Нашето лицемерие и противољубие

Проф. д -р Ратомир Грозданоски, протоѓакон

НАШЕТО ЛИЦЕМЕРИЕ И ПРОТИВОЉУБИЕ

Мудр. Сир. (28, 13 – 21)

„Жешка расправија оган распалува, а жестока кавга крв пролева.
Дуваш ли искра – таа ќе се распали, плукнеш ли на неа, таа ќе се угасне; и едното и другото излегуваат од твојата уста.
Озборувачот и двојазичникот проколнати да се; тие погубиле многумина што живеат во мир.
Третиот јазик многумина изгонил, ги гонел од еден народ во друг,
уривал градови утврдени, уривал палати на богати;
третиот јазик избркал чесни жени, ги лишил од плодовите на нивниот труд.
Кој него го слуша, мир нема да има, ни спокоен дом.
Ударот со бич модрици прави, а ударот со јазик – коски крши.
Многумина паднале од остар меч, но повеќе се оние што паднале од јазик.“

Мудр. Сир. (27, 22 – 31)
„Рана може да се преврзе и навреда да се прости,
но кој тајна предал – за него надеж нема.
Кој намигнува со око – тој смислува зло; никој од тоа нема да го додржи.
Пред тебе тој ќе говори слатко, ќе ги фали зборовите твои,
а потоа, зад тебе инаку ќе зборува: во твоите зборови соблазна открива.
Многу работи мразам, но ништо друго како таков човек; него и Господ го мрази.
Кој угоре фрла – на главата му паѓа, а подмолен удар рани ќе отвори.
Кој јама копа – во неа ќе падне; кој стапица мести – ќе се фати во неа.
Кој зло прави – со зло му се враќа, иако не знае од каде ќе дојде:
како лав го демнат подбивот, прекорот и омразата од гордите.“

Мудр. Сир. (28, 2 – 4)
„Прости му ја навредата на ближниот твој и тогаш, откако се помолиш, грвовите твои простени ќе бидат.
Кога човек човека го мрази, како може од Господа опростување да бара?
За човек сличен на себе, тој милост нема, а се моли гревовите негови простени да му бидат.“

Нашево време е преодно и највпечатливо за ништожноста на овдешниот живот. Насекаде судири, војни и недоразбирања до страшни глетки и ужасни злодела.

Сепак тоа е последица на нарушениот меѓучовечки однос, односно во луѓето се унишени основните две заповеди: богољубието и човекољубието.

Таквите девијантни појви се случуваат и меѓу ерархијата. Жално е, но ги има!

Свештенослужителите во основа на нивната дејност: богослужение, свештенослужение, црквослужение мисија и живот треба да ја има љубовта, оти и „Бог е љубов“ вели свети апостој Јован Богослов (1. Јов. 4, 8). Но, за жал, честопати љубовта не ја покажуваат и практикуваат кон својот брат свештеник.

Зависта, која пред олтарските двери се осудува со зборови од ерархијата, ете владее и царува меѓу нив.

Скромноста, таа почетноевангелска добродетел, која ја истакнувале сите и која е украс на вистинските верници во Православието, не е животна практика на свештенството. Ете, и високиот црковен клир, а и свештенството станале жртви на ова пазарно – потрошувачко општество.

Сето ова не го крие од јавноста ни црната риза – мантијата, ни светлозлатните одежди на црковните великодостојници.

Како последица на таквата нивна животна содржина и дејност се појавува и нарушување на нивното клирско единство. Така, со години веќе владее раздор, неединство, неподносливост, нетрпение, игнорирање и осуди меѓу високата црковна ерархија која завршува со несослужувања. Место за пројава на љубов, која ќе предизвика будење од гревот, сознание на состојбата и покајание и исповед и меѓусебно простување, до сега никој меѓу нив не направил.

Напротив, сè се прави со недоверба и со постојано и премногу тактизирање еден кон друг. лицемерно се разговара меѓу себе. Често се „подбуцнува“ едно или друго. Се прават сплетки, замки и „боцкалки“ обично вербални и дијалошки (дури и во обичниот дијалог и разговор).

Честопати, за жал, свештенството дури и мора така да постапува и да ги спроведува таквите постапки. Се подметнуваат и коваат разни работи, а тоа многу вешто и лукаво (од лукавиот – од ѓаволот!) интригантски се поставува кон другиот. Тие лоши работи секогаш се добро организирани, украсени, дотерани и филувани, па во „обланди“ сервирани, за да не се забележат. Но веќе станаа проѕирни, јасни и забележливи. Ги изветвеја и излитеа, оти сите почнаа да ги . Така, еден од нив вели: „Тој и тој големодостојник станува многу добар со мене. Чудно! Тоа ме плаши. Пак ли подготвува некое зло!“

Чесни и високопречесни оци, високопребодобни и преподобни духовници, блажени и високопреосвештени големодостојници на оваа света и достојна Црква и овој посвет народец не бидете вие несвети!!!

Постојано во Црквите се зборува дека Бог е многумилостив и проштева. Тие што го зборуваат тоа, ете, не проштеваат, иако упорно се молат во „Оче наш“, велејќи: Господи „прости ни ги гревовите наши, како што им ги проштеваме и ние на нашите должници.“ Тоа, пак, значи дека на Бога Му велат: „Господи, мрази нè, како што ние ги мразиме оние, кои ни згрешија, и немој да ни опростуваш ништо, оти ние ништо никому не му проштеваме.“

Бог е и Судија на правдата. Он ќе почне и со Својот суд и тоа нај­на­пред од оние во Црквата – од владиците и свештениците. Тие тоа го забо­раваат, а во Евангелието е речено: „Кој, пак, не знаел и направил нешто достојно за казнување, ќе биде малку биен. А оној слуга, кој ја знае волјата на својот господар и не се приготвил и не постапил според волјата негова, ќе биде многу биен. Кому е многу дадено, многу и ќе се бара од него; и кому му е поверено повеќе, повеќе ќе се бара од него.“ (Лука 12, 47 – 48).

Оците – нашите свештенослужители – целиот клир во Црквата, постојано го посочуваат вистинољубието како основа на христијанското достоинство, а на многумина меѓу нив, вистината им пречи.

Кога вистината ќе им се каже во очи, многу ги погодува и стануваат бесни кон вистиноисповедникот. Забораваат дека само вистинскиот прија­тел и нелицемерниот брат ја кажува вистината и тоа може многу да им помогне.

Спротивно на тоа најраширено е озборувањето. Тоа станува задоволство на заедничките седенки. Забораваат на зборовите од Светото писмо и не ги читаат (немаат време за препрочитување на Библијата!). Таму се вели: „А, од непристојни и празни зборови клони се, зошто тие ги водат луѓето кон безбожност најмногу… Клони се од нечисти и празни разговори и од расправии… оти препирките ништо не помагаат, а дури им штетат на оние, што слушаат. Глупави и празни расправи избегнувај, знаејќи дека тие породуваат кавги!“ (2. Тим. 2, 16; 1. Тим. 6, 20, 2. Тим. 2, 23, 14).

Најдобар другар на озборувањето е доушништвото, кое е предав­ство на пријателската разговорна исповед. Таа е најраспространета работа, а е многу недолична на зрели мажи. Тоа обично го прават повеќе безработните жени и ним им е својствено. Тоа се таканаречените „јазичарки, љубопитни и зборуваат што не прилега.“ (1. Тим. 5, 13).

Таквите навики го развиваат полтронството меѓу браќата. Полтронот, за да го оправда оној за кого работи, свесно и на очиглед, противречи пред другите и црното го прави бело, а пред својот „господар“ и белото – црно, односно како што ќе рече „главниот“. Нему, ако му е добро да се каже така, ласкаво така ќе се изрече, па макар и на сите нека им е јасно дека не е така, туку поинаку. Но, со тоа и со таквото однесување само му се штети на „големиот авторитет“ и себе си, а не му се помага. Но за тоа не се свесни и двајцата: ни полтронот, ни „значајниот“.

На крајот, историското искуство, емпириски докажало дека тие полтрони, доушковси, ласкатели и шпиони лошо го завршуваат својот живот и страдале токму од оние за кои „работеле“.

Не се презентира правилно и скоро воопшто не се претпоставува вистината, а се служи на „некого“. Си ги чешаат јазиците и си ги полнат ушите со лажна елоквенција (красноречивост).

Така идолски ѝ се служи на супремацијата (врховната влст, на надмоќниот), а се отстапува од Бога и од вистината.

Така се хули и на вистината, а хулата е неопростив грев. (Матеј 12, 31).

Така се забораваат постулатите на Евангелието и верата.

Така братството пред Светиот олтар на Цркавата стана хетерогено (неединствено, поинакво).

Така се создаваат, на приватен и субјективен однос, симпатии и антисимпатии, со последици: заканувања, уценувања, потценувања.

Заборавена е Евангелската Божја заповед: „Како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив“. (Лука 6, 31; Матеј 7, 12).

Сигурно никој не сака со него лошо да постапуваат.

Оваа состојба на сите им пречи и затоа, во надминувањето на ова зло, секој нека почне од себе си. Од денес, веќе, не постапувај кон другите како до сега со лицемерие и злонамерност, туку со љубов. Почни ти така, а потоа така ќе направи и твојот брат, него ќе го следи и трет, и пет, и сите – дај Боже!

Почни ти! Почни и не прашувај зошто другиот не почне и кога ќе почне… Бог ќе го приведе и него кон доброто… А, ако ли не постапи и тој така, Бог ќе го праша кога и зошто не го направил тоа. Ти, важно, си му помогнал и со пример си го поучил.

На крај да заклучиме. Јасно нека биде за сите: Најпаметен нема! Само без лицемерство и потценување, а со братска љубов ќе има успех и добродејност. Ничие знаење да не се потценува. Никој да не се озборува, измамува, клевети и омаловажува. Ништо да не се обезвреднува. Да не се отфрла еден од друг, но и да не се преценува. Егоизмот да се потисне со братољубие, а лицемерието со искрена взаемна почит и меѓусебна помош.

Доста му е помошта на непријателот човечки – ѓаволот! Доста му беше олеснета работата на оној, кој сака да скара и да раздели, а потоа…

Затоа, сите ги повикувам на себебудење! Освестување!?

Кво вадис оче, владико!?
Кво вадис оче, свештениче!?
Кво вадис, ѓаконе!?
Кво вадис, пастире?!
Кво вадис, монаху?!
Каде одите сите пастири?!
Каде ви оди стадото и каде го водите?!