување на стабилноста, довербата и градењето на вистинскиот, траен мир на Балканот, во Европа и во целиот свет.

Господа,

Настанало третото време и нема чекање! Нам, можеби, во овие услови, не ни се потребни само добри зборови и резолуции, туку коор­ди­на­ција за посмели и порешителни дејствувања против секојдневните насил­ства и нарушувањата на мирот со тероризам и вооружени напади.

Затоа, предлагам, од сите нас – овде присутни, да се побара преста­ну­вање на злото и говорот на оружјето. Тоа да се побара од оние, коишто јавно се декларирале како определени злодејци.

И уште, да не се допушта одредена подршка на истите од страна на верски лидери или верски претставници.

Најлошо е кога оние коишто декларативно се застапуваат за мир и разоружување, го нарушуваат мирот или го допуштаат немирот.

Да градиме доверба, да се отвораме за разговари и да изнаоѓаме начин за разрешување на недоразбирањата и причините за судири и војни.

Јас верувам дека тоа наскоро ќе се случи, оти и Господ рекол, ако имаме вера како синапово зрно и планини ќе преместуваме28.

Кога некој патува, ние се молиме морето да нема бранови, но брановите или невремето ќе дојде, а најважно е како ќе го поминеме тоа невреме.

Ние не губиме надеж и вера во Бога, ниту во луѓето со добра волја. Сме имале невремиња во текот на историјата, и како народ, и како земја, и како Црква, но Господ секогаш нè имал во Својата милост и правда, и ни испраќал потребна помош и сили. Веруваме дека со Негова закрила пак ќе се радуваме на мирот и сигурноста во целата наша земја, зашто Бог еднаш засекогаш ги победи сите неправди и зла и ја овековечи Неговата правда и слобода.

Принесуваме топли, братски молитви кон „Кнезот на мирот“29 и Го молиме да го благослови сето човештво со Својата небесна љубов, да ни даде во светот мир, правда и радост, и да ни ги подари прекрасните плодови на Светиот Дух.

Вам, пак, на сите овде присутни, Ви упатувам повик, како човек Македонец, по примерот на библискиот настан, кога пред апостол Павле стоеше еден човек Македонец, кој го молеше и му велеше: ‘Премини во Македонија и помогни ни'”! (Дела 16,9).

И вие, драги пријатели и посведожени мирољупци и миротворци, преминете во Македонија и помогнете ни, а ние ќе ви бидеме крајно благодарни!
1 Библиските текстови и нивните цитати се според Библијата на македонски литературен јазик: Свето писмо на Стариот и Новиот завет, Љубљана 1991 година.


1. Лука 2,14
2. Матеј 5,9
3. Рим. 13, 1-10; Тит 3,1; 1. Тим. 1,5; Гал. 5,14; Изрек. 8,15
4. Ефес. 4,3
5. Матеј 20, 28
6. Матеј 5,9
7. Јован 15,17
8. Лука 10,25-37
9. Лука 2,14
10. Лука 2,11; спореди: Матеј 1,21; 1. Јов. 4,14
11. 1. Тим. 3,16; спореди: Филип. 2,5-7
12. 2. Тим. 2,22
13. Лука 1,79
14. Иса. 27,5
15. Лука 17,21
16. Матеј 6,33
17. Лука 17,21
18. Рим. 14,17
19. 1. Кор. 13,1-8
20. Јован 12,35; спореди: Јован 8,12
21. 2. Мој. 20,17; 5. Мој. 5,21
22. Мудр. Сирах. 44, 2-3
23. Матеј 6,33
24. Јован 18, 22-23
25. 1. Јов. 4,16
26. Псал.119,6
27. Јован 18,22-23
28. Матеј 17,20
29. Иса. 9,6